1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекарите како глинени гулаби - се бара нивна заштита

ДТЗ
22 март 2024

Лекарите најчесто молчат за нападите. Годинава само тројца лекари пријавиле напади, но тоа е далеку од реалната состојба, велат од Лекарската комора за ДВ.

https://p.dw.com/p/4e0gD
лекар
Лекарите како глинени гулаби - се бара нивна заштитаФотографија: Colourbox

Убиството на матичен лекар на паркингот на Поликлиниката Железара во Скопје ја крена лекарската фела на нозе. Се бара расветлување на случајот и заштита на лекарите, бидејќи „никаков вид на насилство во општеството не смее да се толерира“. 

„Загубата на човечки живот секогаш е тешка, но трагедијата е многу поголема кога тоа е направано на насилен начин. Загубата на доктор е и загуба за целиот здравствен систем“, порачаа од Лекарската комора. 

Вознемиреност 

Убиството на доктор што се случи во четвртокот (21.03) во скопската населба Железара, предизвика силна вознемиреност кај докторската фела. Лекарот А.Т.(67) од Скопје бил пронајден мртов, со убодни рани по телото. Го пронашле неговите синови кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа. Обвинителството издаде наредба за обдукција, а полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ преку статус на Фејсбук упати најостра осуда за нападите врз здравствените работници кои се случуваат се почесто. Порачаа дека во иднина ќе се залагаат за заштита на „белите мантили“. 

лекари
Здравствените работници често се соочуваат со непријатни ситуации, физички и вербални нападиФотографија: Petr Stojanovski

„Пријавете напад“ 

Здравствените работници често се соочуваат со непријатни ситуации, физички и вербални напади. Лекарската комора неодамна воспостави процедура за пријавување на напад на доктор на работно место и ги повика сите доктори кои се жртва на физички или вербален напад, навреди или друг вид на насилство за време на извршување на работните задачи да го пријават и во Комората, покрај во полиција.

На овој начин, Комората ќе може да има попрецизен увид во зачестеноста на насилството во здравствените установи, активно ќе го следи постапувањето на надлежните институции и ќе предлага мерки и политики за сузбивање на насилството врз лекарите.

„Насилството врз здравствени работници добива на интензитет, а за негово сузбивање се потребни системски решенија што ќе бидат имплементирани на национално ниво и на ниво на здравствени установи“, порачаа неодамна од Лекарската комора.

Ставот на фелата е дека е неопходно лекарите да се чувствуваат безбедно на своето работно место за да можат непречено да ги лекуваат пациентите. „Лекарите и пациентите се дел од иста целина и само со меѓусебно почитување и градење на доверба може да дојдат до заедничката цел, излекување“, порача неодамна проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседател на Лекарската комора. 

Лекарите молчат за нападите 

Но, лекарите најчесто молчат за нападите. Тоа го потврдуваат и податоците на Лекарската комора. Оттаму во изјава за ДВ велат дека годинава само тројца лекари пријавиле напади, но тоа е далеку од реалната состојба. 

Првиот случај е лекар од Радовиш кој физичкиот напад го пријавил преку алатката на Лекарската комора. Во другите два случаи лекарки од Скопје се пожалиле на вербални напади од страна на пациенти. 

Во анкета спроведена од Лекарската комора пред две години - 78% од докторите пријавија дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место. Од нив, 80% биле изложени на вербално насилство, додека 6.8% доживеале физичко насилство. Речиси 70% од нападите воопшто не се пријавени. 

лекари
Лекарската комора бара да се заштитат „белите мантили“Фотографија: Imago Images/Panthermedia/Kzenon

Кривично дело 

На иницијатива и залагање на Лекарската комора во 2023 година се направени измени на Кривичниот законик со што насилството врз здравствените работници е насилство спрема службени лица и претставува кривично дело. Со тоа делата како употреба на сила, сериозни закани, навреда, малтретирање, задавање телесни повреди или закана со употреба на оружје кон лекар при вршење на професионалните работни задачи се кривични дела за кои е предвидена казна затвор.

Во 2017 година во соработка со другите медицински комори како и Министерството за здравство беше потпишана Декларација – Стоп за насилството врз здравствените работници. Едно од начелата во Декларацијата беше да се изработат стратегии и планови на национално ниво и на ниво на здравствени установи за спречување на насилството врз здравствени работници. Друга предвидена активност со Декларацијата беше да се обезбеди систем од Владата и здравствените установи преку кој ќе се документираат сите инциденти на насилство во здравството.