1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГерманија

Пред 75 години: Први избори за Бундестагот

Кристоф Хаселбах
14 август 2024

Четири години по диктатурата и војната, на Германците повторно им беше дозволено да изберат демократски парламент во 1949 година, но само на Запад. Тоа беше и тест за младата држава Сојузна Република Германија.

https://p.dw.com/p/4jPsE
Пред 75 години: Први избори за Бундестагот  во 1949 година
Пред 75 години: Први избори за Бундестагот во 1949 годинаФотографија: dpa/picture alliance

Германија во 1949 година лежи во урнатини. По национал-социјализмот и војната поминаа само повеќе од четири години, последните слободни избори беа пред 17 години, непосредно пред Адолф Хитлер да ја укине демократијата. Само неколку месеци по  основањето на Сојузна Република Германија,  повторно дојде тој час: на 14 август, Германците се повикани да изберат парламент на слободни, демократски избори.

„Тоа не беа само  првите сојузни избори,  туку беа и првите слободни избори од есента 1932 година, во последната фаза на Вајмарската република опфатена со кризата“, истакнува за ДВ историчарот Бенедикт Винтгенс. „Колапсот на цивилизацијата и Втората светска војна со сите нејзини последици се случија во меѓувреме. „Во овој поглед, тоа беше нов почеток во изборите, во демократијата, а исто така и во  државна рамка каква не постоеше дотогаш.“ 

Сепак, не сите Германци смееја да гласаат. По војната, земјата беше поделена на окупациски зони меѓу четирите победнички сили. Само трите западни победнички сили, САД, Велика Британија и Франција дозволија избори, додека Советскиот Сојуз инсталираше комунистички систем без слободни избори во неговата окупирана зона на исток.

Голем избор на партии

Околу 31 милион граѓани со право на глас имаа широк избор на партии. Винтгенс истакнува дека „во 1949 година на партиите сè уште им беше потребна дозвола од сојузничките окупаторски сили“. Покрај конзервативните Демохристијани (ЦДУ/ЦСУ) и Социјалдемократите ориентирани кон работниците (СПД), на изборите учествуваа на пример либералната Слободна демократска партија ФДП, Комунистичката партија, Земјоделската партија, која можеше да биде бирана само во Баварија, национално-конзервативната Германска партија и Партијата на центарот под католичко влијание, како и многу други. Некои од тогашните партии одамна исчезнаа.

Една од посебните карактеристики на изборниот систем беше клаузулата од пет проценти. Во тоа време таа се применуваше на покраинско ниво и оттогаш на национално ниво: во Бундестагот можат да влезат само партиите што ќе добијат најмалку пет проценти од гласовите.

Силно оштетената зграда на Рајхстагот во Берлин во 1945 година
Силно оштетената зграда на Рајхстагот во Берлин во 1945 година - Бундестагот се пресели од Бон во главниот град дури во 2000 година Фотографија: Usis-Dite/Leemage/picture alliance

Бон е планиран како место за состанување на парламентот, што во тоа време беше замислено како привремено решение. Сепак, привремениот аранжман остана до по обединувањето на Германија во 1990 година; во 2000 година парламентот се врати во Берлин.

Изборен повик од Аденауер и Шумахер

Но, дали Германците во западните зони всушност ќе ги искористат своите вратени избирачки права и на тој начин ќе ѝ дадат легитимитет на младата држава Сојузна Република Германија? Главните кандидати од најперспективните партии, Курт Шумахер од СПД и Конрад Аденауер од ЦДУ, очигледно имаа свои сомнежи. И двајцата изричито ги повикаа луѓето да гласаат.

„На 14 август никој не смее да остане дома. Сите треба да одат да гласаат“, повика Аденауер. А Шумахер за значењето на изборите изјави: „Сојузна Република во Западна Германија треба да биде обединета за да ја формира основата на германското единство, таа треба да им даде можност на Германците да станат рамноправен дел од реорганизирана Европа“.

