1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Разговори за литературата со Фелиниевски слики

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
15 јануари 2024

Големината на една литература не се мери со големината на земјата во која се зборува нејзиниот јазик. Таа се мери само со високите мерила кои си ги поставуваат нејзините творци. Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/4bFaB
Сцена од филмот „Амаркорд“ на прочуениот италијански режисер Федерико Фелини
Сцена од филмот „Амаркорд“ на прочуениот италијански режисер Федерико ФелиниФотографија: picture-alliance/United Archives/Impress

Откако во еден здив ја прочитав книгата „Рудните слоеви на сеќавањето. Разговори со Влада Урошевиќ” на Људмил Спасов, ми стана повторно јасно дека големината на една литература не се мери со големината на земјата во која се зборува нејзиниот јазик. Уште помалку со бројот на населението или на читателите. Таа се мери само со високите мерила кои си ги поставуваат нејзините творци. Најнапред, кон себе самите и кон делото на тие од кои го учеле „занаетот на пишувањето”.Така германската литература, особено класичната, е незамислива без книгата на Јохан Петер Екерман, „Разговори со Гете” (1836). Од тој миг овој тип на дело стана  белегот на секоја самосвесна литература. Македонската литература има дури две вакви дела, инспирирани токму од тој славен германски урнек: „Разговори со Конески” на Цане Андреевски (Култура, 1992) и „Рудните слоеви на сеќавањето. Разговори со Влада Урошевиќ” на Људмил Спасов (МАНУ, 2014)

Дури и моментит на восхитот на помладиот Екерман кон постариот Гете е  клучен и кај Андреевски и Спасов! Кога љубовта, восхитот и љубопитноста за биографијата и творештвото на постариот творец се преобразуваат во дело, со кое тој творец ќе го запознаат сите идни генерации, тогаш навистина Скопје станува македонски Вајмар. Во смислата на духовно жариште, какво што овој германски град  бил во времето кога таму живееле великаните Гете и Шилер. Ова дело на Људмил Спасов е многу драгоцено, затоа што  е прилог кон паметењето на историското и културното време со кое се поклопува биографијата на Влада Урошевиќ. А бидејќи се работи  и за фамилијарната биографија, тој период е многу подолг од животот на само една личност. Така ова дело  станува и историско сведоштво. Зашто колективното паметење зависи од напорите на сите генерации да ги сочуваат сведоштвата. „Се забораваат личности, се забораваат дела, но потоа, кога ќе се сетам на она што сум го учел по историја на литературата и историја на уметноста, и кога ќе се сетам на сите оние нешта кои јас сум ги предавал, сфаќам дека тој континуитет мора да постои, па дури и кога се чини дека го нема, мора да се вложува напор тој да се осветли, да се фиксира, затоа што без тоа нема култура. Културата е секогаш континуитет», истакнува Урошевиќ,  Ова дело, но и тоа на  Андреевски, се примери за културата како континуитет. 

Аурата на слободните духови

Разговорот започнува со длабоката мисла на Влада Урошевиќ дека „сите ние сме дојдени однекаде”. Во тоа прозвучува сознанието дека  „мапата” на неговата биографија е светот како место на средби на култури, јазици и човечки приказни. Така може да говори за потеклото само голем раскажувач и поет. Урошевиќ потекнува од светот  што е „создаден низ миграции, низ преселби, низ проникнувања на раси и на култури”. Патешествието на неговиот дедо по мајка  е најдобрата илустрација за мултиетничноста и мултикултурноста на регионот Македонија во минатото.Затоа што растел во  атмосфера на отвореност за светот,  тој потцртува дека „приказната за некое автохтоно мононационално потекло” нему отсекогаш му звучела „наивно и крајно неуко.” Сите што го познаваат Влада Урошевиќ, знаат дека таму каде што е тој, таму  е секогаш светот, зашто кога разговарате со него  заборавате каде се наоѓате, а следејќи ја аурата што зрачи од неговата сестрано и суптилно обликувана личност, се‘ повеќе верувате дека неочекувано сте се нашле во една култна кафеана во Париз. И очекувате секој миг да влезе во неа Сартр или Кокто. Токму таа аура на слободните духови е суштината на културата.

