1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСрбија

Сите сме под настрешницата

4 ноември 2024

Изјава на граѓанка на Србија „сите сме под настрешницата“, јасно го опиша проблемот: она што како последица на нетранспарентност и корупција се случило таму, утре може се случи на друго место. Пишува Катерина Блажевска

https://p.dw.com/p/4mYtO
Србија Нови Сад спасувачи железничка станица
Спасувачи на железничката станица во Нови Сад, чија настрешница се урна пред неколку денаФотографија: Marko Djurica/REUTERS

Нови Сад, од улица „Зоран Ѓинѓиќ“ број 1  - до адреса во Скопје. Ова е релацијата што речиси секој викенд ја поминувал Васко Саздовски, македонски научник, вработен како виш истражувач во БиоСенс, новосадскиот истражувачко-развоен институт, кој се смета за пионер во дигиталната трансформација на земјоделството во Србија. Уривањето на настрешницата на новосадската железничка станица на први ноември, која однесе 14 животи и животно загрози уште три лица, засекогаш го запре неговиот пат.

Трагедијата реактуелизираше сериозно прашање, за кое битката сѐ уште не ја добиле земјите од Западен Балкан, иако декларативно ја водат секој ден - битката против корупцијата. Таа доживува пораз секогаш кога ќе се соочи со нетранспарентни проекти за градење или реновирање, со сомнителни надзори и реконструкции под велот на тајноста, заради интереси на изведувачите.

Изјавата на една граѓанка на Србија „сите сме под настрешницата“, сосема илустративно го опиша проблемот. Тоа што како последица на нетранспарентност и корупција се случило таму, утре може се случи на друго место. Никој не е заштитен.

Поуки и игнорирање

Проблемот е што лекциите од овој случај тешко се учат. Не мора да се урне цела настрешница, за да бидат загрозени човечки животи. Може да биде тоа и мал дел од фасада, како што се случи минатата недела на пешачката улица „Македонија“ во Скопје. Единствената причина што не беа загрозени човечки животи беше тоа што кафулињата во приземјето на зградата сѐ уште не биле отворени за гости, па настрадало само едно рекламно пано. Од Град Скопје брзо се оградија од каква било обврска по тоа прашање.

„За реновираните фасади на згради на улица Македонија кое го вршел Град Скопје кога градоначалник бил Коце Трајановски, а во рамките на проектот ‘Скопје 2014‘ за кој Владата во тоа време наменила средства, а кои се на објекти во туѓа сопственост, Град Скопје нема обврска ниту договор за одржување. За истото неопходно е да се обратите кај сопствениците на објектите“, порачаа од Град Скопје.

Делот од барокната фасада падна откако извесен период и станари и медиуми низ фотографии алармираа дека висат распукани парчиња, но од никаде немаше реакција. Сега во критична состојба се неговите соседни елементи, кои претставуват нова опасност. Ова не е единствен случај кој ја актуелизира важноста од редовна контрола и одржување на објектите, што бара пред сѐ, институционалан акција, а не само повик до станарите. Не смее да се зборави дека тие не ги засегаат само сопствениците во која било зграда, туку и поширокиот јавен простор, особено места кои се исклучително фреквентни со флуктуација на голем број граѓани, што ја зголемува потенцијалната опасност од повеќе жртви.

Услови за еден истражувач

Второто прашање што произлезе од случајот во Нови Сад, е домашниот одлив на стручни кадри, каков што несомнено бил Васко Саздовски. Најчестите прашања и коментари се - зошто заминал да работи во БиоСенс, зошто домашните институции не ги препознаваат и задржуваат таквите стручњаци? Но, прашање е и дали имаат што да им понудат?

БиоСенс е основан во 2015 година, а во април 2023 година неговата нова зграда свечено ја отвори тогашната европска комесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади, Марија Габриел. Финансирана е од ЕУ со 14 милиона евра, и со 20 милиони средства од српската влада, од кои 18 се обезбедени со кредит од Европската инвестициска банка.

Зградата во која работел Саздовски е прва во Србија која е изградена со специфични антивибрациски карактеристики. Нејзиното јадро „плива“ на четири гумени перници (изолатори) кои ги апсорбираат сите надворешни вибрации - од мал земјотрес или од движења на возила во околината. Причината за тоа е што таму се работи со чувствителна микроскопска опрема и сензори, кои заради апсолутна прецизност не треба да бидат изложени на никакви вибрации. Во истражувачкото јадро се елиминира и присуство на прав, преку филтрирање на сите честички преку специјални конструкции. Во, такви, идеални услови за еден истражувач, работел и Саздовски.

Кадри и конкурентност

Македонија нема таков институт, а нема ни изолатори против „вибрациите“ што повикуваат на стручен одлив. Саздовски претходно имал научна кариера во Македонија, но очигледно недоволно предизвикувачка за неговите капацитети, а во исто време и незабележана/невреднувана од оние кои се крстат во потребата од домашните стручни ресурси. Според медиумски наводи, негов проект дури и бил одбиен од ФИТР. Нема логичен одговор зошто таков истражувач со значајни иновации (роботика во земјоделството), не бил задржан во земјата. Во време на климатските предизвици, сензорските технологии на кои работел Саздовски се исклучително важни, бидејќи без знаење и истражувања во таа област не може да се обезбеди конкурентност.

А за тоа е потребно многу повеќе од она што кај нас се сведува на „ден на празот, на компирот, на бостанот...". Само Ден на стручноста, на истражувањето, на битката за стручни кадри, за развој на нови технологии, ќе можат да означат исчекор напред во сите области, па и во посочените - подалеку од руинирани стакленици, подалеку од настрешници урнати од корупција, изгубени кадри, а некогаш, за жал, и изгубени животи.