1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се вжештува судирот за избор на нови антикорупционери

ДТЗ
30 ноември 2023

Се редат обвинувања за партизација и изигрувањето на процесот на избор на нови членови на ДКСК. Откако ќе го поминат собранискиот филтер, тие треба да стапат на функција идната година

https://p.dw.com/p/4ZbzD
кандидати
Седум кандидати - низа полемики за новиот состав на Антикопруциската комисијаФотографија: Felix Jason/imago images

Ранг-листата на најдобри кандидатиза следниот состав на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) предизвика жестоки полемики во јавноста. По издвоеното мислење на членката на Комисијата за селекција, Снежана Камиловска-Трповска која посочи на „необјективно и оркестрирано гласање на другите членови на Комисијата“, во нејзина одбрана застана и Платформата на граѓански организации за борба против корупција. Тие остро ги осудуваат партизацијата и изигрувањето на процесот на избор на нови членови на Антикорупциската комисија. 

Како е направена селекцијата?

На ранг- листата која ја објави Собранието, највисок просек (76 ) има Татјана Димитровска, која е вработена во Државниот завод за ревизија. Таа е предложена да ја наследи сегашната претседателка на ДКСК, Билјана Ивановска, чиј мандат наскоро истекува и нема право на повторен избор.

На ранг листата, веднаш зад Димитровска е судијката во Основниот суд - Софија Спасова Медарска со 75,86 бодови, потоа двајцата досегашни советници во ДКСК - Билјана Каракашова Шулев (74,28) и Бесник Џемаиљи (74,14), како и ревизорите Зоран Богоевски(73,57), Цвета Ристовска (70,57) и Демири Сервет (67,28).

За бодувањето решаваше Комисијата за селекција составена од четворица пратеници  - Фаница Николовска од СДСМ, Берат Ајдари од ДУИ, Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ и Кастриот Реџепи од БЕСА, заменик народниот правобранител Јован Андоновски и како претставници на граѓанскиот сектор - Снежана Камилоска Трпкоска и Никола Додов.

За членови на антикорупциската комисија беа пријавени 41 кандидат. Мандатот на актуелниот состав на Антикорупциската комисија е до февруари 2024 година.

Партиски влијанија

Трповска во издвоено мислење посочи дека има различна перцепција за избраните кандидати. Спорно за неа е што кандидатите кои манифестирале одлични познавања од областа, спремност за директен и недвосмислен одговор и со одлични компетенции не биле добро оценети од страна на другите членови.

Зад нејзиниот став, застанаа граѓанските организации. Платформата на граѓански организации за борба против корупција цени дека партиските влијанија врз изборот на претседател и членови на ДКСК, негативно ќе влијаат врз објективноста и непристрасноста на Комисијата во спроведување на сериозните законски надлежности коишто ги има, како еден од главните чинители во борбата против корупција во земјата.

Антикорупциска комисија
Мандатот на актуелниот состав на Антикорупциската комисија е до февруари 2024 година.Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Меѓусебни обвинувања

Но, членот на комисијата - заменик народниот правобранител Јован Андоновски остро реагираше на наводите дека на одредени кандидати им давал по 100 поени, со што тие испливале на површина на листата. „Еден од главните услови при моето оценување на кандидатите беше нивното искуство и придонес во областа, како и да не се партиски експоненти“, вели Андоновски во објава на социјалните мрежи. 

Тој посочува дека условот за неговото учество во оценувањето и изборот на кандидатите бил исклучиво да нема избор на партиски кандидати.

„Видно од ранг листата, ниту еден партиски експонент не доби доволен број на гласови при изборот“, наведува Андоновски. Според него, „имало обиди за влијание од страна на одредени политички партии и НВО во однос на неговото гласање, на што не подлегнал“.

Андоновски вели дека не е професионално за лица кои имаат децениско работно искуство со потесна специјалност, докажани резултати и кои континуирано се едуцираат да се коментира дека се неуки и несоодветни кандидати за своите позиции. „Мноштво од селектираните кандидати имаат далеку повисоко образование и поширок спектар на знаење и искуство отколку лицето кое се обидува да ги оцрни избраните кандидати“, наведува тој во објавата. 

Ако некој од предложените кандидати, коишто ја добиле неговата поддршка при селекцијата, ја изневери довербата или пак се испостави дека се поврзани со политичка партија или интересовна група, или пак имаат дамка во кариерата, Андоновски вели дека јавно ќе ги повика да поднесат оставка.