1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Плановите на Мицкоски: Орден за Орбан и соработка со Трамп

ДТЗ
23 јули 2024

Премиерот очекува заем од Унгарија, но не знае од каде му се парите на Виктор Орбан. Очекува и инвестиции и соработка со тимот на Трамп, не но открива дали неговата фирма ќе инвестира во Македонија

https://p.dw.com/p/4icHj
Христијан Мицкоски, Виктор Орбан
Плановите на Мицкоски: Орден за Орбан и соработка со тимот на Трамп Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Премиерот Христијан Мицкоски во првите 100 дена од новата влада го трасираше патот по кој ќе се движи земјата - најави дека ќе бара соработка, финансиска помош и инвестиции од унгарскиот премиер Виктор Орбан и од најблиските соработници на Доналд Трамп, кој е повторно во трка за претседател на САД. Во фокусот на соработката и со едните и со другите, покрај нескриените симпатии и пријателство се и парите - Северна Македонија од Орбан очекува да добие кредит со поволна камата, а од тимот на Трамп - инвестиции и соработка, која што би ги отворила вратите за големи компании од САД.

И додека македонските граѓани со доза на недоверба и бројни дилеми гледаат кон најавите за отворање на нови „стратешки соработки“ на државниот врв, Мицкоски порачува дека на Орбан треба да му се даде орден и да се прогласи за херој затоа што и помага на земјата, исто како што „треба да имаме чест и провилегија што соработниците на Трамп се на разговори и средби во земјата, бидејќи станува збор за корпорации со десетици милијарди долари годишен обрт“.

„Орден за Орбан“

Премиерот Христијан Мицкоски и неговиот унгарски колега Виктор Орбан на средба во „четири очи“ во Вашингтон (11.07) договорија специјална економска соработка меѓу двете земји, а првите плодови треба да се наберат наскоро - со најавена позајмица од половина милијарда евра. 

Овие 500 милиони евра, според најавите на премиерот, ќе бидат употребени на следниот начин: 250 милиони евра директно поддршка за македонската економија под истите услови, 3.25 проценти камата, три години грејс период, 12 години рок на отплата или вкупно 15 години. Другите 250 милиони евра ќе бидат наменети за капитални проекти кои што ќе бидат изведени во општините и ќе бидат исклучиво наменети за потребите на граѓаните. 

Христијан Мицкоски и Виктор Орбан
Мицкоски ја прифати подадената рака на орбанФотографија: Regierung Nordmazedonien

Мицкоски одговарајќи на бројните дилеми околу „патот на парите“ коишто се најавуваат од Унгарија, во интервју на ТВ Телма во понеделникот (22.07) рече дека не знае од каде се обезбедени парите што Унгарија ќе и ги даде на земјава како заем. Битно е, нагласи, дека се работи за договор меѓу две влади.

„Заемот ќе биде дел од закон што ќе помине транспарентна процедура, на владина седница и во Собранието,без претходно да се протне на шверцерски начин или на него да се лепат европски знаменца“, вели Мицкоски.

Дециден е дека со унгарските пари и ниските каматни стапки државата ќе заштеди над 100 милиони евра. Според него, заемот е Влада со Влада, а дали тие пари Владата на Унгарија ги обезбедува на отворен пазар или од сопствени средства, Мицкоски во гостување на „Топ тема“, одговори дека не знае. 

„Не знам од каде се обезбедени парите“ 

„Ова е исто како сега вие да земете од две шишиња во чашава, да ставате вода и да речете до половина е од левото шише,од половина нагоре е од десното шише – тоа е невозможно да се каже. Заемот е Влада со Влада. Дали тие ги обезбедуваат парите на отворен пазар или од сопствени извори?. Не знам од каде Унгарија ги обезбедила парите. Мене ме интересира нашиот договор и тоа ќе биде дел од закон кој што треба да помине во владина седница и на парламент, кој нема шверцерски да биде протнат, со европски знамиња. Сме заштедиле 100 и кусур милиони евра и место да кажеме алал да му е, ние велиме од каде му се парите“, рече Мицкоски.

Според премиерот, европските амбасадори не треба да се лутат за пријателството со Орбан, бидејќи тоа е внатрешна работа. „Зошто европските амбасадори да ми се лутат за моето пријателство со премиер на земја-членка на ЕУ и НАТО. Зошто би имале забелешки?“, додаде премиерот. 

Ќе испорача ли Орбан дополнителни барања? 

Подадената рака на Орбан за економска помош на земјата отвори низа дилеми од јавноста околу тоа дали унгарската страна ќе има дополнителни барања за одобрениот заем. Мицкоски е дециден дека такви барања нема. 

„Кога правиме договор, се се става на маса. И има ли некои барања? Еве нема. Има ли некои барања од Орбан за тоа? Нема. Сум кажал ли јас такво нешто - не“, вели Мицкоски. 

