1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рециклиран бетон за обнова на Украина

Даниела Ремус/ НДР
25 февруари 2023

Од почетокот на рускиот напад врз Украина таму се уништени цели градски подрачја, обновата веројатно ќе трае со години и ќе биде скапа. Тим истражувачи од Цирих покажува како рециклиран бетон би можел да биде од помош.

https://p.dw.com/p/4Mcki
Дњепар, Украина војна
Оштетена зграда во Дњепар по руски ракетен нападФотографија: Vitalii Matokha/AFP

Иако градежништвото не може без бетон: градежниот материјал кој бил употребуван уште во римско време, денес има проблеми со имиџот - поради штетноста за климата и огромната потрошувачка на ресурси. Од 1990-тите години научници ја истражуваат можноста за рециклирање на бетон. Во процесот на рециклирање – за разлика од производството на нов бетон - не може да бидат намалени емисиите на стакленички гасови, но може да се намали количеството на потребниот градежен материјал, вели професорот Ули Ангст од Техничката висока школа во Цирих - ЕТХ. 

Се штеди на набавката на каменест материјал, бидејќи тој се добива од материјалот кој се рециклира. „Со оглед на тоа дека каменестиот материјал сочинува меѓу 60 и 80 проценти од бетонот, тоа има големо влијание”, вели Ангст. Голем дел од каменестиот материјал може да биде заменет со кршењето на бетонот - што од аспект на потрошувачката на ресурси е предност. 

И украински хемичар дел од тимот

Бетонот е т.н. композитен материјал. Тоа значи дека се состои од цемент, од каменест материјал и вода. Да се рециклира бетон значи повторно да се употребат каменестите делови од урнати објекти и со тоа да се придонесе за повеќекратно користење на истите. 

Затоа тимот истражувачи на ЕТХ, во кои спаѓа и Украинецот Вјачеслав Тројан, се обидува да најде одговор на прашањето како рециклиран бетон може да помогне во повторната обнова на Украина, раскажува овој научник. Хемичарот пред војната работел на Националниот универзитет за градежништво и архитектура во Киев. Негова специјалност се различни типови на бетон.

„Сознанијата се интересни и за други земји"

Истражувањето е ново и од особен интерес за Украина, вели Тројан. „Пред сѐ истражувавме како поединечните состојки на рециклираниот бетон треба да бидат обработени и мешани за материјалот да има добар квалитет и да биде траен. Таквите сознанија се интересни и за други земји."

Мешањето на различните состојки на бетонот се целата филозофија кога е во прашање рециклираниот бетон. Истражувачите поаѓаат од тезата дека до 50% од каменестиот дел може да бидат заменети со рециклиран материјал. Тоа не е мала количина и значително би ѝ олеснило на Украина во обновата на земјата по војната. Со употребата на урнатини од една страна ќе може да се набавува помалку градежен материјал, а од друга страна материјалите се веќе таму. Но, сето тоа не е толку едноставно колку што звучи, нагласува истражувачот Ангст. 

Украина војна Бахмут
Со години научници ја истражуваат можноста за рециклирање на бетонФотографија: Diego Herrera Carcedo/AA/picture alliance

Колку е комплицирано зависи од материјалот

Големиот материјал за рециклирање прво мора да биде кршен во помали грутки и зрна. „Потоа таквиот материјал се меша со нов цемент и нова вода и од него се прави нов бетон", вели Ангст. 

Колку напори се потребни за обработката на материјалот за оптимално да се сврзе во нов бетон, не може паушално да се каже и зависи од урнатините што ќе се користат. Честопати во нив се содржани стари делови од малтер кој пак го прави рециклираниот бетон помалку стабилен од вообичаениот. Тој впива повеќе вода и со тоа настануваат пукнатини. За да се спречат таквите појави, истражувачите проверуваат експериментално кој градежен материјал на каков начин мора да биде обработен пред да се сврзе во нов квалитетен бетон, објаснува хемичарот Тројан. 

Ефикасно и практично решение"

Во изминатите години за такво нешто се етаблирани различни методи - на пример со помош на киселина или термичка обработка - но сите тие чинат многу пари. „Ние сега откривме дека е сосема доволно за рециклираниот материјал да се употреби вода, пред да се преработи во нов бетон. Тоа е многу едноставен начин, а заземја во урнатини секако и ефикасно и практично решение", објаснува Тројан. 

Околу 18% од сите бетонски градби во Швајцарија, каде научниците го истражуваат рециклирањето, настануваат од рециклиран бетон. Швајцарија е убедлив лидер на ова поле. Научниците од ЕТХ се радуваат што го поддржуваат украинскиот колега Тројан во напорите и се надеваат дека стекнатите сознанија ќе помогнат во обновата на Украина по војната.