1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Најголема санација во историјата на германската железница

Сабине Кинкарц
13 јули 2024

Возовите на германската железница доцнат и ја срамат земјата дури и за време на Европското фудбалско првенство. Започнува најголемата програма за санација во историјата на германската железница

https://p.dw.com/p/4i1Pp
Штутгарт
Главната железничка станица во ШтутгартФотографија: Arnulf Hettrich/IMAGO

Само еден ден по завршувањето на Европското фудбалско првенство , во понеделник на 15 јули, Германската железница (Дојче Бан) ја започнува најголемата програма за санација во својата историја: обновување на целата мрежа на 40 главни линии (4200 км).

Планирано е да чини 45 милијарди евра и да трае до 2030 година. Во исто време, тоа значи дека многу важни железници во Германија ќе бидат целосно затворени со месеци . 

Прва на ред пругата Франкфурт - Манхајм

Прва на ред е железничката пруга меѓу Франкфурт на Мајна и Манхајм долга околу 70 километри - чие санирање ќе чини приближно 1,3 милијарди евра.

Изградена е во средината на 19 век, многу често се случуваат проблеми, па не може да сообраќа брзо и затоа речиси секој воз што минува таму доцни, што влијае на железничкиот сообраќај низ државата. Во Германија оваа железница е позната под името „Ридбан“.

„Никаде во Германија инфраструктурата не е толку оптоварена. На таа релација дневно сообраќаат околу 300 возови во локален, патнички, меѓународен и товарен сообраќај. Ридбан е првиот чекор на нашиот пат кон мрежа со високи перформанси“, вели Бертолд Хубер, член на Управниот одбор на Дојче Бан одговорен за инфраструктурата. 

Ќе се замени електричната контактна мрежа (140 километри) на целата траса, потоа околу 117 километри шини, значи речиси на целата траса во двата правци, како и чакал и 152 прекинувачи. Ќе се работи и на 20 станици, ќе се обнови сигнализацијата и ќе се подобри заштитата од бучава. 

Франкфурт
Железничката станица на аеродромот во ФранкфуртФотографија: picture-alliance/dpa/imageBROKER

Аеродромот во Франкфурт нема да биде достапен со воз

Трасата ќе биде целосно затворена најмалку пет месеци, што ќе влијае на целиот железнички сообраќај, вклучувајќи ги и меѓународните транзитни возови. Исто така важно за патниците со авион: за време на работите, нема да има директни железнички линии до најголемиот германски аеродром во Франкфурт на Мајна. 

Од средината на јули до средината на август, брзата линија меѓу Келн и Франкфурт ќе биде затворена, а возовите ќе бидат пренасочени.

На алтернативните линии, патувањето со воз ќе трае значително подолго. Илјадници патници ќе мора да користат автобуси. Сојузниот министер за транспорт Фолкер Визинг (ФДП) вели дека тоа е „заменски луксузен автобуски превоз“: 

„Тоа ќе бидат висококвалитетни опремени автобуси, со тоалети, безжичен интернет и слично, за патниците да се чувствуваат удобно во тие пет месеци“. Оваа изјава подразбира дека таков комфот во Германија - не е вообичаен.

автобуси
Автобуси наместо возовиФотографија: Andreas Arnold/dpa/picture alliance

Следната година линија Хамбург-Берлин

Според плановите на Германската железница, во 2025 година ќе биде затворена и санирана траса од околу 280 километри меѓу двата најголеми града во Германија – Хамбург и Берлин.

Со 30.000 патници дневно, тоа е најпрометната директна железничка врска меѓу градовите на долги релации, со околу 230 регионални, меѓународни, патнички и товарни возови дневно.

Исто така, во 2025 година треба да се санира трасата меѓу Емерих и Оберхаузен кон холандската граница.

Сѐ поголеми проблеми со доцнењето: прашање на углед и пари

Во меѓувреме, и врапците го знаат тоа - германските возови доцнат како никогаш досега. Само во 2023 година, повеќе од една третина од возовите на долги релации доцнеа - нов негативен рекорд за железницата која некогаш беше пример за точност.

Често се случува возовите да не стигнат ни на крајната дестинација поради долги доцнења - патувањето го завршуваат на некоја од претходните станици. Имено, тие возови не се вклучени во статистиката за возовите што доцнат. Да беше поинаку, статистиката ќе беше уште полоша.

Доколку возот доцни повеќе од 60 минути, што е често случај, патниците можат да побараат враќање на дел од цената на билетот. Така, Дојче Бан мораше да надомести 133 милиони евра во 2023 година, што е за 43 отсто повеќе од претходната година. 

Финансирање и иднината на Германската железница

Дојче Бан во 2023 година инвестираше рекордни 7,6 милијарди евра од сопствени средства. Сепак, поголемиот дел од инфраструктурата е толку застарен што повеќе не може да се поправа. Најголем дел од опремата не е употреблива за дигитално управување со железничкиот сообраќај, што треба да биде стандард во иднина. Затоа, санацијата на пругата е неопходна од повеќе причини.

Хановер
Работата на главната железничка станица во Хановер ќе продолжи од 2022 година.Фотографија: Moritz Frankenberg/dpa/picture alliance

Во исто време, финансиската состојба на Дојче бан - која е во сопственост на државата - е многу лоша. Се наталожија долгови - вкупно околу 34 милијарди евра.

Проблемот е следниот: сојузната влада и покраините мора да штедат , бидејќи се презадолжени. Според сегашната ситуација, гореспоменатите 45 милијарди евра што ги бара Дојче бан за плановите за рехабилитација не се целосно обезбедени. Сојузната влада вети само 30 милијарди евра. 

Освен тоа, доколку железницата сака да биде посигурна и поефикасна, рехабилитацијата на постојните траси не е доволна. Постоечката мрежа е преоптоварена, дополнителни возови би можеле да сообраќаат само на новоизградените линии. Како сето тоа ќе се реализира со оглед на заштедата - засега никој не знае.

 

Германецот што живее во воз

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