Тимот на Трамп се пробива и во Македонија 

Паралелно со финансиската помош која што се бара од Унгарија, новата Владата најавува и зачестени средби и разговори со најблиските соработници на кандидатот за претседател на САД, Доналд Трамп. Неколкумина од нив деновиве се во Северна Македонија, каде се водат разговори за можни проекти околу дигиталната трансформација. На тој начин, според Мицкоски, степенот на корупција и криминал ќе биде жестоко намален.

„Вие денеска да појдете да извадите Извод од матична книга на родени, ви требаат недели или има скратена процедура. Таа најчесто завршува со 500 или 1.000 денари во џебот на некој и тие ја завршуваат за неколку часа“,  вели премиерот. 

Христијан Мицкоски и Ричард Гренел
Мицкоски за прв соговорник во Вашингтон го одбра Ричард Гренел, контроверзниот поранешен дипломат и поранешен в.д. координатор на американските разузнавачки служби. Фотографија: Nordmazedonischer Premierminister Hristijan Mickoski

Но, зошто токму соработка со тимот на Трамп? Мицкоски вели дека организатор на оваа група е господинот Крис Павловски, кој е со македонско потекло. „Неговите родители се од ресенско, тој е роден во Канада, живее во САД и работи заедно со тимот на Трамп во делот на развивање на „Рамбл“ корпорацијата. Таа е многу важна посебно во процесот на дигитализација, посебно во процесот на ФИНТЕК индустријата, итн. Луѓето кои што беа тука, господинот Хауард и господинот Нес се двајца од кругот на најблиски соработници на претседателот Доналд Трамп. Тоа се луѓе со исклучително големо и корпоративно, но и политичко искуство во делот на трансформација на држави“, рече Мицкоски, кој во понеделникот (22.07) имаше средба со претставници на компанијата Рамбл, финансиската корпорација Cantor Fitzgerald од САД и Трамп корпорација.

Мицкоски говорејќи за можностите, посочи дека и претходно се зборувало за идејата „дигитален денар“, да се види дали може таа идеја да се развие, дали може заедно со блокчејн технологија да направи нешто во кое ќе се обезбеди поголеми приходи за граѓаните и државниот буџет.

„Јас сум горд и задоволен што овие луѓе се тука и со тимови на владата ќе разговараат поделени во два дела, првиот е економски и тука пред се мислам на новите блокчејн технологии, на криптовалутите и можностите како „дигиталниот денар“, и второто е да видиме за дигитализацијата и дигиталната трансформација за сите овие процедури кои ги зборуваме полесно и потранспарентно да ги завршуваме. Станува збор за компании со приходи од десетици милијарди, а господинот Хауард Лутник е практично човек кој во моментот е еден од најважните 10 фактори на светскиот финансиски пазар и ние го имавме во Македонија“, вели Мицкоски. 

Дали фирмата на Трамп ќе инвестира во Македонија? 

Зетот на Трамп, американскиот бизнисмен и инвеститор, Џеред Кушнер, кој беше и негов советник додека тој беше во Белата куќа, изминатиов период е доста активен на Балканот.Неговото име особено се поврзува со инвестиции во недвижности во Србија и Албанија. 

Џаред Кушнер и Доналд Трамп
Џаред Кушнер (д.) спроведува планови за инвестирање на Балканот за кои интерес покажа и Доналд Трамп (л.)Фотографија: Anna Moneymaker / Pool via CNP /MediaPunch/picture alliance

Мицкоски засега не открива детали дали фирмата на Трамп ќе инвестира и во Северна Македонија.

„Сега за сега не би откривал таков тип на детали, но задоволен сум што овие луѓе ги имав денеска овие луѓе кои ќе останат и во наредните денови и ќе разговараат со тимови од владата поделени во два дела. Првиот е оној економски дел, а второто е за дигитализацијата и дигиталната трансформација со што сите процедури ќе може полесно да ги завршуваме. Ако успееме да најдеме заеднички интерес зошто да не“, одговори премиерот.

Мицкоски е воздржан и во однос на коментарот дали тоа ќе значи поддршка за Трамп на идните претседателски избори во САД.  „Тоа би било мешање во внатрешните работи на една држава. Кога не би бил тоа што сум можеби и би го кажал својот став и своето мислење, но во овој момент тоа би значело апсолутно мешање во внатрешните работи. Како цивил можеби и би го кажал својот став и своите симпатии, но од оваа позиција би се воздржал од одговор на прашањето“, рече Мицкоски.

Што се однесува до стратешкото партнерство кое земјата го има со САД и дали тоа би се сменило доколку дојде Трамп на власт, премиерот вели: „Нашето стратешко партнерство има институционална меморија со САД. Може да кажам дека со оваа влада што ја предводам тоа може да се продлабочува и да биде се поплодно и поконструктивно. Не гледам никакви други опасности“.