1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Минхенски стартап ѝ испорачува дронови на Украина

Андреј Гурков
1 февруари 2023

Германската влада финансира дополнителна порачка на украинската војска во минхенската фирма „Квантум-системи“. Инвеститор во стартап компанијата е и контроверзниот Питер Тил, основач на „Пеј Пал“ и вложувач во Фејсбук.

https://p.dw.com/p/4Muxh
Германски дронови „Вектор“ за Украина „Квантум-системи“
Германски дронови „Вектор“ за Украина од фирмата „Квантум-системи“Фотографија: Nicolas Armer/dpa/picture alliance

Борбени тенкови и извидувачки дронови: Украина од Германија наскоро ќе го добие и едното и другото. Тоа се дозна истиот ден минатата недела, но веста дека Берлин ќе ја снабдува украинската војска со тенкови „Леопард 2“ ја засени онаа од Минхен. Имено, младата стартап  компанија „Квантум-системи“ доби втора, многу поголема порачка за своите дронови „Вектор“ од Министерството за одбрана на Украина. Таа испорака ќе ја финансира германската влада.

Дронот „Вектор“ чини 180.000 евра

Извидувачкиот дрон „Вектор“ веќе ја докажа својата вредност во војната во Украина. Киев имено на почетокот на август лани порача 33, а сега, пет месеци подоцна, уште 105 парчиња. Инаку, уште пролетта минатата година, коосновачот и извршен директор на компанијата, Флоријан Зајбел, за германските медиуми изјави дека го контактирал еден украински милијардер кој сакал да купи дронови за војската на својата земја, а неговиот пример го следеле уште неколку други олигарси.

Беспилотните летала „Вектор“ значи во Украина беа во употреба уште во време кога многу политичари во Германија имаа сериозни сомнежи во целисходноста од испорака на оружје на Украина. Но, тоа и не е оружје, што воедно објаснува зошто германското Министерство за економија толку брзо издало дозвола за извоз. Тоа летало, кое го движат елиси со должина од 1,63 и распон на крилата од 2,8 метри, се користи за воздушно извидување. Во воздух може да помине до 120 минути, а пренесува видео снимки и податоци до далечина од 30 километри, што е домет на многу артилериски оружја.

Еден примерок чини 180.000 евра, а германската влада така ќе плати речиси 20 милиони евра за новата порачка од Украина. На прашањето зошто е „Вектор“ толку скап, Флоријан Зајбел за ДВ одговара дека тој е всушност еден од поевтините, зашто израелските или американскитевоени извидувачки дронови се многу поскапи: „Во него е вградена голема воена технологија: специјални антени, уреди за ноќно извидување, инфрацрвени камери, врски за пренос на податоци. Софтверот е развиван речиси цела деценија, на пример кога станува збор за контроола на навигацијата.“

Флоријан Зајбел, коосновач на „Квантум-системи“ со дронот „Вектор“
Флоријан Зајбел, коосновач на „Квантум-системи“ со дронот „Вектор“Фотографија: Quantum-Systems

Зајбел поминал 16 години во Бундесверот

Флоријан Зајбел на почеток немал намера да ја снабдува војската и се фокусирал исклучиво на развој и производство на мали,комерцијални цивилни летала. Претходно 16 години поминал во Бундесверот, прво како пилот на хеликоптер, а потоа на Универзитетот на германските вооружени сили во Минхен, каде работел на истражувања за својата докторска теза на Факултетот за воздухопловство. Во тоа време ги запознал трите идни коосновачи на компанијата, со еден од нив патентирал прототип на дрон, потоа се откажал од докторската теза и во јануари 2015. година ја основал стартап компанијата „Квантум-системи“.

Како дроновите можат да помогнат во борбата против шумските пожари

Во 2017. година започнало сериското производство на дронот „Тринити“, користен главно за премер на земјиште и правење мапи за земјоделски и градежни проекти, и тоа во Германија, Норвешка, Индонезија, Нов Зеланд, Гана и САД. Во тоа време нивниот дрон имал повремено задачи и во Украина, најпрво во земјоделството, а потоа и како дел од проектот во Чернобил. Таму со помош на мултиспектрални снимки од воздух се локализирани местата во шумата во кои е закопан радиоактивен отпад по хаваријата на нуклеарната електрана.