Разликата на „скопските” разговори  кои во текот на една година (2012) Људмил Спасов ги водел со Влада Урошевиќ, од оние „вајмарските” на Екерман со Гете, е тоа што „скопскиве” се во еден голем дел и „потрага по детството” на соговорниците. Не зачудува зошто  неколку години потоа, во 2018, Урошевиќ го објави  романот „Маџун”, кој е неговото имагинарно враќање во „рајот на детството”. Детството на обајцата поминало во истиот простор. Во Дебар  Маало и на Илинденска. Затоа во пасажите во кои Влада Урошевиќ  раскажува за светот во кој бил дете во Дебар Маало провејува топлата Фелиниевска радост и тага. Описите на фамилијарната атмосфера будат Фелиниевски слики за блесокот на животот на младата граѓанска класа во предвоеното Скопје. Ликовите за кои раскажува Урошевиќ како да скокнале пред нас од филмското платно на прочуениот „Амаркорд”. Целосно Фелиниевски  е ликот на дедото на Урошевиќ, кој трагал по научни објаснувања на натприродните појави, а на малечкиот внук му раскажувал за спиритизмот и за луѓето кои можеле да „левитираат“, да лебдат како птиците во воздухот. Затоа тој дедо е централната личност во „Маџун“, но, секако, и првиот поттик за безгранично слободниот дух на Урошевиќ во творечката фантазија. Неговото раскажување е навистина во Фелиниевски дух, зашто Влада Урошевиќ умее во две реченици да опише генијани ликови. Како тоа „опасно“ момче Боце, кое имало посебна аура за другите деца во улицата затоа што „мечките му ја изеле баба му“.

Разговори на „две деца“

Магијата на разговорите на Људмил Спасов и Влада Урошевиќ  за нивното скопско детство зрачи од фактот што обајцата возрасни не ја изгубиле „детскоста“. „Овде разговараат две деца“, ми рече Људмил за книгава, која тој во кусиот вовед ја нарекува „интелектуална авантура”, во која треба да дојдат до израз индивидуалноста на соговорниците. Тоа е многу успешно остварено и затоа што обајцата ја владеат уметноста на дијалогот. Детскоста, пак, се пројавува во тоа што обајцата и како возрасни не ја изгубиле љубопитноста на детето. Таа е погледот на детето врз  „малите нешта” во животот. Урошевиќ сведочи дека живее со годишните времиња, а ние, што го познаваме, веруваме во тоа. Тој живее  како јапонските калиграфи, задлабочувајќи се во најситните нешта, се‘ додека тие не станат слика и цртеж. Во разговорот е многу пријатна размената на мислења на соговорниците за нивната пленетост од старите предмети, старите книги, чудните реликти од минатото. Обајцата откриваат дека се големи „собирачи на камења”. Го разбирам тој восхит за чудесните форми на обичните „необични” камења, затоа што и јас   ги влечкам со години со себе од сите патувања. Најубавите ги најдов во тосканската портокалова земја, а за еден дури сум обедена дека е артефакт изработен од раката на загадочните Етрурци. Ако не во реалноста, тогаш барем во мојата творечка перцепција. Спонтаноста, живоста на разговорите сето време е носена од умешноста на Људмил Спасов,  со многу силно чувство на мерка, да ги вгради во нив и своите доживувања од детството, своите слики за Скопје во минатото, своите сознанија за литературата или за јазикот воопшто. Јасно е дека разговараат двајца вљубеници во Скопје, но нивното Скопје не е „паланка на духот” дури и во времето кога во него немаше асфалтирани улици, па во лето врз градот лебдеше постојано еден жолтеникав облак.Ја паметам сеприсутната летна „прашина” во предземјотресното Скопје.Притоа и Влада и Људмил се изразито урбани  „духови”, љубопитни за тоа што го нудат европските културни центри.

На многу места Урошевиќ сведочи за своето особено  творечко кредо, а едно од најубавите  е оваа негова мисла: „не е работата само да се дојде до некаков вид поетски заклучок (...) туку е работата во тоа да се создаде едно „јазично парче“. Јас секогаш ја замислувам песната како нешто материјално. Неколку пати сум го кажал тоа дека сакам да напишам песна која би оставала впечаток како некакво малечко кутиче или како некаков убав предмет, како некаков нож или некој друг предмет убаво изработен. Сакам да ја почувствувам цврстината на тој јазичен облик и во звукот, но и во свеста.“ Тоа што восхитува во овие разговори е фактот што  творечката биографија на Влада Урошевиќ е истовремено и приказ на тоа што го нарекуваме „македонска приказна”. Тој сведочи за почетоците на  македонската литература раскажувајќи за своето време во школото и на студиите во Скопје. Ги опишува првите средби со творците од постарата и оние од неговата генерација. Токму затоа ова четиво е многу значајно и за историјата на македонската литература и култура воопшто.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.