1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамБелгија

По нападот во Брисел: Застрелан осомничениот напаѓач

ЕМФ | агенции | АРД
17 октомври 2023

По убиството на двајца Швеѓани во Брисел, белгиската полиција денеска го застрела осомничениот напаѓач.

https://p.dw.com/p/4XcDx
Брисел напад
Белгиската полиција го застрела осомничениот напаѓач на двајцата ШвеѓаниФотографија: Hatim Kaghat/Belga/dpa/picture alliance

Белгиската полиција денеска (17.10) го застрела осомничениот напаѓач на двајцата Швеѓани, кои вчеравечер беа убиени на околу пет километри оддалеченост од фудбалскот стадион во Брисел, каде играа репрезентациите на Белгија и Шведска. Тој е пренесен во болница, на оддел за интензивна нега, јави агенцијата Ројтерс. Белгиската министерка за внатрешни работи Анели Верлинден изјави дека осомничениот напаѓач бил фатен и застрелан во кафуле во населбата Шарбек, во Брисел. На лице место е пронајдено оружје, соопшти Верлинден.

Во моментов се утврдува идентитетот на напаѓачот со помош на отисоци од прсти. Белгискиот премиер Александер де Кро изутринава соопшти дека се работи за маж со туниско потекло, кој во Белгија престојувал илегално. Според некои извори, Тунежанецот веќе бил познат поради терористички кривични дела.

Шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром на Х објави дека жртвите во нападот биле фудбалски навивачи. Ерик Ван Дојз, портпарол на белгиското обвинителство, соопшти дека истрагата се концентрира на „можен терористички мотив“.

Зајакнато полициско присуство

Степенот на предупредување за Брисел е подигнат на највисоко ниво, па полициското присуство е зајакнато. Премиерот Де Кро соопшти дека зајакнати безбедносни мерки ќе има и на чувствителни локации, особено на места кои што се поврзани со шведската заедница во Белгија. Засилени контроли има и во остатокот од земјата. Де Кро ги повика граѓаните на зголемена претпазливост.

Попладнево треба да се состане белгискиот Совет за безбедност. Шведскиот премиер Улф Кристерсон ги повика своите сонародници во Белгија да бидат претпазливи и будни. Де Кро му изрази на Кристерсон сочувство и оцени дека „борбата против тероризмот“ на двете земји „како блиски партнери е заедничка борба“.

Осомничениот сторител веројатно направил видео

Нападот во Брисел се случил вчера, нешто по 19 часот. Според новинската агенција Белга, вооружен маж се симнал од скутер и пукал на улица. Кога неколку луѓе избегале во влез на куќа, тој ги бркал и ги застрелал. Полицијата досега ја нема потврдено оваа информација. Според јавното обвинителство, третата жртва во нападот, таксист, е надвор од животна опасност.

Брисел напад
Според новинската агенција Белга, вооружен маж се симнал од скутер и пукал на улицаФотографија: Sylvain Plazy/AP/picture alliance

Дописникот на германскиот радиодифузен сервис АРД, Маркус Прајс, извести дека најверојатно постои видео на кое наводниот сторител го признава делото. Во него тој вели дека е борец на „Исламска држава“ и зборува за „тројца Швеѓани“ што ги убил. Сепак, според официјалните информации, убиени се две лица.

Новинската агенција Белга цитираше портпарол на Обвинителството дека мотив за злосторството може да била шведската националност на жртвите. Годинава луѓе во Шведска, а подоцна и во Данска, неколкупати палеа примероци од Куранот, што предизвика гневни реакции кај муслиманите.

Откажан натпреварот од квалификациите за ЕП

За време на квалификацискиот натпревар за ЕП, веста за смртта на двајцата Швеѓани се прошири на полувремето. Според шведскиот ТВ-канал СВТ, шведските репрезентативци тогаш решиле да не го продолжат натпреварот. Белгиските репрезентативци се приклучиле кон таа одлука. Натпреварот беше прекинат по полувремето. Од безбедносни причини, околу 35.000 луѓе првично мораа да чекаат на фудбалскиот стадион во Брисел додека не им биде дозволено да го напуштат стадионот. Непосредно пред полноќ кризниот центар соопшти дека на гостинските навивачи им било дозволено да го напуштат стадионот.

Брисел шведски навивачи
Шведски навивачи на стадионот во Брисел во шок по веста за нападотФотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Франција ги зајакнува граничните контроли

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин најави дека Франција сака да ги заостри граничните контроли со соседна Белгија. Во петокот (13.10) наставник по француски јазик беше убиен во училиште во северна Франција од страна на радикализиран поранешен ученик.

Брисел повторно беше погоден од „исламистички терористички напад“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон. Европа е шокирана, рече Макрон. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, зборуваше за „кукавички напад“ и изрази сочувство до народот на Шведска. Претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, на Х напиша: „Срцето на Европа е погодено од насилство. Мое сочувство за семејствата на жртвите на нападот во центарот на Брисел“. Белгиската кралска палата изрази „шокираност“ и ја потенцираше својата „поддршка за безбедносните сили кои прават сѐ што можат за да го фатат сторителот“.