1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полицијата во Кина спречува натамошни протести

ЖА / дпа
29 ноември 2022

Со масивно полициско присуство во повеќе кинески градови се спречува можно повторно разгорување на протестите против владината ригорозна анти-Ковид политика

https://p.dw.com/p/4KDDm
Полицијата во Кина спречува натамошни протести Шангај
Полицијата во Кина спречува натамошни протестиФотографија: Hector Retamal/AFP/Getty Images

Конфронтирана со најголемиот протестен бран во последните децении, кинеската држава демонстрира сила. На незадоволството на народот, насочено против  политиката на нула-Ковид,  државниот апарат се спротивставува со масивно полициско присуство.

Во кинескиот главен град Пекинг и во метрополите како  Шангај,  Гуангжу или Хангжу од вчера на улиците се забележува засилено присуство на полицијата. Зачестено се врши запирање на минувачите и од нив се бара да ги покажат своите мобилни телефони, заради вршење проверка на постоење сомнителни содржини или програми кои служат за заобиколување на кинеската цензура.

Најголемо полициско присуство во Пекинг е регистрирано во близината на дипломатскиот кварт, каде во неделата вечерта демонстрираа стотици луѓе. Во Шангај се подигнати препреки на фреквентните улици, за да се спречат поголеми собири како оние на викендот.

Шангај: Милиони жители во ковид-изолација

По повикот за излегување на нови демонстрации испратен преку социјалните мрежи, и на Народниот плоштад во источно кинеската пристанишна метропола се гледа масивно полициско присуство, како што јавуваат очевидци.

Во знак на протест против драстичните мерки во рамките на кинеската нула-Ковид политика, меѓу кои се постојани локдауни, присилни карантини, масовни тестови и постојани контроли преку апликациите за коронавирус, на викендот во поголем број градови во Кина на улиците излегоа илјадници луѓе. Во Пекинг се слушаа пароли како „Укинете ги локдауните“ и „Не сакаме ПЦР тестови, сакаме слобода“.

Станува збор за најголемите протести одржани во Кина од демократското движење, кое беше крваво задушено од страна на војската во 1989 година.