1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите го критикуваат, никој не се бори против непотизмот

17 јануари 2024

Непотизмот е една од најдеструктивните практики која постои на работните места и која одзема шанси на способни кадри да ја водат државата напред. Пишува Соња Крамарска

https://p.dw.com/p/4bKs9
Карикатура Непотизам
Карикатура за непотизмот на Мана НејестаниФотографија: Mana Neyestani/DW

Во Македонија надолго и нашироко се зборува за непотизмот, но оваа појава како да им одговара на сите и никој не сака сериозно да мисли на последиците. Како да спречите непотизам? Еве што велат експерти за тоа прашање: Развивање на активна анти-непотистичка политика; Детален опис на работното место за кое се распишува оглас; Одржување на редовни обуки на менаџерите за избегнување на непотизам; Креирање на транспарентна култура на вработување. 

Колку институции во нашата држава развиваат политики против непотизам? Со мирна совест можеме да кажеме – ниту една. Кога ќе се види што се препорачува за борба против непотизмот станува јасно и дека оваа појава не може да помине како детска болест како што вели премиерот Ковачевски, туку треба да се применат соодветни лекови.

Во Македонија, М-НАВ не е ниту прва ниту последна институција каде непотизмот игра главна улога при вработувањата. Таков е случајот и со Министерството за одбрана каде што работат најчесто барем по двајца членови од едно семејство, Министерството за внатрешни работи, државните клиники и Медицинскиот факултет, судството и обвинителството. Овие стратешки институции се полни со татини и мајкини синови и ќерки, кумови, сватови, золви и јатрви. Има и во други, но таму таа појава е најизразена веројатно поради бенефитите што ги уживаат вработените или што мислат дека ги уживаат.

Факт кој е помалку познат е и дека не мора некој од вработените да е политичар или да има врска со политиката за да може да си ги вработи синот, ќерката, сопругата, братот или снаата во институцијата каде што самиот работи. Напротив, таквите случаи се многу помасовни, отколку случаите кога политички личности ги вдомуваат членовите на своите семејства во перспективни институции и државни компании. Вработувањето на синот, ќерката или снаата во истото министерство е воспоставено веќе како стандард, како работна култура или награда за работникот кој бил кооперативен со раководството. И бидејќи многумина имаат корист, за оваа појава не се ни зборува, иако им штети на институциите и на компаниите, и услугите што тие ги даваат на граѓаните. 

Во такви услови прашање е и колку може да функционира хиерархијата на работните места, оцената на перформансите на вработените, и напредокот на институцијата, кога семејните врски играат пресуден фактор во работната средина. 

Татковци и синови 

Често семејните врски се користат и за дискредитација на јавни личности иако не мора да значи дека играле улога во нивниот напредок и кариерата. Информацијата дека Никола Груевски го стави својот прв братучед да биде директор на Управата за безбедност и контраразузнавање беше факт кој го обиколи светот како негативен пример за злоупотреба и приватизирање на јавни функции. За лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, пак, противниците постојано даваат квалификации дека е „татин син“ и дека докторатот по машински науки го стекнал благодарение на врските преку неговиот татко кој и самиот бил професор на Машинскиот факултет каде што сега изведува настава и Мицкоски. Од непотистички алузии не е поштеден ниту премиерот Димитар Ковачевски чиј татко беше еден од најистурените градоначалници на СДСМ, држејќи го во партиска кондиција Куманово како едно од клучните упоришта на социјалдемократите. Кон Ковачевски се упатуваат обвинувања дека токму поради татко му кога бил амбасадор во Црна Гора, тој во Подгорица стекнал докторат по економски науки. 

Се разбира сето тоа не мора ни да е точно, бидејќи децата имаат право на свои кариери и избор на професии без оглед што и каде работат нивните родители. И најчесто е природно ако дома растат со муабети за медицина, машинско инженерство, или за политика или за судство, и самите да ја одберат таа професија во обид да се идентификуваат со нивните родители на кои им се восхитуваат и ги сакаат.

И во светот има примери за непотизам, особено кај таканаречените политички династии кои се белег на Грција, или Кенедиеви во САД, таткото Буш и неговите двајца синови, кои во исто време беа, едниот претседател на САД, а другиот гувернер на Флорида, Бил и Хилари Клинтон и други. Многу често овие појави не се доживуваат негативно, но самиот факт дека во бизнис и политичката теорија се разработени техники за избегнување на непотизам, како и техники како еден вработен кој има конкурент со силен грб да се справи со ситуацијата, покажува дека непотизмот е прифатен како сериозен проблем на работните места како за организациите, така и за вработените кои немаат врски, а работат со колеги кои влегле преку семејни врски и напредуваат по истиот принцип. 

Непотизмот и транзицијата 

Претседателот на Синдикатот на М-НАВ, Александар Тасевски критикуван дека во оваа државна компанија бил вработен, прво неговиот татко, а потоа и тој и брат му, рече дека ги поминал сите обуки и дека ги добил потребните лиценци за работа, сугерирајќи дека нема никаков проблем што половина од неговото семејство работи во компанија каде се добиваат највисоки плати во државата. Но вистинското прашање е дали поради лобирањето на неговиот татко да биде примен синот, не е одземена шансата на некој друг исто така способен кој можел да ги заврши успешно обуките и да добие лиценца за контролор на летање. Односно во компанија каде што на еден од конкурсите за осум места се пријавија 250 кандидати (случајот од 2022 година) тешко може да се одбрани тезата дека синот е примен затоа што покажал најдобри резултати, а не затоа што таткото кој што веќе е вработен таму имал пристап до комисијата за прием за да лобира за неговиот син. 

Докажано е дека непотизмот влијае фрустрирачки и деморализирачки на работната средина и воопшто во општеството каде што е присутен. Исто така придонесува да се губи квалитетна работна сила бидејќи никој не сака да работи и да аплицира за унапредување со колега чиј татко, мајка, брат или сестра имаат влијание врз вработувањата и унапредувањата. Се вели дека непотизмот е една од најдеструктивните практики која постои на работните места. 

Па, замислете дали некој друг имал шанси да се вработи во М-НАВ кога за работното место се пријавила сестрата на министерот Бујар Османи или внукот на министерот за земјоделство Љупчо Николовски? 

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека вработувањето роднини на функционери во државните институции е карактеристика на општествата во транзиција и такви се сите држави кои поминале низ транзиција. Неговата аргументација се сведува на тоа дека непотизмот е придружник на транзицијата што е донекаде вистина, но прашањето кое треба да се надоврзе на неговата констатација е дали непотизмот е и една од причините за предолгата транзиција на Македонија. И дали на непотизмот кој е „помал брат“ на корупцијата треба му се стави крај или и натаму ќе биде главен фактор во уредувањето на општествените, политичките и бизнис односите.

 

Соња Крамарска
Соња Крамарска Уредник, новинар и политички аналитичар
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи