1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандал околу Младиќ: Вулин ги „презема” студентките

Драган Максимовиќ
17 јули 2023

Две студентки од Сараево кои на интернет го поддржаа Ратко Младиќ, што излезе во јавност на годишницата од геноцидот во Сребреница, ќе го продолжат своето школување во Белград - на покана на Александар Вулин.

https://p.dw.com/p/4Tzmn
Александар Вулин
Александар ВулинФотографија: Valeriy Sharifulin/POOL/picture-alliance

Валентина Вујичиќ и Слаѓана Тафиќ, студентки по криминалистика, криминологија и безбедносни студии на Универзитетот во Сараево, ќе го продолжат своето школување во Белград и тоа на покана на Александар Вулин, директорот на Безбедносно-информативната агенција на Србија, со финансиска поддршка од Република Српска.

Тоа засега е врвот на скандалот кој започна на социјалните мрежи во време на одбележувањето на 28-та годишнина од геноцидот во Сребреница и дента кога САД воведоа санкции против Александар Вулин.

Што се случи?

Сѐ започна така што на 11 јули на Инстаграм почна да се шири порака од студентка, на која покрај фотографија од осудениот воен злосторник Ратко Младиќ пишува „Осуден на бесмртност... беше и ќе останеш наш херој”.

На другата фотографија е втората студентка со подигнати три прста и облечена во маица со ликот на Митро Максимовиќ, четникот предводник на единицата Мандини лавови, која во војната беше во состав на војската на Република Српска.

Ратко Младиќ Хаг
Ратко Младиќ за време на изрекувањето на пресудата во Хаг на 8 јуни 2021 година на доживотен затвор за геноцид, злосторства против човештвото, кршење на законите или обичаите на војната за време на војната во Босна и Херцеговина 1992-1995 годинаФотографија: Elvis Barukcic/AFP/Getty Images

Нејасно е дали студентките ги репостирале своите објави од 2021 година или некој на 11 јули реагирал на тие стари објави со скандалозна содржина. Потоа следуваа бурни реакции, прво на социјалните мрежи, а дополнително огорченост предизвика одговорот на една од студентките, која напиша „и нека ве потепавме”. Потоа сето брзо се префрли во медиумите и јавноста.

Факултетот најави истрага, студентите протестираа и бараат казни

Веќе следниот ден со соопштение се огласи Факултетот за криминалистика во Сараево, во кое се најавува истражување на околностите. „Факултетот на 12 јули прими пријава за можно неадекватно однесување на студентка на социјалните мрежи, како и содржината на приватни преписки меѓу студенти, па деканот веднаш презема активности во рамки на своите надлежности за утврдување на фактите и околностите во врска со пријавата”, се вели во него.

Поостри беа од Студентскиот парламент при универзитетот во Сараево, од каде наведуваат дека е „неприфатливо што поединечни студенти на своите профили величаат воени злосторници токму на денот кога се одбележува геноцидот во Сребреница”.

Поради тоа на 13 јули се одржаа и протести со кои се бара измена на правилникот на Универзитетот и најстроги казни.

Што велат студентките?

Како што пренесуваат медиумите, студентките рекле дека спорната фотографија е настаната во 2021 година и дека „не им е јасно зошто сега е пуштена на социјалните мрежи”.

Исто така „не им е јасно зошто кренати три прста се квалификуваат како кривично дело и дека дури сега сфатиле оти во Сараево е забрането различно мислење”.

„Немавме намера кого било да провоцираме, ниту да предизвикуваме омраза. Подигањето три прста е во нашата традиција. Гледавме како колегите од бошњачка националност ги величаат и слават лидерите на нивниот народ и тоа не ни беше спорно. Зошто е спорно кога ние ќе ги споменеме нашите предводници? Заради што нам ни се закануваат со смрт, нѐ следат каде и да одиме, ни праќаат пораки со ужасна содржина”, изјавија двете студентки.

Медиумите пренесуваат дека студентките биле изложени на закани и навреди и дека поради тоа поднеле пријави до надлежните полициски управи.

