1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоСоединети Американски Држави

Почина човекот којшто се самозапали пред судот во Њујорк

ЕМФ / ртр
20 април 2024

Почина човекот којшто вчера (19.04) се самозапали пред њујоршката судница каде што се одржуваше судењето на Доналд Трамп.

https://p.dw.com/p/4f0BT
Припадници на полицијата и на спасувачките служби на местото каде што се самозапали 30-годишниот маж во Њујорк
Припадници на полицијата и на спасувачките служби на местото каде што се самозапали 30-годишниот маж во ЊујоркФотографија: Brendan McDermid/REUTERS

Според официјални информации, Доналд Трамп не му бил мета на човекот којшто гореше неколку минути пред телевизиските камери поставени пред зградата на судот во Њујорк.

Ен-Би-Си Њус и други американски медиуми денеска (20.04) рано изутрина информираа дека мажот починал. Ен-Би-Си Њус ја цитира њујоршката полиција, од каде се вели дека болницата во која бил однесен мажот го прогласила за мртов. Официјални лица претходно изјавија дека мажот, кој имал 30-ти години, е во критична состојба.

Според изјави на сведоци, мажот извадил памфлети од ранец и ги фрлил во воздух пред да се полие со течност и да се запали. Во еден од тие памфлети има референци за „злобни милијардери“, но деловите во кои има увид агенцијата Ројтерс не го спомнуваат Трамп. Полициската управа на Њујорк соопшти дека човекот, кого го идентификува како Макс Азарело од Сент Августин, Флорида, не изгледа дека го имал за цел Трамп или други вклучени во судењето.

„Во моментов го етикетираме како еден вид теоретичар на заговор и поаѓаме оттаму“, рече на прес-конференција Тарик Шепард, заменик комесар во њујоршката полиција.

Во онлајн манифест, човек кој го користи тоа име вели дека се самозапалил и им се извинува на пријателите, сведоците и првите лица кои реагираа. Објавата предупредува на „апокалиптичен фашистички удар“ и ги критикува криптовалутите и американските политичари, но не го издвојува особено Трамп.

Шокантното самозапалување се случи по завршувањето на изборот на поротата за судењето на Трамп во процесот за наводна исплата на 130.000 долари на порно ѕвездата Сторми Даниелс во замена за нејзиниот молк пред претседателските избори во 2016 година. Сторми Даниелс тврдела дека имала секс со Доналд Трамп. Поранешниот американски претседател негира дека имал афера со порно ѕвездата, но не и дека биле исплатени пари. Договори за молк помеѓу две страни во основа не се нелегални, но Трамп е обвинет дека исплатата ја завел спротивно на законот, односно се обидел да ја камуфлира на нелегален начин, со што направил повеќе прекршоци.