1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје - Фавела на духови

Александар Петров
Александар Петров
20 јануари 2024

Во таа нулта година ќе остане последната шанса за промена, точка од која ќе мораме повторно да започнеме. Доколку ја испуштиме, последниот Македонец би изумрел најдоцна до 2160 тата година. Пишува Александар Петров

https://p.dw.com/p/4bLCH
Фавела Рио де Жанеиро, Бразил
Најголемата Фавела во Рио де Жанеиро, БразилФотографија: SWR

Градот се изли по сите ивици и неговото стабилизирање ќе биде фатално во периодот што ќе следи.

За да си го појасниме тоа, потребни се неколку вкрстени анализи за да имаме во предвид дека таквиот див процес на трупање, веќе сноси последици кои многу тешко ќе можат да се променат, а ќе генерираат и репродуцираат дополнителни проблеми, по едно такво, веќе осакатено Скопје.

Иако не станува збор за класична деградација, резултатот што произлегува од еден таков инвестициски урбанизам е видлив, и може лесно да се спореди. Генерира една аномална магма, некаков вид на инфлација помеѓу слам, стамбена побарувачка и градежна девалвација, феномен на пропаднат урбан маркетинг, со ефект на катакомби, ама без супстанца, само како архитектонска бариера, или просто дефинирано како град фавела. 

Диво окупирање на земјиште 

Класичните сламови (фавели) се неформални населби, згуснувања кои се јавуваат по ивиците на самите метрополи, спонтано, во најразлични форми, со неконтролиран раст, ничија земја населена од маргиналци, лишени од било каква можност за просперитет. Диво и незаконско окупирање на земјиште, мноштво од бесправни стамбени импровизации, без урбанизам, без услови за живот, цензус или територијален интегритет на чии пространства е невозможно да се спроведе попис или било каква демократска сегрегација. Невидливо граѓанство запоставено од градот, без инфраструктура, струја, вода, без дигнитет. Иако се разликуваат по големина и структура, тие претставуваат црни дупки во урбаната морфологија, занемарени од политиката и институциите.

Еве некои од попознатите: Макоко во Лагос, Мансхиет во Каиро, Кибера во Најроби, Петаре во Каракас, Хелиополис во Рио, Неза ал коица во Мексико сити, Дхарави во Бомбај. 

Во Европа се ретка појава, а се особено изразени во Словачка (Луник 9 во Кошице) и Бугарија (Столипиново близу Пловдив) претежно како ромски поставки. Во Скопје општината Шуто Оризари е административна општина и не спаѓа во една таква категоризација. Бегалските кампови како инстантни позиции не припаѓаат во таквата споредба. 

Ако Дебар маало може да се нарече матрица генератор на една таква балканска појава во зачеток, тогаш Скопје би преставувало дериват или предводник на едно такво општество од хибриди на Балкански фавели. Дефинитивно ги надмина и Трешњевка (Загреб), Маини (Будва), Лакриште (Приштина), Савамала (Белград).

Хендикепирано општество 

Со појавата на градежни сплетки, на Балканот се создаваат почетоци на такви атипични форми, кои го ништат градското тло. Феномен кој го манипулира фиктивниот пазар на недвижности и репродуцира постојан градежен меур во облик на мутации, овој пат озаконети со имотен лист, како корниз на едно систематски уништено општество, уставно заштитено од Врховниот суд. Во секоја друга нормална држава (од Кина до Америка) таков меур произведува економски крах, само кај нас репродуцира фавеларизација, затоа што реално и не постојат банкарски заложници (средна класа) за купопродажба на такви масовни и масивни станбени понуди. Згора на тоа и произведените субстандардни единици го таманат целокупното ткиво на градот, парчејќи го јавниот простор во депонии и колонии кои немаат основна меѓунаселена комуникација и инфраструктура.

Политиката продолжува да ништи, иако демократски кажано, таа треба да биде продор до промени во едно такво хендикепирано општество. Погледнете  го само континуитетот на пасивност, да се елаборира било каков проблем или тренд на пропаст, а камоли нешто да се промени по самата таа инерција. Сироти службеници и ситни профитери коегзистираат во систем по дефолт, без да се има инстинкт за било каков заеднички интерес, за иднина, за развој, за реформа. 

Скопје, Северна Македонија
Центарот на СкопјеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Земете ги за пример сегашните експлицитни партиски општинари на Град Скопје и на општините Центар и Аеродром: Психоделија, Каприција и Ораторија. (Без општина Карпош, тој е посебен реликт- феноменологија). Различни по идеологија, а исти по баналноста: се сликаат, се демантираат, се експонираат, се плукаат, дремат по емисии, приредби и што ти не, само никако да седнат да се соочат со проблеми од јавен карактер и деградација, од кои сме сите засегнати. Верувам дека не е лесно да се решаваат натрупани проблеми, но што мајка бараат на позиција од која зависи целокупниот соживот за сите нас?

Гледано на подолг период ќе се најдеме во едно лимбо, каде демографијата ќе не совлада преку еден колабиран и неиздржлив социјално-општествен систем, без развој, разјаден од пандемија на корупција и клиентелизам, каде ризикуваме да останеме метафизика- единка на едно уништено пространство.

Во отсуство на статистички податоци за проекции на градот, а со фактот дека целата територија на државата ни е опостушена и концентрирана во главниот град, може да се земат во предвид податоците на државно ниво, како тие на пример на веб сајтот на Еуростат, бидејќи одамна сме прераснати во град држава. (Селата се веќе празни и опустошени уште од социјализмот).

Последната шанса за промена  

Ако се следат графиконите на Еуростат, може да се согледаат проекции и сценарија на подолг период. Доволно е да се анализира кривата линија (година по година) која е во постојан пад од 90-те години наваму, но посебно е загрижувачки тој салто мортале на истата таа линија во периодот од пандемијата па се до денес. Во 2019 година, државата брои 2.077.132, додека пак во 2023 година 1.829.954 жители. Таков систем како нашиот изгубил 247.178 жители, за неполни 5 години. Со проста калкулација, се разбира доколку си продолжиме по таквата инерција ризикуваме последниот жител да ни се роди до 2063 година. Во таа нулта, хипотетичка година ќе остане последната шанса за промена, точка од која ќе мораме повторно да започнеме. Доколку ја испуштиме и таа шанса, последниот Македонец би изумрел најдоцна до 2160 тата година.

Во едно такво сценарио, на нашата територија ќе останат само празни парцели испреплетени со пусти фавели, небитни за било каков живот. Гробиштата што ќе останат ќе имаат поголема вредност како меморија, во една таква фавела на духови. 

Сепак има и исклучок, во сиот овој градски хаос. Верувам дека исчекорот кој го направи Општина Кисела Вода со конкурсот за Расадник е една трошка надеж во тој делириум, дека сепак нешто е возможно. Самиот конкурс, кој конечно успеа да даде резултат, понуди низа квалитетни решенија кои ни отвораат можности и визија да се разбере колкав потенцијал се крие во еден таков начин на развој и напредок.

Треба да се охрабри градоначалникот кој, верувам, успеал да излезе од партиските стеги и да ни го подобри тој социјален аспект и еманципативен потенцијал.

Расадник мора да се подржи и да се спроведе во целост како што е зацртан, за да не заврши како конкурсот за Треска во Општина Центар.

Записот е посветен на мојата мајка. Прв текст кој нема да го прочита, затоа и тремата е толку неподнослива. 

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Александар Петров
Александар Петров Александар Петров е архитект кој живее и работи во Италија
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи