1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандал ја тресе мрежата на јавниот сервис во Германија

11 август 2022

За прв пат по 70 години на германската радио-телевизија, некој мора мора да замине од врвот на медиумската компанија. Скандал го тресе јавниот сервис во Германија и повторно наметнува стари прашања.

https://p.dw.com/p/4FMgt
Rücktritt von RBB-Intendantin Patricia Schlesinger
Фотографија: Monika Skolimowska/dpa/picture alliance

Шампањ дома на сметка на медиумската компанија, невообичаено високи суми за консултантски договори, службено возило, плата. Генералниот директор на Радио-телевизија Берлин-Бранденбург (РББ), Патриција Шлезингер, поднесе оставка по неколкунеделен притисок од јавноста.

Шеесет и едногодишната жена не само што беше на чело на покраинскиот јавен радиодифузен сервис РББ, туку и претседаваше со мрежата на девет покраински јавни радиодифузери АРД, како и Дојче веле од почетокот на 2022 година. Така, скандалот со Патриција Шлезингер предизвикува дебати низ целата земја - и повторно поттикнува барања за промени во радио и телевизиската мрежа на јавниот сервис.

Врски и неправилности

Прво, во јуни „Бизнис инсајдер“ објави за „неправилности“ во врска со Патриција Шлезингер и нејзиниот сопруг Герхард Шпрел. Берлинскиот саем потпиша договор за консултантски услуги со Шпрел во вредност од 100.000 евра, а шефот на надзорниот одбор на Берлинскиот саем, Волф-Дитер Волф, истовремено е и шеф на радио-телевизискиот одбор на РББ. Според тој медиум, Волф лично го иницирал договорот за Шпрел. Потоа следеа дополнителни откритија и во други медиуми.

Во текот на јули, Патриција Шлезингер се повеќе беше во центарот на скандалот. Стануваше збор за нејасни работи поврзани со градежните проекти на медиумската компанија со која таа раководи. Пред тие позиции, Патриција Шлезингер беше почитувана новинарка и дописничка на АРД од странство.

На чело на РББ, една од најсиромашните покраински радио-телевизиски станици, таа доби зголемување на платата за 16 отсто. Годишната плата и била 303.000 евра, а бонусот дополнителни 20.000 евра. Нејзината медиумска компанија и изнајмила и службен автомобил вреден 145.000 евра. Во него имало и седиште со масажер. И многу други детали за нејзината работна средина предизвикаа револт во земјата каде економската ситуација е се потешка. Дополнително, објавен е опис на вечерните гозби и пиењето шампањ во приватен стан - на сметка на РББ.

Rücktritt von RBB-Intendantin Patricia Schlesinger
Патриција Шлезингер, поднесе оставка по неколкунеделен притисок од јавноста.Фотографија: Paul Zinken/dpa/picture alliance

Судството покрена истрага

На 4 август, Патриција Шлезингер поднесе оставка од функцијата претседател на АРД - ова е прв ваков случај во 70-те години на мрежата на јавниот сервис во Германија. Три дена подоцна, таа поднесе оставка и од функцијата генерален директор на РББ. Таа рече дека дебатата за „можните грешки на директорот“ фрла сенка на работата на медиумската куќа. Таа зборуваше за „лични напади и клевета“. Два дена потоа беше објавено дека државното обвинителство води истрага против неа и нејзиниот сопруг поради сомнение за проневера и лична корист. Истрагата го опфати и шефот на управниот одбор на РББ, Волф, кој ја замрзна функцијата до крајот на истрагата.

Приватни наспроти јавни

Скандалот ја подгреа дебатата која трае долго време - дали АРД и ЗДФ, како медиуми од јавен интерес и значење за Германија, се премногу блиску до политиката или имаат доволно дистанца. За време на пандемијата, а и пред тоа, за време на демонстрациите на десничарските популистички движења, се почесто се слушаа гласови кои ја критикуваат програмската ориентација, а некои ја доведуваа во прашање оправданоста за постоењето на јавниот сервис.

Приватните медиуми кои постојат од средината на осумдесеттите години на минатиот век ја зајакнаа својата информативна програма - во која се слушаат крајно критички ставови кон медиумската мрежа на јавниот сервис. Во време кога приватните медиуми треба да заштедат пари, а некои весници се затвораат, се огласуваат и политичарите кои бараат мерки за штедење во јавниот сервис. Сличен развој може да се забележи во Франција и Велика Британија, каде што политиката се откажува од структурата на силни медиуми со јавно финансирање.

Слободни и независни

„Јавно-правната радио-телевизија“ во Германија има посебно значење од историски причини. По поразот на нацизмот, сојузниците - САД, Велика Британија и Франција - го организираа медиумскиот живот во нивните окупациски зони. Новоформираните јавни медиумски канали имаа задача да придонесат за развојот на демократската јавност преку слободно и независно известување. Моделот беше британскиот јавен сервис, кој се финансираше со претплата, но остана независен од државното влијание. Така, во 1951 година е создаден АРД - основан е од мрежа на покраински радио-телевизиски станици, а во 1961 година е основана Втората програма (ЗДФ), која била поцентрално организирана.

Deutschland | Querdenken Demonstration in Frankfurt
Демонстрации во ФранкфуртФотографија: Daniel Kubirski/picture alliance

РББ – исклучок или правило?

Во случајот со Патриција Шлезингер и РББ, и дополнителни фактори влијаеле на ваквиот развој на настаните. Медиумската компанија со години спроведува мерки за штедење и отпушта вработени, а никој од надлежните органи не го предупреди директорот за несоодветно трошење на средствата - ниту Советот за медиуми на ниво на АРД, надлежен за контрола на програмите, ниту реагираше Управниот совет кој е надлежен за финансиска контрола.

Штефан Нигемајер, експерт за медиуми, вели дека овие тела се составени од претставници на различни општествени групи кои ја вршат оваа функција на доброволна основа и не се експерти. Тој вели дека целиот скандал му наштетил на АРД, но смета дека тоа не е структурен проблем кој би излегол од опсегот на РББ. Она што се издвојуваше - дури и во специјалните емисии, РББ имаше крајно критички однос кон скандалот во кој беше вмешана директорката. Се слушаа и критики дека надлежните органи не реагирале навреме.

Како и да е, дебатата за состојбата на германскиот јавен сервис продолжува.