1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проширувањето на ЕУ е мртво, да живее проширувањето

16 ноември 2023

Македонија, се чини, е осудена на нов циклус на лимбо состојба во односите со ЕУ. Дали тоа ќе ја фрли земјата во нова политичка и општествена криза? Пишува Петар Арсовски

https://p.dw.com/p/4YrcW
Петар Арсовски
Петар Арсовски, автор на колумната Фотографија: Petar Arsovski

Мислам дека проширувањето на ЕУ влегува во среднорочен проблематичен циклус, особено на Балканот. Можеби новите извештаи на комисијата се доказ за тоа, бидејќи освен за Македонија, не се особено блескави за ниту една земја од регионот. Сепак, уште позагрижувачка е релативната резигнација со која овој недостаток на напредок е примен, и кај земјите кандидати, но и кај самата ЕУ. Сентиментот, во Македонија секако, но мислам и кај други земји аспиранти, со кој влегуваме во новиот циклус, е проткаен со разочарување, инает, чувство на предаденост, и тој замор ќе се преслика и на политичката волја на партиите, но и како еден пасивно агресивен однос кон ЕУ во вкупниот политички дискурс. ЕУ мора да најде нов механизам за да го одржи проширувањето живо, но очигледно е дека тоа нема да биде возможно во оваа форма. Во која форма ќе се продолжи, тоа допрва ќе видиме. 

Динамиката на процесот на пристапување кон ЕУ, во најопшта смисла, е дефинирана од две глобални варијабли. Првата е подготвеноста, капацитетот, и политичката волја за неопходните реформи (но и, често, политичка цена) дома, кај земјите кандидати, и втората е апетитот и амбиентот за проширување во самата ЕУ, која зависи од геополитичките односи, циклусот во кој се наоѓа самата унија, како и интерната динамика на односите помеѓу земјите членки. Овие две варијабли можат да се најдат во позитивен и во негативен циклус. Во позитивен циклус, желбата и амбиентот е поволен за забрзување на реформите дома и пристапувањето кај ЕУ, а во негативен циклус амбиентот е неповолен, односно го успорува, го кочи проширувањето. Интеграцијата оди најбрзо и најлесно кога двете варијабли се позитивни: има желба, капацитет и политичка волја за реформи дома, и истовремено има активен апетит, желба и волја кај ЕУ за прием на нови членки. Процесот може да тече, побавно и потешко, но може да остане активен, дури и ако едната варијабла е поволна, а втората не, зашто поволната варијабла, условно речено, може да ги надомести недостатоците на неповолната. Значи, ако ЕУ нема апетит за проширување, но земјата кандидат е толку посветена на реформи, активна во имплементацијата, и подготвена на политичката цена за пристапување, процесот може да остане жив. И обратно, ако земјата не е подготвена, нема капацитет, но поради геостратешки или други причини, ЕУ има засилен апетит за проширување, па е подготвена со политичка одлука да ги пренебрегне недостатицоите на земјите кандидати, и така процесот може да остане жив. Вакви примери имавме во минатото со Бугарија, и сега со Украина и Молдавија: земјите не беа, односно не се, подготвени за преговори и членство, но самата ЕУ, поради политички или безбедносни причини, има доволно волја за двајцата. 

Негативен циклус 

Но процесот тешко може да опстане, кога двете варијабли се негативни, односно неповолни, а мислам дека регионот и ЕУ влегуваат во токму таков циклус. Ова, особено што негативниот амбиент на едната варијабла, како систем на врзани садови, го храни антагонизмот на втората, и обратно. Ние сега влегуваме во циклус во кој, и амбиентот во ЕУ, но и желбата кај земјите кандидати, ќе биде проблематична. ЕУ, од една страна, не знае каква иднина ќе има унијата, па со тоа и проширувањето. Дилемите околу начинот на членство, реорганизацијата на самите интерни механизми, но и дилемите околу тоа во која динамика и кон која крајна цел, ќе се врши проширувањето, ќе го оставам регионот без вистинска перспектива. Со други зборови, тешко е, со декларативни заложби, да ги натераш патниците да се качат на воз за кој не се знае која му е крајната дестинација. Таквиот недостаток на вистинска понуда, ќе произведе и недостаток на вистинска политичка волја кај земјите од регионот, секако потпомогнато од други центри на моќ во чиј интерес е регионот постојано да биде буре барут. Ќе се појават наративи на антагонизам, камуфлирани во безброј рационализации: „и сѐ да направиме, нема да не примат“, „ЕУ нема да постои“, „за нас нема членство“ и слично. Овие две негативни атмосфери, притоа, ќе се хранат една со друга: што помалку апетит, тоа помалку ентузијазам дома, и што помалку ентузијазам дома, тоа повеќе фрустрации од недостатокот на напредок. 

Нова методологија и динамика 

Веќе сме сведоци на овој феномен: истовремено и ние лути на ЕУ зашто сметаме дека цената веќе сме ја платиле, и тие лути на нас зашто сметаат дека вистинската цена (реформите) всушност не сме ни почнале да ја плаќаме. Така (за што веќе сведочиме), критиките од ЕУ кон нас ќе станат погласни, а ние на тоа ќе одговараме, не со повеќе работа, туку со повеќе инает и антагонизам. Оваа патопсихологија на пасивна агресивност, често знае да се манифестира со тивок бојкот на процесот, и од едната и од другата страна, и сметам дека тоа е најголемата опасност во период кој следува. 

Не знам дали постои сериозен излез од овој магичен круг. Порано сме имале разни креативни идеи кога вистинскиот процес кочел: ХЛАД, стратешки партнерства со поединечни земји членки, сега план за забрзан раст на регионот. Сите овие личат на кризен менаџмент, повеќе одошто адресирање на вистинските прашања поврзани со реална и опиплива европска перспектива за регионот. 

Можеби е време да се креира нова методологија и нова динамика – интеграција пред членство, односно постепен пристап, можеби е паметно решение. Сепак, во новиот пристап недостасува иницијален пробив, односно повторно ниту има јасен план од ЕУ, ниту желба кај кандидатите за пречекорување на првиот праг. Затоа, сѐ додека таа динамика не се отплетка, сметам дека дома нема да има поволен амбиент за било каков пробив, особено не за уставните измени, кои веќе станаа топ политички предизвик. Последиците од таквата хибернација на процесот секако ќе бидат турбулентни, и имаат потенцијал да не фрлат вторпат во нова општествена и политичка криза, но засега, изгледа дека сме осудени на нов циклус на лимбо.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи