Леб со бурек или симит погача е традиционален појадок во Стара чаршија, во Скопје. Мајсторот за симит погача Серкан Ејуп, со насмевка вели:
„Луѓето се смеат затоа што им е интересно, леб во леб. Тие така го мислат тоа. А тоа всушност не е леб во леб, туку мрсен бурек во леб. Затоа и го балансира, значи, мрснотијата со лебот“.
Симит погача се служи со јогурт или чај. Долги редици за симит погача се прават од рано наутро.
„Јас сум четврта генерација во овој дуќан. Прадедо ми е тој што прво ја извадил симит погачата. И така, по традиција, ништо не менуваме во рецептот и не додаваме“, објаснува Ејуп Серкан.
Но, занаетот е загрозен, нема подмладок, се жали тој:
„Веќе 80 проценти, оваа работа се изгуби. Има многу кои заминаа во Европа и многу е тешко за нови генерации“.