1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се санираат штетите во Собранието - црната дамка ќе остане

ДТЗ
21 ноември 2023

По инцидентите во парламентот, собранискиот спикер Талат Џафери вели дека штетата ќе треба да биде надокнадена од пратеникот Борислав Крмов од Левица, кој го искрши мониторот и друг инвентар во салата.

https://p.dw.com/p/4ZFQX
Собрание
Се санираат штетите во СобраниетоФотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Полицијата врши увид, Собранието ги сумира штетите од инцидентите на седницата во понеделникот (20.11), а партиите остро го осудија однесувањето на пратениците на Левица, коишто расфрлаа амандмани во салата и фрлаа монитори од говорницата. 

Се бројат штетите

Колкава материјална штета е направена дополнително ќе биде соопштено, најавија од Собранието. Во тек се проценки од страна на собраниска комисија, осигурителна компанија и Бирото за судски вештачења. Според собранискиот спикер, Талат Џафери, штетата ќе треба да биде надокнадена од пратеникот Борислав Крмов од Левица, кој го искрши мониторот и друг инвентар на претседавачката маса во Пленарната сала.

Полицијата веќе извршила увид на направената штета во инцидентот што го предизвикаа пратениците од Левица за време на амандманската расправа. Џафери за МИА вели дека натаму постапката треба да ја води обвинителството, или по пријава од полицијата или по допрен глас од она што се гледа дека се случувало на седницата од која има директен пренос како на Собранискиот каналж, така и преку веб-страницата на парламентот. 

„Ако некој од вработените направи штета на работа, тој го плаќа трошокот“, вели Џафери. Така ќе се постапи и во овој случај.  

Талат Џафери
Според собранискиот спикер, Талат Џафери, штетата ќе треба да биде надокнадена од пратеникот Борислав Крмов од Левица, кој го искрши мониторот и друг инвентар во салатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Седниците се селат во куполата

До санирање на штетата, седниците ќе се одржуваат во Големата сала со купола, вклучувајќи го и обраќањето на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, којшто денеска (21.11) треба да пристигне во земјата.

Пратениците на Левица предизвикаа инцидент за време на амандманската расправа за новиот Деловник за работа на Собранието. Борислав Крмов искрши дел од инвентарот вклучувајќи и монитор од претседавачката маса и се расфрлаше со листови од амандманите, по што му се придружи и Димитар Апасиев. Инцидентот следеше откако Собранието ги отфрли амандманите на Левица поднесени во однос на измените на Деловникот. Партијата поднесе 1.900 амандмани.

И покрај ваквите турбуленции на седницата, Собранието со 83 гласа „за“ и двајца „против“ го донесe новиот Деловник за работа на парламентот, што ќе се применува од наредниот собраниски мандат. Новиот Деловник е резултат на неколкугодишни разговори меѓу пратениците во рамки на „Жан Моне“ процесот.  За новиот Деловник гласаа пратениците од владејачкото мнозинство предводено од СДСМ, пратениците на ДУИ, на ВМРО-ДПМНЕ, на АА и сите други, освен двајцата пратеници на Левица. 

Обвинувања за инцидентот

ВМРО-ДПМНЕ веднаш реагираше дека „инцидентот што го предизвика Левица во Собранието е исцениран и на него гледа како на евтина провидна и договорена драма со ДУИ и СДСМ“.

Димитар Апасиев
Пратениците на Левица предизвикаа инцидент за време на амандманската расправа за новиот Деловник за работа на СобраниетоФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Дотолку повеќе што присутната коалиција СДС, Левица и ДУИ во градот Скопје од денес започна да функционира и во Собранието. Навистина е чудно бурното реагирање на Левица за Деловникот, наспроти молчењето во Собранието за францускиот предлог или за скандалот на онкологија. Всушност Апасиев, кога не беше за филибастеринг и беше коалициски партнер на СДС и советник на СЈО, заговараше минатиот претседател на Собрание Велјановски да биде избркан на (цитираме) 'шамари, клоци и тупаници'", соопшти партијата. 

Од СДСМ, пак, велат дека целата македонска јавност виде каков хаос следи со Левица и ДПМНЕ, бидејќи тие се „лонче и капаче“. „Дивеењето на Левица во Собранието е потврда на она што го говориме цело време. Со Левица и нивниот коалициски партнер ДПМНЕ можни се само инциденти, насилства и хаос“, реагираше владејачката партија по инцидентите во парламентот.