Валентина Вујичиќ вели дека се плаши за својата безбедност поради опасните закани што ги добивала преку социјалните мрежи.

„Не сакам да се експонирам во јавноста заради својата безбедност. Од друга страна, не знам што ќе се случи, но секако сметам дека не сме безбедни на факултетот и дека каков и да е исходот од ситуацијата, треба да се дистанцираме од тоа место", рече Вујичиќ.

Поддршка од Република Српска и понуда од Вулин

Поддршка на студентките им даде претседателот на Република Српска, Милорад Додик, кој рече дека студентките кои се изложени на јавен прогон во Сараево - доколку сакаат - можат студиите да ги продолжат на факултет во Република Српска, нудејќи им и помош.

„Деновиве сме сведоци на веење воени муслимански знамиња со кои дојдоа во Република Српска, чии институции направија сѐ за провокациите да поминат без инциденти“, напиша Додик на Твитер.

Милорад Додик
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, им даде поддршка на студенткитеФотографија: OLEKSII FILIPPOV/SPUTNIK/AFP/Getty Images

Потоа очигледно уследи и понудата од Александар Вулин. На прес-конференција во источно Сараево, на 15 јули, на која присуствуваа и Валентина Вујичиќ и Слаѓана Тодиќ, директорот на компанијата “Сараево гас”, Недељко Елек, рече: „Кога се случи инцидентот, ме контактираше директорот на Безбедносно-информативната агенција на Србија, Александар Вулин, кој понуди овие храбри девојки да го продолжат своето школување на академијата за безбедносни науки во Белград”.

Елек, кој им пружал заштита, вели дека двете ќе бидат стипендисти на Србија и ќе имаат сместување во студентски дом во Белград, а останатиот финансиски дел од нивното школување ќе го преземе “Сараево гас” како компанија во сопственост на Република Српска.

Заминување во Белград како „награда”?

„После овие немили настани мислам дека на сите им е јасно оти не е можно продолжување на нашето натамошно школување во Сараево. Затоа со задоволство ја прифативме поканата на господинот Александар Вулин да го продолжиме школувањето на БИА-академијата за безбедност”, рече Тодиќ, која не сакаше да се осврне на настаните од изминатите денови.

Претседателот на Студентскиот парламент при универзитетот во Сараево, Фарук Девиќ, порача дека студентите се разочарани што во Сараево доаѓаат да студираат такви студенти. Тој исто така упати критики на сметка на соседната држава.

„За жал ова е преседан во кој официјалната политика на Србија покажа дека тие ги наградуваат оние кои слават злосторства извршени над нашиот народ и наградуваат глорифицирање на осудени злосторници. Тоа е ситуација која не помага на целокупниот развој на општеството и дефинитивно е потег кој не смееше да се случи. Се случи и покажа каква е вистинската политика на Србија”, рече Девиќ за Н1.

Сараево Босна и Херцеговина
Сараево: Управата на полицијата примила повеќе пријавиФотографија: Ziga Zivulovic jr./FA Bobo/PIXSELL/picture alliance

Реакција на правосудството

Управата на полицијата од Сараево примила повеќе пријави по повод објавите на студентките на социјалните мрежи.

„Формиравме предмет и го известивме обвинителството на БиХ. Дежурниот обвинител се изјасни и го оквалификува како кривично дело поттикнување национална, расна и верска омраза, раздор и нетрпеливост од член 145a на Кривичниот закон на БиХ, велат од сараевската полиција.

Тој член вели дека „оној кој јавно предизвикува или разгорува национална, расна или верска омраза, раздор или нетрпеливост меѓу конститутивните народи и останатите кои живеат или престојуваат во БиХ, ќе бидат казнети со затвор од три месеца до три години”, а обвинителството најави дека ќе формира предмет против Валентина Вујичиќ и Слаѓана Тодиќ поради објавените фотографии на социјалните мрежи што се толкува како ширење национална и верска омраза.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема