1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Премиерот е зачуден од реакцијата на Атина

24 јануари 2025

За тоа што земјата до денес не е интегрирана во ЕУ, според премиерот Христијан Мицкоски има објективни и субјективни причини, но главна причина се билатералните прашања.

https://p.dw.com/p/4pYz8
македонскиот премиер Христијан Мицкоски
Според македонскиот премиер Христијан Мицкоски, неговата цел и порака е јаснаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Премиерот вчера изрази зачуденост од реакцијата на Атина за дел од негова изјава, во која тој рече дека „македонското прашање не е решено, со векови тлее и трае и сè уште постои“.

„Навистина се чудам од каде тие се почувствуваа повикани,  бидејќи никој не беше споменат во таа моја изјава и зачуден сум - зошто таква реакција“, изјави тој за МТВ 1 на крајот од неговата посета на САД.

Смета дека можеби таквата реакција била за домашни потреби и дека тој ќе ја прифати како таква, но оти  „нема да дозволи да бидеме испровоцирани,  сега ние да вратиме, па сето тоа да претставува еден процес во кој што нема крај“.

Според Мицкоски неговата цел и порака е јасна.

„Како претседател на Владата би било неодговорно и предавнички кон македонскиот народ, кон македонските граѓани, јас да кажам дека македонското прашање е затворено во услови кога ние не сме дел од европското семејство, а патот сме го почнале многу пред некои земји – членки кои се таму. И тоа е прашање кое што стои отворено“, го објасни тој значењето на неговата изјава.

За тоа што земјата до денес не е интегрирана во ЕУ, рече дека има објективни и субјективни причини, но според него, главната причина се билатералните прашања кои не би требало да бидат критериуми и услови.

„Второ, посуштинско прашање за мене е - не можеме ние да кажеме дека македонското прашање е затворено кога Судот за човекови права има донесено одлуки и пресуди за Македонците од другата страна на границата, во Бугарија, кои што велат дека бугарското општество не ги почитува елементарните човекови права на македонската заедница таму“, посочи Христијан Мицкоски.

Смета дека ќе биде неодговорно од него ако како претседател на македонската Влада тоа го игнорира, мислејќи дека на тој начин ќе ги решава проблемите.

„Додека сум жив и се занимавам со оваа работа ќе се борам овие неправди да бидат исправени во 21 век. Кога мене ќе ме нема или кога нема да ја вршам оваа работа, тогаш останува на генерациите по мене. Но, мора да имаме институционална трага дека сме се бореле, дека не сме го напуштиле бојното поле и дека не сме биле издајници на македонскиот народ и на македонскиот идентитет“, изјави Мицкоски.

Каква аналогија

Неговата изјава брзо беше пренесена во грчките, но и во бугарските медиуми.  Грчкото МНР  вчера во соопштение „потсети дека за дополнителниот напредок во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на соседната земја предуслов е целосното почитување на Договорот од Преспа и воздржување од иредентистички декларации и претензии кон соседните земји“.

Од новата Влада во Софија деновиве беше испратена порака дека приклучувањето кон ЕУ треба да се базира на сопствени заслуги, алудирајќи на исполнување на преземените обврски.

Европратеникот од ГЕРБ/ЕНП, Андреј Ковачев
Европратеникот од ГЕРБ/ЕНП, Андреј Ковачев: Преговарачката рамка вклучува исполнување на договорите. Исполнувањето на договорите ги вклучува и протоколите приклучени кон нивФотографија: EP/S. Pirlet

Но, темата Македонија во тамошната јавност сега се наметнува и преку аналогија со пораките од Резолуцијата што вчера ја усвои Европскиот парламент. Со неа ЕП ги осудува и отфрла  историските тврдења  на рускиот режим за поткопување на историјата и националниот идентитет на Украина, кои Москва ги користи за да ја оправда нејзината тековна нелегална војна.

Европратеникот од ГЕРБ/ЕНП, Андреј Ковачев, резолуцијата против Русија усвоена од ЕП ја оцени како исклучително важна во однос на манипулацијата и фалсификувањето на заедничката европска историја од страна на Руската Федерација. Во тој контекст направи и една аналогија.

„Ние гледаме и знаеме многу добро што се случува во Република Северна Македонија, дека фалсификувањето на историјата води кон омраза и поделба меѓу луѓето“, рече тој меѓудругото, во видео објавено на неговиот профил на Фејсбук.

Со Преговарачката рамка до промена на учебници

Изјавата не е случајна, бидејќи истата аналогија ја направи и во деновите на подготовка на резолуцијата. Во интервју за емисијата „Брисел 1“ изрази очекување текстот на документот да го нагласи значењето на образованието, илустрирајќи го тоа низ паралела со Македонија.

„Ако направиме паралела со нашиот договор што го имаме меѓу Република Северна Македонија  и Бугарија,  таму исто пишува и дека историјата треба да се учи врз основа на академски потврдените историски факти од соодветната епоха (...) Се надевам тоа да биде силен сигнал за сите држави членки на ЕУ и на земјите кандидати“, изјави Ковачев.

Прашан - какви се ресурсите на ЕУ да влијае врз Македонија за таа земја-кандидат да ги сообрази учебните програми со истриската вистина и со фактите, тој ја посочи Преговарачката рамка.

„Преговарачката рамка вклучува исполнување на договорите. Исполнувањето на договорите ги вклучува и протоколите приклучени кон нив. И таму е запишано дека Комисијата (историската -н.з.) треба да работи, да нема говор на омраза и соодветно да се адаптираат наставните програми“, изјави тој.

Затоа и ја прашал  евркомесарката за проширување Марта Кос -  дали знае дека Комисијата е задолжена со Преговарачката рамка, и дека точката 5 предвидува оти напредокот по патот кон европска интегрција на Северна Македонија е поврзан со исполнување на договорите со Грција и Бугарија и со годишните протоколи, каде треба да бидат постигнати сериозни резултати.

„Одговорот (на Кос - н.з.) беше јасен и категоричен. Договорите треба да се исполнуваат. Pacta sunт survanda. Таа го кажа тоа на сослушувањето во Комисијата за надворешни работи во ЕП. И потврди, дека не само промената на Уставот и вклучувањето на Бугарите во преамбулата и во сите други делови од Уставот на РСМ, каде што се набројуваат делови од народи, туку - и исполнување на Договорот со Бугарија заедно со протоколите, од кои гледам дека тие бегаат како ѓавол од темјан“, изјави Ковачев.

Наведувајќи дека Мицкоски и Муцунски биле во дипломатска офанзива за да објаснуваат дека не сакаат дополнителни услови, тој изјави дека  „нема дополнителни услови, се е во преговарачката рамка“.