Веројатно нема поозлогласен сектор во Северна Македонија од администрацијата. Критиките се за нестручност, неетичност, партиска послушност, но како никој повеќе да не ја споменува превработеноста која стана заштитен знак за оваа област. Темата повторно се актуелизира со штрајкот на вработените во повеќе министерства и неколку институции кој започна во вторникот (14.01.) со барање за зголемување на платите од 30 проценти. Ако се гледа фер, во секоја средина, па и во администрацијата, има чесни и вредни работници кои заслужуваат пазарна валоризација на нивниот труд, но ниту загрозените ниту останатите не го прифаќаат фактот за обемноста и гломазноста на административниот апарат.
Министерот Горан Минчев вели дека само 30-40 проценти си ја работат работата, а како продолжение на неговата изјава може да се додаде дека останатите 60-70 проценти земаат плата за клатење врата. Но и во оваа прилика изостана бројката на вкупни вработени во институциите кои треба да бидат сервис на граѓаните во име на државата. Ако до пред десетина години се објавуваа такви бројки со задолжителни ветувања дека администрацијата ќе се намали, денес тоа повеќе не е случај. Некои процени се движат околу бројката од 130.000 вработени. Кокетирањето со гласачите и нудење работно место за глас повеќе на избори, направи од администрацијата опасен мастодонт кој ако сака може да проголта било која влада на избори. Оттука и вистинската реформа, а не само дигитализацијата, туку и намалувањето на бројот на вработени, стана голем политички залак за секоја власт.
Според податоци што беа објавени од поранешната опозиција, а сега влада, на преминот од 2023 во 2024 година, кога изборите веќе беа извесни, претходната влада донела одлука за трансформација на договори на определено време на неопределено за 2700 луѓе. Но исто беше и кога ВМРО-ДПМНЕ заминуваше од власт во 2016 година. Едно работно место вреди неколку десетици гласови затоа што освен од вработеното лице награда за партијата доаѓа и од неговото семејство, па дури и од пријателите кои сакаат да го поддржат вработувањето.
Европа бара систем
Не помогна ни правилото за секое вработување да треба да се добие зелено светло од Министерството за финансии. На некој волшебен начин Министерството ги одобрува сите вработувања. Нема друго објаснување за растот на администрацијата, затоа што ако имало одбивање тоа ќе се види во бројот на вработените.
На конференцијата за иновација на администрацијата, што се одржа во ноември 2024, шефот на Владата, Христијан Мицкоски, рече дека администрацијата е ликот и срцето на државата. „Ова е тема која не само што го одредува квалитетот на услугите што ги добиваме како граѓани, туку и го обликува лицето на нашата држава. Јавната администрација е срцето на секоја држава. Кога таа функционира добро, функционира целото општество“, рече тој.
Но и Мицкоски не го спомна намалувањето на администрацијата. Идат локални избори, а гневот од отпуштањата може да се рефлектира врз изборниот резултат. А и ВМРО-ДПМНЕ е позната по популизмот и додворување на гласачкото тело. Тоа пак дава гориво за натамошно ширење на администрацијата и нејзино „јавање“ врз грбот на бизнисот.
Замрзнувањето на преговорите за членство во ЕУ ја прават состојбата уште потешка. Патоказот за реформата на јавната администрација е воведен бенчмарк за Кластерот 1 од преговорите на поглавјето „Темелни вредности“. Европа бара систем врз основа на заслуги, транспарентно вработување и отпуштање, брзо усвојување на ревидирани закони за јавната служба, како и јасни правила на вработување, оценување и отпуштања на раководниот кадар. Бара и намалување на бројот на вршители на раководни функции, подобро собирање податоци за отпуштања, жалби против отпуштања и користење на привремени договори на вработување, како и договори на дело во администрацијата.
Партиските книшки во аут
За Владата, не само оваа, туку и за претходните, тоа е многу тешко да се исполни. Тоа значи ставање во аут на партиските книшки, а пред сѐ на партиските комисии за вработувања кои постојат, но се чуваат во тајност. Подобро упатените знаат дека ниту едно вработување во јавната администрација не може да се реализира без партиската комисија, без разлика кој и да е на власт. Така е и кај ВМРО-ДПМНЕ, така е и кај Социјалдемократите, а ништо подолу не се ниту ДУИ и ВЛЕН. Ни пиле не смее да прелета без да се изјасни партиското началство. Во такви услови на министерот за финансии, кој ја дава согласноста за вработувања, му останува само да аминува глумејќи буџетски математики кои брзо паѓаат пред партиските математики.
Затоа на Северна Македонија ѝ е потребна Европската унија. Расчистувањето со гломазниот буџетски апарат нема да се случи никогаш, ако не мора. А преговорите тоа го решаваат ефикасно, затоа што ако не се оптимизира и европеизира администрацијата, нема чекор напред кон членство во Унијата. Во последниот извештај за напредокот на државата Европската комисија оцени дека има стратегија за реформа на администрацијата, но дека не е ефективна. Владата деновиве, откако се остварија заканите за штрајк, почнува да се буди во врска со тоа прашање, меѓутоа засега нема место за оптимизам бидејќи искуството покажа дека за подобрувањето на администрацијата многу се зборува, но малку се прави.
Следната есен ќе има локални избори, а доколку се зголемат внатрешните тензии околу непродолжувањето на преговорите со ЕУ, не е исклучено Владата да сака да ги потврди своите црвени линии за преговарачката рамка со уште една рунда избори. Изборите секогаш значат мораториум за носење на тешки и големи одлуки, па оттука не е тешко да се претпостави и дали ќе има сеча на администрацијата. Односно, лесно е да се прогнозира дека ќе нема. Купувањето гласови преку вработување во администрацијата ги ставаше сите досегашни влади под жестока уцена и ги попречи напорите за европеизирање на овој сектор. Нема знаци дека и сегашната Влада ќе биде исклучок од тоа.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.