Остри напади во предизборната кампања

Изборната кампања се водеше со голема жестокост. Шумахер, со лузни од десет години поминати во концентрационен логор бидејќи пружил политички отпор на националсоцијализмот, во една прилика го нарече Аденауер „Лигенауер“ (лажго Аденауер), а за ЦДУ рече дека е „застапник на интересите на воените профитери". Тогаш 73-годишниот Аденауер, поранешен градоначалник на Келн, го нарече пак Шумахер „ловец на глувци “, ги нападна неговите тиради критички настроени кон црквата и му имплицираше блискост со комунистите.

Избори за Бундестаг 1949
Курт Шумахер, канцеларски кандидат од СПД, десет години поминал во концентрационен логорФотографија: dpa/picture alliance

Во земјата сѐ уште владееше огромна беда. Насекаде дефицит од станбен простор, што не беше ни чудо по уништувањето во текот на војната и со оглед на милионите германски бегалци кои дојдоа во Сојузна Република од изгубените источни територии. Цените беа високи, како и невработеноста. Во однос на економската политика, ЦДУ го поддржуваше концептот на социјална пазарна економија, во која слободниот пазар е поддржан од социјална држава. СПД, од друга страна, се потпираше на национализација на клучните индустрии и посилно државно планирање.

Прашањето за повторно обединување беше исто така важно прашање за изборната кампања. Шумахер тука беше категорично национален и жестоко повикуваше на германско единство, додека Аденауер сметаше дека западната интеграција на Сојузна Република Германија е поважна.

Силно фрагментиран Бундестаг

Ден по изборите, спикерот на популарната емисија преглед на вести, формат за кино вести, е ентузијаст: „Западна Германија го избра својот прв Бундестаг. Од морскиот брег до најмалото планинско село, припадници на сите класи и од различно потекло ги следеа повиците да гласаат".

Својот глас го дале 78,5 отсто од оние со право на глас. Високиот одѕив на гласачите се смета за широка поддршка на народот за новиот политички поредок.

Во Бундестагот влегоа 11 партии. Најсилна пратеничка група имаа партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ со 31 отсто од гласовите и 139 од вкупно 402 мандати во Бундестагот. СПД доби 29,2 отсто од гласовите и со тоа 131 пратеничко место. ФДП, третата најсилна сила, имаше 52 пратеници, додека конзервативната Германска партија и баварската Земјоделска партија има по 17 пратеници. Комунистичката партија влезе во Бундестагот со 15 пратеници. Денес многу луѓе зборуваат за многу фрагментиран Бундестаг, но тогаш парламентот беше многу поразновиден.

Сè уште далеку од суверена држава

Првиот Бундестаг беше конституиран на 7 септември 1949 година. По тешки коалициски преговори, Унијата формираше коалиција со ФДП и Германската партија. Конрад Аденауер е избран за канцелар на 15 септември со предност од еден глас - неговиот.

Како цена за коалицијата со ФДП, Унијата мораше да гласа за Теодор Хојс од Либералите за сојузен претседател. Хојс беше избран на функцијата три дена пред Аденауер, на 12 септември.

Конрад Аденауер (лево) при полагањето заклетва за канцелар во 1949 година
Конрад Аденауер (лево) при полагањето заклетва за канцелар во 1949 година Фотографија: dpa/picture alliance

Така, новата држава ги надмина клучните пречки. Но, првиот официјален чин на Аденауер како канцелар покажува колку е сè уште ограничен неговиот опсег: неговата посета на високите комесари, претставниците на западните победнички сили кои ја надгледуваат новата влада. И покрај основањето на државата, важни области како што се надворешната политика и економијата остануваат под нивен надзор.

Положен демократскиот тест

Но, првиот интерен тест е положен. Поуките за денес? Историчарот Бенедикт Винтгенс укажува на денешните стравови од политички екстремизам  и  прелом во партискиот систем.

„Ако ја погледнете 1949 година, ќе видите како тогаш сè мораше да се среди и да се пререди. И преку политичките понуди, преку политичко лидерство, преку политички процес, започна развој што од оваа  несредена и земја која беше силно оптоварена од националсоцијализмот  и Студената војна, ќе се создаде стабилна демократија. Лекцијата можеби е дека нештата може да се средат преку политичка акција и учество."