1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Поради војната во Украина, Ниш преполн со странски студенти

4 февруари 2023

Поради војната морале да ги напуштат студиите по медицина започнати во Украина, а сега ги продолжуваат во Ниш, на англиски јазик. ДВ разговараше со некои од тие студенти

https://p.dw.com/p/4MuZ3
Странски студенти во Ниш, Србија
Странски студенти во Ниш, СрбијаФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Кога Шинга Чикура решил да биде четврта генерација лекари во фамилијата, се запишал да студира медицина во Украина. На факултетите во Велика Британија, од каде што доаѓа, има премалку места, вели тој.

Но, на крајот од неговите студии, на шеста година медицина, започна војната. Бил очаен. Едвај успеал да се врати дома во Англија.

„Мислев, толку од студирањето. Се обидов да се пријавам во Англија, Франција, Германија, но секаде добив одговор – можам да студирам, но само од почеток, од прва година. Бев тотално разочаран, мислев дека напразно го загубив времето“, раскажува 27-годишното момче за Дојче веле. Тогаш дознал дека има уште опции, а една од нив е во Ниш, Србија. 

„За Србија мислев – блиску е до Украина, можно е да има војна. Но, ги разгледав деталите и поразговарав со некои кои се веќе овде, сите рекоа дека е супер и нема проблеми.“

Најмногу го радува што со запишувањето на Медицинскиот факултет во Ниш не морал да започне од почеток, туку од петта година. За тоа одлучувал Научно-наставниот совет на факултетот и тоа врз основа на положените испити. Така загубил само една година.

„Војната е страшен период“

Програмата за студирање медицина на англиски јазик за странски студенти во Ниш постои веќе четири години, но вистински заживеа дури од почетокот на војната во Украина. Студенти доаѓаат од бројни земји.

Ширин Рахмани е од Саудиска Арабија, има 22 години и е на петта година студии, заедно со колегата од Англија. За разлика од него, таа и порано сакала да ја напушти Украина и да дојде токму во Ниш. Ѝ се допаднало она што го видела на сајтот на факултетот – голем број публикации од професорите, како што вели, и добро реноме на факултетот. Ѝ пречела, додава, и студената украинска зима.

Србија, Ниш странски студенти
Ширин Рахмани е меѓу првите кои од Украина се префрлиле да студираат во НишФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

А тогаш почнала војната. Следела трка за докази за завршените години на факултет, трка за слободно место за авионски лет од Киев, трка за засолниште за време на нападите и така во круг.

„Тоа беше страшен период. И сега кога ќе чујам огномет, морам да си речам – тоа е само огномет. А поради ситуацијата меѓу Србија и Косово, секогаш во главата некаде ми е помислата дека нешто може да се случи. Се надевам дека нема ништо да биде, но мислата секогаш е присутна“, раскажува Ширин, многу присебно, но видно потресена.

Ширин вели дека имала комплетна поддршка на вработените во факултетот: „Јас бев меѓу првите од Украина и ми помагаа во текот на целиот процес. Тогаш ни тие не знаеја што треба да се направи, заеднички пронаоѓавме решенија. Можеби оние кои дојдоа после мене го немаа тој луксуз, но за мене, како прв студент, беа многу добри. Дури ми помогнаа и да најдам стан, да се навикнам на животот во Србија. Тоа ми се допадна.“

Не ѝ пречело што мора да полага дополнителни испити. Многу повеќе ѝ значи, вели таа, што има можност да работи на истражувања, за што отсекогаш била заинтересирана.

Германката која го остварила својот сон

Меѓу студентите има и такви кои директно дошле на студии во Ниш, на пример Аника Жобер од Германија. „Бев пресреќна кога положив со добри резултати и добив едно од 25 места“, се присетува таа и раскажува дека се плашела дали ќе го положи приемниот испит на англиски јазик. 

Студентски маки со прескапи станови

Аника има 37 години и моментално е на трета година на Медицински факултет во Ниш. Отсекогаш сакала да студира медицина, вели таа, но трошоците за живот во Германија се превисоки, иако школарината е ниска или не постои. Затоа по средното училиште со години работела како медицинска асистентка на различни одделенија, како максилофацијална хирургија, онкологија и педијатрија.

Аника Жобер со години работела во здравство, а сега студира медицина во Ниш
Аника Жобер со години работела во здравство, а сега студира медицина во НишФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

А зошто дошла токму во Ниш, ја прашуваме. „Истражував и пронајдов дека во Србија се работи според Болоња, исто како и во Германија. И второ, постои договор за прифаќање на дипломи од двете страни. Сфатив дека можам да имам само предности.“

За Србија, вели таа, чула пред многу години и од својот професор по математика, Србин. На крајот на краиштата, вели, лекарите од Србија се многу ценети во Германија. „Помислив, тука мора да има нешто.“ 

„Многу ми се доаѓа тоа што се учи во мали групи, така што постои голема поврзаност меѓу студентите и професорите. Тие имаат доволно време за нас, да ни објаснат ако нешто не ни е јасно. Тоа е голема предност за сите нас овде," вели Аника.

Предностите на мал град

Моментално на факултетот во Ниш студираат 268 студенти од странство. Од нив, 170 дошлево оваа школска година од медицински факултети во Украина. Најмногу ги има од Велика Британија, Германија, Франција, Португалија, Норвешка, Финска и Ирска, но и од Индија, Саудиска Арабија, Нигерија и други земји.

За нив една година студии чини 5.500 евра или 2.750 евра по семестар. Иако во Белград и Нови Сад има многу повеќе странски студенти на медицинските факултети, од Украина во Нови Сад заминале само педесетина, а во Белград – ниеден.

Шинга Чикура ќе ги заврши студиите по медицина во Ниш
Шинга Чикура ќе ги заврши студиите по медицина во НишФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Самите студенти со кои разговараше ДВ велат дека го избрале Ниш зашто е помал град и можат да се посветат на учењето. А дека имаат голема желба за работа, потврдува и нивниот професор по предметот гинекологија и акушерство, доцент д-р Милан Тренкиќ. Освен предавања, тој им држи и практични вежби на клиника. 

„Не знам дали е тоа пракса од Украина, но навистина многу се разликуваат од нашите студенти. Прашуваат многу, бараат наше целосно внимание. Ако се случи нешто да не се разбираме, тие се опремени со ајпеди, веднаш се вадат книги. А и најголем дел од поимите се на латински, па лесно ги надминуваме бариерите“, вели д-р Тренкиќ.

Од Ниш, со диплома во белиот свет

Покрај она што го учи на факултет, Шинга Чикуру на пример сака да знае и што е добра сливовица, што е ајвар или полнети пиперки. А Аника Жобер е одушевена од пилешки ражниќи во сланина и телешка опашка.

Оние кои се дојдени од Украина велат дека се среќни што добиле прилика да ги завршат студиите. И како и на сите останати студенти, заедничко им е што имаат големи планови за иднината. Ширин сака да замине на специјализација за интерна медицина и супспецијализација за гастроентерологија во САД, Шинга радо би се вратил во Велика Британија и би станал ревматолог, како и татко му, а Аника планира да работи во родната Германија, или можеби во Швајцарија...