1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасниот танц на Македонија со судбината

30 август 2023

Нашата европска агенда е заложник на посакуваниот резултат на следните парламентарни избори. Најновата македонска политичка дилема е - ЕУ или Власт! Пишува Никола Тодоров

https://p.dw.com/p/4Vj2Y
Никола Тодоров
Никола ТодоровФотографија: DW/B. Gerogvievski

Мојата колумнистичка 2023 година ја започнав со колумната насловена Уставни измени, парламентарни избори, сѐ или ништо! Преку колумната анализирав четири можни сценарија за промена на Уставот и напредување на патот кон нашето полноправно членство во ЕУ и едно сценарио кое предвидуваше не-промена на Уставот и блокада на нашата европска агенда. Колумната ја завршив со следнава констатација: „Според Бизмарк, политиката е уметност на можното. Во оваа шаховска партија, ќе видиме кој од професорите Мицкоски и Ковачевски ќе излезе политички велемајстор. Се плашам само партијата да не заврши со шах-мат на нашата европска иднина.“

Како што стојат работите, еве речиси девет месеци подоцна, веројатноста од шах-мат на нашата европска иднина е поголема од веројатноста за наш напредок кон Европската унија и воопшто за наш напредок како земја. Девет месеци се доволно за да се роди здраво и право дете, но очигледно се малку за меѓусебно завојуваните Македонци да најдат заеднички јазик за тоа како да ја постигнеме заедничката цел. И така гласно, а често и помалку рационално, расправајќи се како да стигнеме до целта, ризикуваме да ја загубиме можноста кога било да стигнеме до целта. Трагично, но и доста карактеристично за нас и за нашиот синдром на краба за кој пишував неодамна, а кој нѐ следи и уништува цела вечност.

Очигледно е! Никој не мисли на европската агенда, туку секоја партија става сѐ на картата на следните парламентарни избори. Накратко, нашата европска агенда е заложник на посакуваниот резултат на следните парламентарни избори. Жалам што ова морам да го напишам, но најновата македонска политичка дилема е - ЕУ или Власт!

Голем политички трошок 

Верувајте, повеќе од ВМРО, да не се изгласаат уставните измени сака само СДСМ. Тие се цврсто убедени дека доколку ВМРО не гласа за уставните измени, целата меѓународна заедница ќе го гледа ВМРО како антиевропски елемент и кочничар на македонската евроинтеграција, а нив ќе ги гледаат како прогресивни европски сили која треба со сета сила да се поддржи. Настрана ставот на мнозинството избирачи, на крајот на денот, реал-политиката е понекогаш брутална, па ова може навистина и да се оствари. 

Во овој политички гамбит, ВМРО мора да игра на мудрост, а не на коцкарска среќа. Едно е јасно, ВМРО не може да си дозволи да остане уште четири години во опозиција, а Македонија не може да издржи уште 4 години под оваа власт. Од друга страна пак, пропуштањето на моментумот и губење на чекорот во трката за наше полноправно членство во ЕУ може да биде прилично висок политички трошок, не за ВМРО или СДСМ, туку за македонските граѓани. Шансите Бугарија да биде притисната да направи некоја отстапка од она што го има добиено или веќе попуштено, во овој момент е сведено на нула, а така ќе остане и во наредните најмалку неколку години. Бугарија во овој момент е стратешки, би рекол, помеѓу најважните држави во светло на конфликтот во Украина, па очекувањата дека можеме со некаков дипломатски притисок да издејствуваме поповолна позиција за Македонија или да ја притиснеме Бугарија на некаков реципроцитет се детски и нереални, да не речам лажни и невозможни.

Трговија со иднината

Потребно е решение кое ќе биде на линија со моментумот за фаќање на последниот воз за ЕУ, кое ќе биде под некакви македонски услови, а не под бугарски диктат и кое нема да влијае на резултатот на следните парламентарни избори. Дали е можно? Можно е, вакво решение постои, но треба малку доверба и многу љубов кон татковината.

Како и да е, останува констатацијата дека ЕУ-моментумот кој го живееме, ризикуваме да го испуштиме поради нашиот миопатски синдром кој нѐ држи во константна позиција јасно да ги гледаме само оние работи кои ни се пред очи, а да не можеме јасно да ги видиме оние кои се подалеку, а кои во голема мера ја прават големата слика. Големата слика често не можеме да ја видиме и тоа доведува до крупни дипломатски промашувања и/или до циклични политички кризи. За жал многу често, некој трет кој има некаков друг геополитички интерес, различен од нашиот, како намерно да ни ги става пред очи работите што тој сака да ги видиме и да ги гледаме, наместо оние кои се малку подалеку, а кои ја прават големата слика. Нереализирани ветувања, уништени надежи, танцот на Македонија за членството во ЕУ во наше име, како долго време да го игра некој трет, кој ни се преставува како пријател и брат, а всушност си игра во негова регионална политичка корист, искористувајќи ги притоа нашите политички синдроми на краба и миопатија.  

Наполеон Бонапарта еднаш рекол: Причината поради која повеќето луѓе не успеваат наместо да успеат е дека го менуваат (тргуваат) она што најмногу го сакаат со она што го сакаат во моментот. Најмногу сакаме да станеме членка на ЕУ, но во моментот сакаме да победиме на следните избори и со тоа ризикуваме да тргуваме со она по што копнееме повеќе од 30 години, за да го оствариме она што на секои 4 години некоја од партиите го остварува. Се плашам само да не е обратно, па желбата за власт да е поголема и тоа да е она што најмногу го сакаме во однос на она што можеме да го добиеме сега!

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема