1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се „крчка“ одлуката за цената на струјата

ДТЗ
24 јуни 2023

РКЕ ги прави последните пресметки, откако пристигна понудата на ЕСМ за цената на електричната енергија. На седница в понеделник ќе се знае дали и колку ќе поскапи струјата.

https://p.dw.com/p/4SzXh
струја
Се прават последните пресметки околу цените на струјата, откако пристигна и последната понуда од АД ЕСМ. Премиерот Димитар Ковачевскки порача дека не очекува зголемување на цената на електричната енергија. Фотографија: picture-alliance/dpa

Се прават последните пресметки околу цените на струјата, откако пристигна и последната понуда од АД ЕСМ. Премиерот Димитар Ковачевски, денеска порача дека  не очекува зголемување на цената на електричната енергија. 

„Не очекувам ценовен шок, истото го кажав и пред сега веќе претпоследното определување на цената на струјата. Тогаш сите велеа дека ќе има зголемување на цената на струјата од 30 до 60 проценти. Тоа беа истите тие кои беа експерти за корона, а потоа станаа експерти за енергетика, сега се експерти за уставни измени. Тоа се истите скептици, истите критизери кои единствено сакаат да внесат немир и дезинформации кај граѓаните“, рече Ковачевски по посетата на компанијата за производство на фина картонска амбалажа „Еврос Комерц“ во Старо Нагоричане.

РКЕ ќе „пресече“ за струјата 

Цената на електричната енергија ја дефинира Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Во понеделник (26 јуни), регулаторното тело ќе одржи подготвителна седница на која на енергетските компании детално ќе им се презентира кои трошоци се прифатени.  

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски деновиве изјави дека доколку бидат прифатени  барањата на компаниите, тоа би значело зголемување на цената на струјата за 13 проценти. Електродистрибуција има побарано зголемување на цената за дистрибуција од 32 проценти, МЕМО, операторот на пазарот на електрична енергија, од 83,3 проценти, а МЕПСО како оператор на преносниот систем од 53,51 проценти. 

Денеска понуда достави и АД ЕСМ до ЕВН Хоум како универзален снабдувач, за купопродажна цена на електричната енергија од 53 евра за мегават час за покривање на 100 проценти од вкупно планираните количини.  „Оваа цена е за околу 5,35 проценти пониска од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јануари-јуни 2023), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 56 евра за мегават час“, информираат од ЕВН Хоум. 

Марко Бислимоски
РКЕ во понеделник ќе одржи седница на која ќе се знае дали и колку ќе поскапи струјата. Фотографија: DW/K. Delimitov

Во цената не е пресметано и ДДВ-то, кое од јули треба да се врати од 10 на 18 отсто, што дополнително ќе ја оптерети пресметката за крајната цена, која на тој начин, би се зголемила за дополнителни 7 проценти. Поради тоа, Бислимоски смета дека е прерано да се врати ДДВ-то за струјата на 18% и дека ваквата мерка треба да се пролонгира за од јануари. 

Бислимоски не е е приврзаник на идејата за зголемување на цената на струјата, особено сега кога фотоволтаичните електрани го намалија притисокот за увоз на струја во земјата. И министерот за економија, Крешник Бектеши неодамна изрази уверување дека цената на струјата, најверојатно, нема да се покачи за 13 отсто како што бараат дел од компаниите. 

Броилата ја кочат евтината дневна тарифа 

Засега отпадна од игра воведувањето на дневна евтина тарифа за струјата, поради технички проблеми со кои се соочува ЕВН. 

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека за тој процес на ЕВН му е потребно време за да ги намести броилата во домаќинствата. „Ако биде донесена таква одлука, бидејќи не можам да зборувам во име на Регулаторната комисија за енергетика, тогаш сигурно на ЕВН ќе му биде потребен опреден временски период за да тоа го воведе во сите броила на домаќинствата“, рече Ковачевски. 

Од РКЕ деновиве информираа дека се прават напори да се забрза процесот и да не се чека една година за подесување на броилата.