Првите извршни наредби на Трамп укажуваат на неговите цели
21 јануари 2025На денот на својата инаугурација (20.01) Доналд Трамп потпиша низа извршни наредби. Не беше невообичаен само големиот број наредби - Трамп на црвена работна маса во Capitаl One Arena, пред десетици илјади фанови, потпиша и неколку претседателски укази. Поддржувачите на Трамп се собраа на тоа место за да следат пренос во живо од инаугурацијата и лично да му приредат славје на својот претседател.
Вообичаено, идниот американски претседател потпишува извршни наредби во Овалната соба во Белата куќа, што Трамп го направи подоцна во текот на денот со потпишување повеќе укази.
Извршните наредби се директиви што ги издава претседателот без да мора да се консултира со Конгресот, кој е задолжен за донесување редовни закони. Претседателот може да ги заобиколи Претставничкиот дом и Сенатот со издавање свои упатства директно до федералните службеници.
„Извршните наредби поставуваат рамка за делување на [федералните] агенции“, објасни за ДВ Мишел Иган, професорка по политика, управување и економија на Американскиот универзитет во Вашингтон.
Сепак, извршните налози можат да бидат оспорени на суд - и може да бидат поништени од следниот претседател. Потпишувањето на овие претседателски едикти „стана сè поважна форма на управување, но и форма која лесно се поништува“, вели Иган.
Какви извршни наредби потпиша Доналд Трамп на првиот ден?
Првата извршна наредба што Трамп ја потпиша со пенкало Шарпи како 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави, беше укинување на 78 прописи донесени од неговиот претходник Џо Бајден. Другите директиви потпишани во Capitаl One Arena вклучуваа наредба до сите федерални оддели и агенции да се зафатат со кризата на трошоците за живот, како и наредба да се запре владината цензура.
Тој, исто така, потпиша извршна наредба во која се наведува дека САД се повлекуваат од Парискиот договор за климата, а подоцна во Белата куќа и директивата која укажува дека САД ќе се повлечат од Светската здравствена организација.
„Многу гласачи на Трамп се скептични кон политичките организации и институции, па видовме како (со двете големи повлекувања) ѝ се фрлени некои коски на таа група“, изјави за ДВ Џеј Мајлс Колман, изборен аналитичар од Центарот за политика на Универзитетот во Вирџинија.
Една од најголемите теми на кампањата на Трамп, имиграцијата, исто така беше дел од извршните наредби од првиот ден. Претседателот прогласи национална вонредна состојба на границата на САД со Мексико, за да може владата да ја преземе контролата врз, како што вели Трамп, катастрофалната ситуација и да ја запре „инвазијата“ на имигранти без документи, за која рече дека се случила за време на претседателството на Бајден.
Уште една голема тема за разговор за време на кампањата на Трамп, прашањата за правата на ЛГБТК+ заедницата, беше на списокот со директиви што тој ги потпиша во понеделникот. Во наредбата е наведено дека според политиката на САД ќе има само два пола, машки и женски, додека небинарната или разнолика опција повеќе нема да постои. Со наредбата им се налага на федералните агенции да ја повлечат политиката од времето на претседателот Бајден којашто им олесни на трансродовите лица да ги ажурираат своите родови ознаки на федералните документи за идектификација.
Што значат директивите на Трамп за САД?
Извршните наредби што Трамп ги потпиша уште на неговиот прв ден на функцијата ги покажуваат приоритетите на претседателот.
„Мислам дека овие прашања [културната војна] ќе бидат нагласени на почетокот на новата администрација и во првите денови на новиот Конгрес“, изјави за ДВ Крег Саперстин, партнер во делот за јавна политика на меѓународната адвокатска фирма Пилсбери.
Во исто време, не предвидуваат сите извршни наредби на Трамп од првиот ден итна промена за земјата. Повлекувањето од Светската здравствена организација, на пример, ќе трае една година. И ќе помине некое време пред Американците да ги почувствуваат последиците од некои други наредби, вели колешката на Саперстин, Ејми Гош.
Трамп може да потпише наредба за прогласување национална вонредна состојба, но политиките што тој би сакал да ги спроведе ќе мора да поминат низ процес од неколку чекори во надлежните федерални агенции, објаснува Гош.
„Деталите за тоа како ќе се одвива сето тоа се навистина важни, бидејќи многу работи може да се сменат во однос на тоа кој е погоден, во однос на времето и дали има исклучоци“, изјави за ДВ Гош, која исто така е партнер во Пилсбери. „Некои работи може да се случат веднаш на првиот ден, но многу од извршните наредби [кои ги потпиша Трамп] ќе поминат низ период на проучување, преглед и други административни процедури.“
Трамп потпиша помилување за упаѓачите од 6 јануари
Во Овалната соба во понеделникот, Трамп потпиша и наредба за помилување на речиси сите 1.600 обвинети кои упаднаа во Капитол во обид да го запрат трансферот на власта на 6 јануари 2021 година. Претходно, тој во Capitаl One Arena веќе зборуваше своите планови да ги помилува оние што ги нарекува „заложници од 6 јануари“.
Трамп го кажа тоа стоејќи пред Израелците чии роднини беа земени како заложници од страна на терористичката организација Хамас, додека беа дома со своите најблиски или славеа на музички фестивал за време на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Американците кои Трамп постојано ги нарекува „заложници Ј6“, од друга страна, се обвинети кои под заклетва ги признале своите кривични дела од 6 јануари и други кои биле осудени или од судија или од порота.
Да се види како американски претседател потпишува голем број помилувања на неговиот прв ден од функцијата е ретка глетка.
„Помилувањето обично се смета за нешто што се случува кон крајот на администрацијата“, објаснува Гош. „Но, за претседателот Трамп, ако обрнувавте внимание на кампањата и на сето она што е кажано по изборите, не е изненадувачки што помилувањата беа дел од агендата на првиот ден. Бидејќи тоа беше навистина голем дел од неговото образложение зошто повторно се кандидира за функцијата“.
Овој тект првично е објавен на ДВ на англиски јазик