1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит на ОН: Шолц се залага за поодржлив свет на финансиите

Инес Пол | Томас Лачан
18 септември 2023

Целите за одржлив развој на ОН служат како насоки за тоа како во иднина сакаме да се однесуваме кон нашата планета. На состанокот на врвот во Њујорк, на кој се извлекува досегашниот биланс, присуствува и канцеларот Шолц.

https://p.dw.com/p/4WShi
Германскиот канцелар Олаф Шолц во ОН
Германскиот канцелар Олаф Шолц во ОН (архивска фотографија)Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Агендата 2030 на Обединетите нации со 17 цели за одржлив развој е комплексна и тешка за разбирање и меѓу другото и поради тоа потешко може да прoдре во свеста на јавноста. Тоа што канцеларот Олаф Шолц лично ќе учествува на самитот што се одржува на 18 и 19 септември во Њујорк потенцира колку е сепак важна оваа агенда и за сојузната германска влада. 

Амбициозните 17 цели донесени уште во 2015 година, меѓу другото во фокусот имаат ново глобално разбирање за благосостојба во кое веќе нема единствено релевантно да биде колкави се приходите по глава на човек. Економскиот раст во иднина треба да биде остварен на еколошки прифатлив начин. Затоа и реализацијата на целите е тесно поврзана со целите на Климатскиот договор од Париз.

Светските економии преку целите треба да добијат поттик и поддршка за создавање одржливи и климатски неутрални економии. Целите ги адресираат сите димензии на одржливоста - социјалната, економската и еколошката. Меѓу целите затоа е и глобалното сузбивање на сиромаштијата и гладта, општиот пристап до квалитетно образование, чиста енергија по достапна цена, сузбивање на социјалната нееднаквост и многу други нешта.

Заостанување поради Ковид и Украина

„На почетокот беше постигнат добар напредок, но Ковид-19 пандемијата и војната во Украина нѐ вратија чекори назад“, вели Бербел Кофлер, државен секретар во Министерството за развој.  Па така, бројот на луѓе во светот кои живеат во екстремна сиромаштија бил намален од речиси две милијарди во 1991 година на околу 650 милиони во 2019 година. Но, со пандемијата бројот повторно е зголемен. Инфлацијата и растечките цени поради војната во Украина уште повеќе го зголемија јазот меѓу сиромашните и богатите. Проблемот со испораките на житни култури од реонот на Црно Море е опасност за сигурноста со прехраната во многу делови од светот, затворањето на училишта за време на короната ги заострија нееднаквостите во образованието ширум светот.

Затоа, според Кофлер, на иницијативата сега ѝ е потребен нов поттик. „Кога патувам во Африка, Азија и југоисточна Азија, растечките цени и поскапените ѓубрива се многу важна тема. Порастот е поврзан и со климатските промени, но пред сѐ со војната во Украина и ситуацијата со цените во енергетиката”, вели таа и додава дека сето ова ја успорува реализацијата на агендата.

Бербел Кофлер, државен секретар во Министерството за развој
Пандемијата и војната во Украина нѐ вратија чекори назад, вели Бербел Кофлер, државен секретар во германското Министерство за развојФотографија: Steffen Kugler

Нов елан за подобар свет?

„Мораме да ја исполниме нашата обврска да ги поддржиме најранливите луѓе, заедници и нации во светот. Создавањето на светска економија која е бенефит за сите, бара мудро дејствување”, смета генералниот секреатр на ОН, Антонио Гутереш.

За многумина самитот во Њујорк е клучен момент за оставштината на генералниот секретар и постои надеж дека тој со својата дипломатска умешност ќе може да даде поттик за исполнување на целите од агендата на светско ниво.

Притоа може да смета на поддршката од германската влада, која на самитот ќе ја претставува лично Шолц. „Агендата 2030 со 17 цели за одржливост е клучна точка во мултилатералната соработка и важен компас за нашето глобално дејствување”, изјави канцеларот за ДВ.

Светска банка - предводник на одржливото инвестирање?

„Одржливи финансии“ е популарна крилатица која Шолц сака да ја стави во прв план. „Германија на самитот ќе се заложи за тоа да се постават нужните темели за побрза реализација, на пример низ реформи во меѓународната финансиска архитектура. Јавните и приватните инвестиции треба повеќе да бидат ориентирани кон целите за одржливост за да се создаде финансиски простор за социјално-еколошка трансформација”,  вели канцеларот.

Планот изгледа вака: ако компаниите во иднина бараат субвенции, кредити или инвестиции, тие мора да дадат отворени и споредливи релевантни информации за тоа колку нивното работење е одржливо. Инвестициите тогаш можат целно да се насочат кон еколошки и социјално одржливи активности или за поддршка на глобалното намалување на нееднаквостите. 

Климатски промени – Земјата забрзано губи билиони тони мраз

„Тоа е една од најпотценетите цели на агендата на ОН“, вели Кофлер. „Многу е важна затоа што е поврзана со многу други теми, од пристапот до образование и здравство, до прашањето за родова еднаквост, а исто така и до прашањето кој има пристап до ресурси и енергија“, додава политичарката од СПД.

Таа бара реформа на Светска банка која мора да стане „предводник” на глобалната трансформација на финансискиот сектор и засилено да инвестира во одржливи проекти, за што се потребни нови модели за бизнис и финансирање.

Скепса на глобалниот југ

Расположението во многу земји од глобалниот југ е повоздржано. За нив целите се недоволни. Тие, според нив, се само декларации на намери без обврзувачко дејство, поради што имаат малку доверба во консеквентната реализација. Гневни се и затоа што развиените земји во минатото постојано ги прекршуваа своите ветувања, како на пример за финансиска поддршка на сиромашните земји за прилагодување на климатските промени. Голема е загриженоста дека нема вистински одговори на тоа како целите де факто би се реализирале во актуелната геополитичка поставеност. На Гутереш досега не му успеа да го смени тоа и оттаму очекувањата во врска со самитот се големи. До 2030 има седум години, кои, со оглед на големите предизвици на нашето време, не се многу долг период.