1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Слобода на медиумитеРусија

Слобода на печат: Русија се напушта порано или подоцна

Јури Решето
3 мај 2023

Многу независни медиумски професионалци ја напуштија Русија по почетокот на војната во Украина и сега работат во егзил. Малкумина остануваат во земјата и покрај загриженоста за безбедноста. Но, уште колку долго?

https://p.dw.com/p/4Qnh2
Печат медиуми Русија
Тешки денови за слободата на печатот во РусијаФотографија: Maca Vojtech Darvik/CTK/dpa/picture alliance

„Повторно десет Сибирци убиени во 'специјалната операција' во Украина“; „Судовите се занимаваат со наводите за тортура против затвореници во Иркутск“; „Американските врски на синот на гувернерот на Краснојарск“: Наслови што би можеле да ве одведат зад решетки во Русија. Сепак, креаторите на Taiga.info зборуваат за овие прашања и ја ризикуваат својата безбедност. Зошто? Затоа што знаат дека се потребни.

„Секако дека секој од нас се плаши“, признава уредникот Виктор Чистјаков во интервју за Дојче веле. „Но, или сте заробени во тој страв или го надминувате.“ Чистјаков секој ден го совладува стравот. И задоволен е што неговиот Taiga.info е меѓу 20-те најцитирани медиуми во Русија. Со само двајца постојани уредници во моментов. До пред неколку месеци биле дванаесет.

„Сите што можеа да заминат си заминаа. Во Русија се останати само неколку вистински новинари“, вели резигнирано 50-годишниот Чистјаков. „Ние донесовме одлука по 18 години да продолжиме. Затоа што нашата историја е овде.“

Наместо бизнис - мисија

Сепак, приказната за Taiga.info можеше да заврши минатата година, кога централната агенција за надзор на медиумитеРоскомнадзор го блокираше овој интернет портал.

Роскомнадзор  Русија медиуми
Руската централна агенција за надзор на медиумите, Роскомнадзор блокира бројни медиумиФотографија: Ramil Sitdikov/Sputnik/dpa/picture alliance

Оттогаш, до медиумот може да се пристапи само во шифрирана форма, преку таканаречениот ВПН-тунел. Но, тоа не ги одвраќа критичките читатели, вели Чистјаков радосно. Напротив: „Сега добиваме повеќе донации од нашите читатели отколку од компании како порано“. Севкупно, сепак, приходите се намалени и веќе не може да се зборува за бизнис, се жали уредникот. Наместо тоа, потенцира тој, неговата работа денес е мисија.

Но, мисија со ограничувања. „Принудени сме да не преминеме одредени црвени линии. Се трудиме да останеме во рамките на хоризонтот.“ Така Чистјаков ја нарекува законската рамка во која денес работат медиумските работници во Русија. Затоа, во знак на претпазливост, тој руската војна против Украина ја нарекува „специјална операција“ - како што наредиле властите - или, парафразирано, „познатите настани“. Патем, Taiga.info не известува директно за војната, туку за нејзините последици за луѓето во најголемиот дел од Русија, во Сибир - за економијата, социјалните проблеми и, се разбира, постојано за мобилизацијата.

„Порано или подоцна мора да ја напуштите Русија“

Ова е важна тема и за друг независен медиум во Русија: „Гроза“, во превод „Бура“. Нејзините творци седат во Казан, главниот град на Руската Република Татарстан, во Екатеринбург во Урал и во Новосибирск во Сибир. Тие се студенти кои пишуваат за студенти, „мрежа на студентски списанија во Русија“, како „Гроза“ се дефинира себеси.

Руските гласови против војната во Украина

Темите се движат од корупција на универзитетите до совети и правила за однесување на студентите при мобилизација. Главниот уредник Леонид Спирин за ДВ го опишува опсегот на теми на следниов начин: „За нас нема недопирливи. Безбедносните грижи на нашите вработени немаат ефект врз нашите уреднички насоки“. Уредничките конференции за чувствителни теми, како што се вели, се одржуваат преку шифрираната платформа за пораки „Сигнал“, не се наведуваат вистинските имиња на авторите, а се соработува и со локални адвокати кои би можеле да помогнат во секое време.

Русија новинари
Нема да престанеме да бидеме новинари, стои на транспарентот на новинарка на протест во МоскваФотографија: Natalia Kolesnikova/AFP/Getty Images

Во првите шест месеци по почетокот на војната, креаторите на „Гроза“ се обидувале да го почитуваат озлогласениот закон за т.н. „Дискредитација на руските воени сили“. Со него, меѓу другото, е забрането војната во Украина да се нарекува со нејзиното име. „Ова е репресивен закон“, критикува Спирин. „Неговата вистинска цел е заплашување. Во Русија имаше независни медиуми кои го следеа законот од самиот почеток. Тие сепак беа забранети бидејќи покриваа непријатни теми.“

„Гроза“, значи, ја нарекува војната со нејзиното име. Дали Спирин се плаши за своите млади колеги во Русија? „Се разбира, разговаравме за тоа и заклучивме: ако сакате да се занимавате со независно новинарство, треба порано или подоцна да ја напуштите Русија. Значи, напуштањето на земјата е само прашање на време.“

Сепак, во Русија сѐ уште има медиуми како „Гроза“ и „Тајга.инфо“. Тие сѐ уште „се обидуваат како и порано да известуваат со остар јазик и да обрнуваат внимание кон она што повеќето луѓе не го гледаат“, ја објаснува својата мисија Виктор Чистјаков. Тој се надева дека неговиот портал Taiga.info ќе продолжи со работа. До кога? Чистјаков се смешка. „Сѐ додека е можно.“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема