1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претпладне за измените, попладне за изборите

17 јули 2023

Иако на јавна сцена најмногу се говори за уставните измени и дипломатската офанзива за нив, зад сцената најмногу се работи на комбинаторики за следните избори.

https://p.dw.com/p/4Tz4c
знаме Северна Македонија
Во Скопје денеска ќе се одржи работен состанок на тема - преговорите со ЕУ, со фокус на исполнувањето на обврските и задачите кои произлегуваат од преговарачката рамка и забрзувањето на евроинтеграцискиот процесФотографија: Government of Republic of North Macdonia

Лоранс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција, Ана Лирман, министерка за Европа и клима на Сојузна Република Германија и министерот за Европска Унија на Република Полска, Шимон Шинковски вел Сенк, денеска (17.07) доаѓаат во дводневна официјална посета на Скопје. Како што информира Секретаријатот за европски прашања (СЕП), домаќин на оваа „Вајмарска тројка“ е вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кој со гостите ќе одржи работен состанок на тема - преговорите со ЕУ, со фокус на исполнувањето на обврските и задачите кои произлегуваат од преговарачката рамка и забрзувањето на евроинтеграцискиот процес. Попладнето ќе имаат заедничка прес-конференција.

Опозицијата со непроменет став

Ова е втора тројка од високи функционери што доаѓа во Скопје по минатонеделната посета на шефовите на дипломатиите на Австрија, Чешка и Словачка, со цел да ја образложат важноста од уставните измени за продолжување на европскиот пат на Северна Македонија.

Министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка, Александер Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски во Скопје, 13.07.2023
Министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка, Александер Шаленберг, Јан Липавски и Мирослав Влаховски во Скопје, 13.07.2023Фотографија: Petr Stojanovski

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека нема да поддржи уставни измени под бугарски диктат. Партискиот лидер Христијан Mицкоски исто како претходната, така и најавата за денешната тројка ја дочека со став дека ќе биде разочаран доколку и тие доаѓаат за уставните измени.

„Повторно ќе кажам - доколку доаѓаат за уставните измени, нашата порака е иста, нашите аргументи се исти. Од таа страна јас не слушам нова поента, и ако доаѓаат за тоа навистина ќе бидам разочаран и загрижен, бидејќи на овој народ последна работа што му паѓа на памет се уставните измени. Луѓето имаат реални, суштински проблеми, како да го поминат месецот од први до први“, изјави Мицкоски по најавата дека дипломатската офанзива продолжува и неделава со гостување на високи функционери од Германија, Франција и Полска.

Опозициската партија не го прифаќа наративот дека од реализацијата на уставните измени ќе зависи дали земјата ќе се движи кон интеграција или изолација.

„Ако некој ја изолира Македонија, тоа се криминалците од власта поради нивото на криминал и неспособност да спроведат реформи“ изјави минатата недела Мицкоски.

Во рамки на посетата „Вајмарската тројка“ ќе се сретне и со премиерот Димитар Ковачевски, со претседателот Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и со координаторите на пратеничките групи. А министерката Ана Лирман утре ќе учествува и на настанот на тема: „Подготовка за проширување на ЕУ“, кој го организира Секретаријатот за европски прашања, во соработка со Институтот за европска политика (ЕПИ).

Периодот во кој се случува тековната дипломатската офанзива е оптоварен со индиции за коруптивни активности и бизниси на лица поврзани со луѓе од власта, па јавноста секојдневно бара одговори од Обвинителството. Истовремено се топи аргументацијата дека актеулната елита на таков начин може да го одржува „пламенот за европеизација“. И додека се одбројува до денот кога уставните амандмани би требало да влезат во парламентот, надвор од него течат други процеси.

Христијан Мицкоски
Христијан Mицкоски и најавата за денешната тројка ја дочека со став дека ќе биде разочаран доколку и тие доаѓаат за уставните измениФотографија: Petr Stojanovski/DW

Комбинаторики за избори

Иако јавно се говори најмногу за уставните измени, пофреквентно е зад сцената, каде, според извори од повеќе партии, течат интензивни подготовки и комбинаторики за следните избори. На едната страна се разработуваат варијанти за постизборна соработка на истите субјекти од сегашната коалиција, која себеси се нарекува проевропска. Неофицијално, тие сметаат и на идна соработка меѓу нив и со нов партиски субејкт кој би се формирал во меѓувреме и би имал епитет на граѓанска партија. Новиот субјект (за кој засега не откриваат детали) би бил супститут за одливот на гласови од контото на владејачките партии.

Сепак, во ДУИ се уверени дека дејството на фракцијата (Огнената група) нема да им предизвика никаква штета, можеби минимална во две-три општини, но тоа го сметаат за сосема занемарлива бројка. Од друга страна, несогласувања има и во Огнената група. Според извори од албанскиот блок, нејзиниот предводник Изет Меџити, поддржан од неговите соработници, неделава ќе започне активности за основање на ново движење, кое би соработувало со опозициските Беса и Алтернатива. Но други функционери од групата се против таа идеја, со став дека битката треба да се води во партијата, а не надвор од неа.

Се шпекулира дека и градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, наскоро би можела да формира нов субјект. Градоначникот на Куманово, Максим Димитриевски, подолг период и конкретно работи на тоа - ќе формира партиски субјект позициониран во политичкиот центар, кој ќе учествува на следните претседателски и парламентарни избори, без разлика дали ќе бидат редовни или предвремени.

Од друга страна, засега не може да се предвиди дали сите зрна од актуелната владејачка коалиција и по изборите ќе се најдат во ист амбар. Притоа се алудира на несигурноста на која страна ќе се приклони Алијанса за Албанците, која праќа измешани сигнали.

„Како опозиција жестоко ја критикуваше ДУИ, а потоа стана прва патерица за неа и за Владата. Сега, кога е во Владата, не се воздржува од критики за партнерите, или за одредно дистанцирање. Со тоа можеби прави терен и за внатрешна факторизација и за прелет кон опозицијата“, сметаат извори од албанскиот блок.

Последното солирање на АА се однесува на Отворен Балкан.

„Сакам да ги уверам граѓаните дека Алијансата за Албанците се оградува од секоја нова иницијатива на Владата на Северна Македонија во рамките на веќе прекинатиот механизам, познат како Отворен Балкан“, се огласи на Фејсбук лидерот на АА, Арбен Таравари.

Тој оцени дека со излегувањето на Република Албанија од Отворен Балкан, на тој механизам не му останало ниту значење ниту легитимитет.