1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повлечи - потегни преговори за струјата во Слупчане

ДТЗ
4 август 2023

Иако компанијата соопшти дека имале уште еден успешен состанок со жителите на Слупчане, конечно решение дали должниците ќе плаќаат редовно струја во иднина, сè уште нема.

https://p.dw.com/p/4UmVB
струја
ЕВН и жителите на Слупчане никако да дојдат до решение за модернизирање на мрежата во селото и подмирување на старите долгови за струја.Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Tcarnaev

ЕВН и жителите на Слупчане никако да дојдат до решение за модернизирање на мрежата во селото и подмирување на старите долгови за струја. Иако компанијата соопшти дека имале уште еден успешен состанок со жителите на Слупчане, конечно решение дали должниците ќе плаќаат редовно струја во иднина, сè уште нема.

„Денескa повторно се одржа успешен состанок меѓу претставници на ЕВН и претставници на селото Слупчане. На состанокот се финализираа техничките детали за реализација на проектот за реконструкција и модернизирање на мрежата. Во понеделник ќе се одржи последниот состанок, по кој следува спроведувањето на проектот, велат од ЕВН.

Претседателот на Советот на Општина Липково, Зекирија Шаини вели дека се очекува да се финализираат некои финеси и детали и да се почне со модернизација на мрежата.

Изминатиот период се случија неколку инциденти при обидот на екипите на ЕВН да влезат во селото. Се случија блокади и дефекти при обид на диво да се вклучи струјата, а компанијата се жалеше и дека биле упатувани и закани кон нивните екипи. На 27 јули беше постигнат договор кој наскоро треба да биде потпишан. Модернизирањето на мрежата треба да почне на 9 август. 

Што е договорено во Слупчане?

Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција побара Владата на ДУИ и министерот Крешник Бектеши да соопштат што е договорено во Слупчане во однос на плаќањето сметки за струја.

„Дали Владата, која се вмеша во овој должничко-доверителски спор, е гарант за жителите на Слупчане дека ќе добијат отпис на долговите или гарант за ЕВН дека ќе ги наплатат парите. Дали Владата е гарант дека во Слупчане ќе се добие гарантирана месечна наплата за струја, како што бараат од 3.000 денари, без разлика колку се троши? Дали Владата можеби ќе им ги плати долговите на слупчанци кон приватна фирма бидејќи парите на крајот сепак ќе бидат наплатени? Дали Владата ќе дозволи можеби повисока сметка на струја на државно ниво за да се покрие таа разлика?“, прашува Стоилковски.

Според него, мора да се даде одговор на прашањето зошто сега се случува овој проблем ако се знае дека со само две неплатени сметки ЕВН гаси струјомер насекаде во Македонија и како се дозволени толкави милионски долгови, а никој не презел мерки.

Тензии

Министерот за економија Крешник Бектеши при последната посета на селото на 6 јули порача дека сите граѓани мора да плаќаат за потрошената електрична енергија, а Министерството за економија ќе помогне во секоја ситуација каде што има потреба, согласно надлежностите коишто ги има.

Тензиите околу неплаќањето струја во селото Слупчане траат веќе подолг период. Вкупните годишни загуби поради кражбите во село Слупчане изнесуваат над 1 милион евра, односно околу 6 GWh. Процентуално, 80% од годишната потрошена енергија се краде, а само третина од 20% фактурираната енергија се наплаќа.