1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Техничка влада: Се кршат копјата околу Талат Џафери

ДТЗ
12 декември 2023

Премиерот Димитар Ковачевски е дециден дека не се крши Законот за Влада со тоа што Талат Џафери е предлог за технички премиер, а не човек од неговата партија.

https://p.dw.com/p/4a3pp
Талат Џафери
Техничка влада: Се кршат копјата околу Талат ЏафериФотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Не стивнуваат реакциите околу одлуката на ДУИ Талат Џафери да биде првиот премиер Албанец кој ќе ја предводи техничката влада на 100 пред изборите на пролет. Премиерот Димитар Ковачевски е дециден дека не се крши Законот за Влада со тоа што Талат Џафери е предложен за технички премиер, а не човек од неговата партија.

„Прво, не се крши Законот затоа што и оваа и претходната влада се коалициски влади и ако го погледнете мандатот што го доделува претседателот на државата, тој ѝ го доделува на коалицијата. Односно, таа која има најмалку 61 пратеник во Собранието, така се доделува мандатот.Така што со тоа ништо не се крши“, изјави Ковачевски по обраќањето на конференцијата „Транспарентност и отчетност: Совршен пар за враќање на довербата во јавните институции“ во Скопје.

Димитар Ковачевски, Али Ахмети
Димитар Ковачевски е дециден дека не се крши Законот за Влада со тоа што Талат Џафери е предложен за технички премиер од ДУИ, а не човек од неговата партија.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Кој треба да предложи премиер?

И собранискиот спикер, Талат Џафери, во интервју на ТВ21 го изнесе својот став дека нема ништо противуставно во тоа ДУИ да ја предводи функцијата премиер на техничка влада. На прашањето кој треба да предложи премиер, најголемата партија во Собранието или коалицијата со најголем број на пратеници, истакна дека политичкиот договор меѓу ДУИ и СДСМ е базиран на Уставот.

Место најголемата партија, премиер предлага коалицијата со најголем број на пратеници. „Ако законот вели партијата со најголем број пратеници, согласно Уставот Влада или премиер предлага коалицијата со најголем број пратеници. Значи иако во Законот за Влада така пишува, Уставот дава можност премиер да биде предложен од коалицијата која има 61 или повеќе пратеници“, вели Џафери.

На предлогот на ДУИ, се спротивстави опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Но, Џафери вели: „ВМРО-ДПМНЕ го прифати Талат Џафери за министер за одбрана во 2013, зошто би имале против да ме прифатат за премиер“.

Законска обврска

Џафери не ја исклучува можноста да има техничка влада без ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека и во претходната техничка влада беше разрешен министер од редовите на оваа партија.

Но, премиерот Димитар Ковачевски вели дека е законска обврска на партиите, а меѓу нив и на ВМРО-ДПМНЕ да делегираат свои претставници во техничката влада. 

„Како што е за мене законска обврска да поднесам оставка 100 дена пред избори, со што целата влада е практично во оставка, обврска на сите политички партии е да учествуваат во влада која треба на техничко ниво да ги спроведе изборите. Со тоа ќе имаме демократски процес на кој нема да има ниту една дамка. Сметам дека сите партии, согласно законот, треба да ги делегираат своите претставници во техничката влада која ќе работи 100 дена. Во законот нема импровизација“, рече Ковачевски.

Христијан Мицкоски
Oрганите на партијата во следните неколку дена ќе одлучуваат дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничката влада. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Се чека одлука

Oрганите на партијата во следните неколку дена ќе одлучуваат дали ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничката влада. Пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски смета дека доколку партијата донесе одлука да биде дел од техничката влада министрите кои ќе ги добие ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат поголеми шанси да ја направат владата потранспарентна и да можат да попречат незаконитости кои планираат да ги прават СДСМ и ДУИ.

„Ќе заседаваат Извршниот и Централниот комитет, но сметам дека кога владата ја предводи човек како Талат Џафери кој безброј пати го прекршуваше Деловникот, кој не го пополнува местото член на ДИК кое и следува на опозицијата, а со месеци го влечка овој оглас и не го става на дневен ред, тогаш тој што би имал намера да не учествува во ваква влада за организирање на избори, може само да им даде поголема шанса на Џафери, Груби, Спасовски да прават малверзации“, изјави Милошоски за ТВ Сител.

Претседателот Стево Пендаровски деновиве во интервју за „360 степени“ на МРТ1 рече дека неговата проценка е дека „сè уште има потреба од техничка влада“ сè додека земјата не дојде до ниво на политичка култура во која партиите ќе научат да признаат изборен пораз веднаш што ќе биде јасно кој победил.