1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На Германија (повторно) и се заканува рецесија

АРД
30 август 2024

Потрошувачката клима во Германија е значително влошена. Луѓето стравуваат од губење на работното место, па ги намалуваат трошоците. Германците штедат и така го шират стравот од рецесија, велат експертите.

https://p.dw.com/p/4k5Hh
Шопинг
Германските граѓани се загрижени за своите работни места и трошат помалкуФотографија: Jonas Walzberg/dpa/picture alliance

Расположението на германските потрошувачи изненадувачки (повторно) се влоши. Поради тоа, зголемен е стравот од рецесија. Барометарот на потрошувачката клима во август падна на минус 22 поени. Еден месец претходно беше минус 18,6 поени, како што објавија ГфК, најголемиот германски институт за истражување на пазарот и НиМ, Нирнбершкиот институт за пазарни одлуки.

„Очигледно, еуфоријата предизвикана од Европското фудбалско првенство во Германија беше краткотрајна и исчезна по завршувањето на турнирот“, вели експертот за потрошувачка на НИМ, Ролф Биркл. „А има и негативни вести во однос на сигурноста на работното место. Ова е причината за растот на песимизмот и поради сето ова не можеме да очекуваме брзо подобрување на потрошувачкото расположение“. 

Се повеќе стечаи 

Бројот на невработени во последно време изненадувачки многу порасна. Во Германија се бележат се повеќе стечаи на фирми, а разни компании најавуваат отпуштања, односно намалување на бројот на вработени. Кај многу граѓани сето тоа заедно го зголемува стравот за сопственото работно место, односно за приходите, вели Биркл.  

Ролф Биркл
Луѓето се помалку трошат, а тоа го зголемува ризикот од рецесија, вели експертот за потрошувачка на НИМ, Ролф БирклФотографија: Daniel Karmann/picture alliance/dpa

Истражувачите на пазарот забележаа и пад на очекувањата на потрошувачите во однос на сопствените приходи - од 16,2 поени на 3,5. Ова е најголем пад од септември 2022. А тоа значи дека потрошувачите стравуваат од пад на куповната моќ, односно дека ќе имаат помалку пари на располагање. Во септември 2022 година, граѓаните се соочија со стапка на инфлација од околу осум проценти, што потоа влијаеше на голем пад на куповната моќ. 

„И покрај реалното зголемување на куповната моќ, што во моментов го гледаме во многу домаќинства, очигледно е дека меѓу луѓето повторно се шири се поголема несигурност“, објаснуваат од институтот ГфК. А тоа, од друга страна, значи дека луѓето штедат повеќе.

БДП во благ пад 

Економистите неодамна пресметаа дека зголемувањето на куповната моќ може да влијае и на зголемувањето на потрошувачката, но се чини дека засега тоа нема да се случи. А, фактот што луѓето не трошат, туку штедат, го зголемува ризикот од рецесија во Германија.

И проблемот не е само во потрошувачката клима. Лошо расположение преовладува и во германските компании. Германскиот бруто домашен производ (БДП), по скромниот раст од 0,2 отсто на почетокот на годината, повторно благо падна во вториот квартал од оваа година - од април до јуни БДП порасна минимално (0,1 отсто). Во тековниот трет квартал очекувано се заканува нов пад. И кога БДП паѓа во два последователни квартали, економистите го користат терминот „техничка рецесија“.

Дали ќе дојде до неа? Истражувачите од минхенскиот економски институт ИфО веруваат дека ова сценарио е реално. Централната банка (Бундесбанк) очекува благ раст на БДП во третиот квартал.

Но, актуелните податоци за развојот на БДП во вториот квартал од годинава откриваат и лоша состојба во однос на домашната, приватната потрошувачка. Таа падна за 0,2 отсто во пролетниот квартал, потврди Сојузното биро за статистика. А тоа значи дека (очекуваниот) позитивен ефект од растот на платите и намалувањето на каматните стапки врз германскиот БДП изостана.