1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ревизија: Недомаќинско работење со државниот имот

ДТЗ
30 мај 2024

Ревизијата открила дека во 33 службени станови има станари кои не ги исполнуваат условите за да седат таму. Контрола на користењето на службени станови не e направена по 2019 година.

https://p.dw.com/p/4gRuL
Скопје
Државен имот стои неискористен, а се плаќаат „дебели“ кирииФотографија: DW/Carolin Weinkopf

Државниот завод за ревизија во најновиот извештај открива неефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот. Според нив, законската регулатива не создава услови, а активностите на надлежните институции не обезбедуваат ефикасно управување и стопанисување со државниот недвижен имот – станбен и деловен имот. Додека државен имот стои неискористен, се плаќаат „дебели“ кирии за одредени министерства. Па така, само во периодот oд 2019 до 30.10.2023 година по основ за закуп на простор само за потребите на две министерства, исплатени се 779 илјади евра, што е значителен одлив на буџетски средства. 

Проблемот е што нема комплетен регистар за државниот имот, ниту пак строго утврдени правила како треба да се постапува со него. Евиденцијата не е ажурирана, па во неа се наоѓаат и објекти кои се урнати или се отуѓени, а за нив се плаќаат трошоци. Проблем има и кај користењето на службените станови. Последната проверка била направена во 2019 година. Но, фактичката состојба е дека од вкупно 86 корисници на службени станови, 33 лица не ги исполнуваат условите за да користат ваква поволност.

Кои се слабостите?

„Законската регулатива не предвидува обврска за изработка и донесување на стратешки документи за управување со државниот имот, поради што Владата нема донесено национална стратегија за управување, користење, одржување и отуѓување со државниот недвижен имот, ниту државна стратегија во областа на домувањето, иако има законска обврска за истото“, посочуваат ревизорите.

Според нив, АД за изградба и стопанисување со станбен и со деловен простор (АДИССПДП) и АД за стопанисување за деловен простор (АДСДП) немаат изготвено стратешки документи со долгорочни приоритети и цели, активности и расположливи ресурси; немаат изготвено програми за инвестиционо вложување.

Во отсуство на стратешко планирање, не се донесени ниту акти и процедури за работните процеси поврзани со управување со недвижниот имот на ниво на држава.  Не постои ниту сеопфатен регистар на државен недвижен имот со финансиски и нефинансиски податоци, ниту е определен орган или тело надлежно за негово воспоставувањеЕвиденцијата на недвижниот имот се води во СОЗР, АДИССПДП, АДСДП, но и во секој државен орган на кој Владата со одлука му има доделено право на времено или трајно користење запишани во Катастарот на недвижности.

Влада
Владата која располага со недвижниот имот во државна сопственост, може со одлука да го даде на времено или трајно користење, со или без надоместокФотографија: Petr Stojanovski/DW

Кој може да го користи?

Владата која располага со недвижниот имот во државна сопственост, може со одлука да го даде на времено или трајно користење, со или без надоместок, на државни органи, на правни лица  основани од државата, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, здруженија на граѓани и фондации. Но, со ревизијата е констатирано дека одлуките на Владата немаат унифицирана содржина која ќе обезбеди целосни и следливи податоци и информации за институциите од кои се зема и на кои им се дава правото на користење на имотот, како и начинот на примопредавање, со цел негово соодветно евидентирање.

Поради тоа утврдено е различно постапување кај 9 министерства при евидентирањето  на деловниот простор што го користат.  „Од вкупно 1.214 објекти кои ги користат, за 1.002 објекти или за 83% имаат обезбедено одлука од Владата за право на користење, додека за 212 објекти, односно 17% немаат обезбедено одлука. Потоа 49% од објектите што се користат се сметководствено евидентирани, 29% се евидентирани во вонбилансната евиденција, додека преостанатите 22% од објектите воопшто не се евидентирани“, наведуваат ревизорите. 

Четири министерства искажале потреба од дополнителен просторза сметување на вработените, за чување на расходувана опрема, а три министерства располагаат со објекти/делови од објекти кои не ги користат (празен простор), ниту имаат потреба од нивно користење.

Ревизијата открила пропусти во евиденцијата на имотот, при што се уште е евидентиран и имот кој е отуѓен или за кој е одземено правото на користење, или пак е урнат и реално не постои, но за него прават трошоци за осигурување и за амортизација.

Скопје
Во периодот oд 2019 до 30.10.2023 година по основ за закуп на простор само за потребите на две министерства, исплатени се 779 илјади евраФотографија: Reinhard Kaufhold/picture alliance/dpa

„Спорни“ објекти

АДИССПДП стопанисува со 1.163 деловни објекти од кои 51% не се издадени под закуп. Со најголем дел односно 818 објекти стопанисуваат подружница Скопје и Битола, односно Скопје со 35% и Битола 35%, Куманово со РЕ Крива Паланка – 13% објект, а со преостанатите 17% од објекти располагаат другите девет подружници.

Податоците од помошната евиденција упатуваат дека 51% од деловен простор се третира како „спорен“ поради нерешени имотно-правни спорови, бесправно користење или неосновано запишани права на сопственост од други правни и физички лица, урнати и руинирани објекти, како и објекти кои се отуѓени или за кои е изземено правото за стопанисување, а уште се водат во евиденцијата.

АДИССПДП стопанисува и со службени станови за кои е доделено право на користење на избрани и именувани лица, како и службени лица кои вршат посебно должности во државните органи. Заклучно со 2023 година, од вкупно 86 корисници на службени станови, 33 корисници не ги исполнуваат условите за користење на доделените службени станови.  Контрола на користењето на службени станови не e направена после 2019 година.

Исто така, АДСДП стопанисува со 1.171 објекти од кои 51% не е издаден под закуп. Со најголем дел, односно 545 објекти стопанисува регионален центар Скопје и работна единица Битола, а од извршената анализа утврдено е дека со најголем дел од деловните објекти односно 25% стопанисува регионалниот центар Скопје, a со 22% од објектите стопанисува работна единица Битола.

Почнувајќи од 2025 година, Министерството за финансии ќе има обврска да дава предлог годишна програма за продажба на нефинансиски средства до Владата, која ќе биде надлежна за користење на средства, нивно одржување, продажба и закуп. Исто така, МФ ќе има обврска да подготви и консолидиран биланс на состојба на државата и на општините, како составен дел на завршната сметка на буџетот на државата.