1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Силувањата во Украина и пред германското правосудство

Луиза фон Рихтхофен
27 јуни 2023

Од почетокот на руската агресија, стотици луѓе во Украина беа силувани од руски војници - и ова е веројатно само врвот на ледениот брег. Еден случај сега е пред германското правосудство. Зошто Германија се меша?

https://p.dw.com/p/4T5RZ
протест Украина
Минатата година во голем број европски градови беа одржани протести против руското силување за време на војнатаФотографија: Roman Vondrous/dpa/CTK/picture alliance

Само неколку недели по почетокот на инвазијата, кога руските трупи окупираа село во близина на Киев, двајца руски војници упаднале во куќата на едно украинско семејство. Прво го застрелале сопругот, а потоа повеќепати ја силувале неговата сопруга. Таа успеала да побегне со синот - во Германија. Денес, двајцата не знаат дали руската војска им го урнала домот во Украина или можеби куќата сѐ уште постои. 

Насилството како оружје 

Од почетокот на војната, има чести пријави за сексуално насилство врз украински цивили од страна на припадници на руската војска - насочено кон жени, деца, па дури и мажи. Украинското обвинителство до јануари годинава покрена истрага за 155 случаи.

Прамила Патен, комесарката на Обединетите нации за сексуално насилство во конфликти, говој податок во Киев го нарече  „врв на ледениот брег“ во врска со  злосторствата кои често не се пријавуваат.

Но, случајот опишан погоре може да биде пример за другите - затоа што со него сега се занимава германското обвинителство. 

Заедничка акција 

Адвокатите на организацијата за заштита на човековите права ЕСЧП ( Европски центар за уставни и човекови права ) заедно со нивната украинска партнерска организација УЛАГ ( Украинска правна советодавна група) поднесоа кривична пријава до германското државно обвинителство.

Така, тие сакаат да изведат четворица руски војници пред лицето на правдата, меѓу кои и двајца офицери. Украинските власти веќе покренаа судска постапка во отсуство против еден од војниците.

Зошто Германија воопшто се меша во овој случај, особено ако се има предвид фактот дека веќе се води истрага во Украина?

„Тоа е легитимно прашање“, вели Андреас Шилер од ЕСЧП, еден од апликантите. Тој објаснува дека има одредени дупки во украинското право. Како прво, вели тој, таквите злосторства против човештвото во Украина не можат да бидат целосно казнети, бидејќи тамошниот закон не признава командна одговорност.

„Ова значи дека претпоставените не можат да бидат повикани на одговорност за злосторства извршени од нивните подредени врз припадници на други нации, дури и кога знаеле за тие злосторства или дури ги поттикнувале да бидат извршени“, додава Шилер за ДВ. 

„Сива зона“ 

Поради тоа, украинското правосудство би можело да спроведе истрага против двајца војници кои се осомничени за убиство и силување. Но, може да биде тешко да се изведат нивните команданти пред лицето на правдата.

Меѓународниот кривичен суд, кој се занимава со истрага на злосторствата во Украина, веројатно ќе се концентрира на некои конкретни случаи каде што ќе даде пример.

Одеса, Украина
Сцена од Одеса: Со страшното уништување и смрт, многумина забораваат на жртвите на силување во војнатаФотографија: Lyashonok Nina/Ukrinform/ABACA/IMAGO

Така, неодамна беше распишана потерница за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, односно членови на неговиот кабинет, кои се обвинети за депортирање на украински деца од областите окупирани од Русите.

Помеѓу обичните војници и одговорните има еден вид „сива зона“, за насилниците од средното ниво на одлучување. И токму тука би можеле да помогнат правосудните органи на трети земји.

„Тие треба да ги достават меѓународните налози за апсење“, вели Шилер, „така еден ден, доколку бидат уапсени, потенцијално на овие луѓе да им се суди во Германија или во некоја друга земја“.

Воени злосторства пред германските судови

Германија е пионер во прашањето на меѓународното кривично право, според Александар Шварц, експерт за меѓународно кривично право во Амнести Интернешнл .

Дури и за време на гонењето на режимот на Башар ал Асад во Сирија или за време на пресудите поврзани со геноцидот на Јазидите, Германија се занимаваше со тешки злосторства, всушност процеси кои, поради својата природа, треба да завршат пред меѓународен суд.

Во случајот со Украина, германското правосудство започна истражни активности додека се водеа борби на теренот, односно паралелно со конфликтот.

„Тоа е големо подобрување. Често велиме дека иднината на меѓународното кривично право лежи во националните судови“, додава Шварц. „Во меѓувреме, има земји како Германија кои имаат ефективни механизми за гонење, така што тие се речиси поефикасни од меѓународните кривични судови.

Основа за идните процеси

А, што се однесува до засегнатите лица, потребна е голема храброст да се соочат со трауматски искуства на суд. Особено во странска земја, во овој случај Германија.

Таа храброст ја собра жената која тврди дека била силувана во близина на Киев. Таа и адвокатите се надеваат дека тоа би можело да направи преседан.

„За нас е важно од почеток да го поставиме сексуалното насилство како тема за да го насочиме вниманието на истражните органи кон него“, вели Андреас Шилер. Многу често, додава тој, во минатото се случувало оваа тема да биде горе-долу заборавена.

Дали украинската жртва еден ден ќе ги види своите мачители на суд? Тоа не може да се очекува се додека се во Русија.

Трпението е важен дел од меѓународното кривично право. Кривичните дела немаат застареност, а налогот за апсење на Интерпол важи триесет години.

„Никогаш не се знае како ќе се промени светот и дали сторителите ќе патуваат некаде“, додава Шилер. „Размислуваме долгорочно и затоа веќе ги поставуваме потребните темели“.  

Буча: Сè повеќе докази за злосторства врз цивилите