1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаФинска

Ќе продолжат ли непријатностите за Сана Марин?

СН/агенции
24 август 2022

По вторпат за само неколку дена финската премиерка се најде под притисок. Најнапред за едно парти-видео а потоа за непримерна фотографија. Некои медиуми во земјата прогнозираат нови непријатни изненадувања за Марин.

https://p.dw.com/p/4FxhC
Сана Марин реагираше со прес-конференција откако контроверзното парти-видео беше објавено во јавноста.
Сана Марин реагираше со прес-конференција откако контроверзното парти-видео беше објавено во јавноста. Фотографија: Roni Rekomaa/Lehtikuva/IMAGO

Финската премиерка, Сана Марин, се извини поради контроверзната фотографија која се појави на социјалните медиуми, а сега кружи по финските медиуми, а е снимена во нејзината резиденција, и на која две жени се бакнуваат, со подигнати блузи и откриени гради преку кои пишува „Финска“.

Ниту една од жените на фотографијата не е Марин. Премиерката на Финска потврди оти спорната фотографија е снимена во нејзината официјална резиденција по музичкиот фестивал кој беше одржан меѓу 8 и 10 јули.

„Мислам дека не е примерна. Се извинувам поради тоа. Ваква фотографија не требаше да биде сликана“, им рече Марин на новинарите во Хелсинки. Таа додаде оти во нејзината резиденција биле нејзини „пријатели“ во тоа време, дружејќи се и посетувајќи сауна.

Кому му пречи танцувањето на Сана Марин?

Фотографијата прво беше објавена на налогот на Тик Ток на поранешна учесничка на изборот мис Финска, која е и на фотографијата.

Финскиот најголем финансиски весник Хелсиншки вести вчера наведе дека изгледа Марин „изгубила контрола“, и оти би можеле уште фотографии и видеа од нејзиниот приватен живот да доспеат во јавноста.

Овој нов скандал се случи помалку од една недела откако 36-годишната финска премиерка беше цел на критики поради видеото во кое се гледа како се забавува со пријателите на забава. Таа по притисокот од јавноста се тестираше и на дрога, иако по забавата изјави дека не земала дрога, туку само танцувала и пиела алкохол.