Пјонгјанг го ратификуваше одбранбениот договор со Москва
12 ноември 2024Северна Кореја го ратификуваше договорот за меѓусебна одбрана со Русија, кој го запечати нивното зближување околу руската војна во Украина, објави денеска (12 ноември, 2024) севернокорејската агенција КЦНА.
Договорот е ратификуван во форма на декрет потпишан од севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун во понеделникот, додаде КЦНА.
Рускиот претседател Владимир Путин веќе го потпиша декретот за ратификација на договорот со Северна Кореја за меѓусебна одбрана, соопшти Кремљ минатиот викенд.
Одбранбениот пакт го формализира повеќемесечното продлабочување на безбедносната соработка меѓу двете земји, комунистички сојузници за време на Студената војна.
Русија и Северна Кореја се зближија на почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година.
Според украинските власти, околу 12.000 севернокорејски војници веќе се распоредени во Русија и почнале да се борат против Украинците на руска територија, во областа Курск. Мал дел од таа област беше окупирана од украинските сили во офанзивата која започна во август.
Хонг Мин, експерт од јужнокорејскиот институт за национално обединување, оцени дека Пјонгјанг и Москва ќе бараат легитимитет за распоредувањето на севернокорејската армија во Русија и ќе потврдат дека оваа акција е оправдана врз основа на ратификуваниот договор.
Според него, договорот укажува на „дополнително и потенцијално поголемо распоредување на севернокорејски војници во Русија“.
Севернокорејската министерка за надворешни работи Чое Сон Хуи неодамна ја посети Москва каде рече дека нејзината земја „ќе стои цврсто со руските другари до Денот на победата“.
Таа офанзивата против Украина ја нарече света борба.