Развојот на беспилотното летало со двојна намена, „Вектор“, дизајнирано за употреба во војската, но и во полицијата, противпожарните бригади и за граничарите, започнал во 2018. година. „Секако, не можев да претпоставам дека Русите ќе извршат инвазија врз Украина, иако тоа веќе го направија во 2014. година на Крим. Но, имав чувство дека ние во Европа ја занемаруваме нашата безбедност и дека треба да посветиме поголемо внимание на тоа прашање“, вели Зајбел за Дојче веле.

Голема побарувачка за германскиот извиднички дрон

Според неговите зборови, специфичноста на такви проекти е што тие „често на почетокот се развиваат за потребите на војската, а потоа наоѓаат примена во цивилниот свет. Во овој случај беше обратно. Може, на пример, да се научи системот да се користи речиси како игра и тоа во рок од неколку часа.“

„Вектор“ е во сериско производство од 2020. година, а со испраќањето на првите примероци во Украина пролетта 2020., минхенската стартап компанија првпат ги користела своитебеспилотни летала во воени цели и тоа во воена зона. „Ние на Запад мораме да направиме сѐ што е можно оваа војна да заврши што поскоро, но можеме да ја натераме Москва да седне на преговарачка маса само ако Русите увидат дека ќе ја загубат војната. Сѐ додека сметаат дека можат да победат, ќе продолжат“, уверен е минхенскиот претприемач.

Украински војници со германскиот дрон „Вектор“
Украински војници со германскиот дрон „Вектор“ Фотографија: Quantum-Systems

По испораките во Украина, за извидувачкиот дрон се заинтересирале и други армии, германскиот Бундесвер, но и американската и холандската војска. Сосема е можно некои во Германија да го гледаат Зајбел како „воен профитер“.

„Да, ние сме економски победник во оваа војна, зашто заработуваме така што обезбедуваме технологија која е сега потребна“, признава Зајбел во интервју за Дојче веле, правејќи воедно паралели со германската компанија „Бионтек“, која заедно со американскиот гигант „Фајзер“ разви и на пазарот ја пласираше најуспешната вакцина против коронавирус. „Бионтек“ помогна светот да се ослободи од голема несреќа и чесно е основачите, но и инвеститорите кои со години ја финансирале нивната работа на сопствен ризик, да бидат за тоа наградени, вели Зајбел.

Познат инвеститор се приклучи на „Квантум-системи“

Неговата млада компанија, додава, исто така има голема одговорност кон инвеститорите кои ѝ довериле десетици милиони евра. Меѓу нив е и „Бајерн-капитал“, инвестоторска компанија од покраината Баварија, која посебно ја промовира воздухопловната индустрија и тоа пред сѐ во регионот на Минхен, каде е и седиштето на „Квантум-системи“.

Во октомври 2022. во минхенскиот стартап пари вложил и легендарниот американски инвеститор со германско потекло, Питер Тил. Флоријан Зајбел вели: „За нас тоа беше еден вид признание. Питер Тил секако е еден од најуспешните, ако не и најуспешен технолошки инвеститор во светот. Тој успеа да создаде финансиска основа со ‘Пеј Пал“, а потоа продолжи да инвестира, на пример на почетокот во Фејсбук.“

Секако, продолжува Зајбел, „знаеме дека Питер Тил е контроверзна политичка личност (поради поддршката на Доналд Трамп и десничарските републиканци во САД), но не е моја работа со него да разговарам за политика“. Во овој случај е клучно тоа што „Тил вложи во германска компанија за дронови како бизнисмен, зашто суштински верува дека е способна за нешто големо.“

Што се однесува до испорака на дронови за украинската војска, претставниците на компанијата „Квантум-системи“, кои веќе неколкупати патувале во Украина, моментално работат на организирање поправка на лице место, за да се избегне транспорт во Германија. По новата нарачка од Киев, таа работа е дополнително интензивирана, но Флоријан Зајбел не сака да открива детали, од разбирливи причини.