1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГрција

„Пентикости”

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
24 јуни 2024

Зборот Пентикости за мене остана длабоко поврзан со животот во егејското гето крај Автокоманда. Тој беше грчки збор, кој за мене е длабоко поврзан со благоста и човечноста на моите егејски баби. Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/4hPvK
Градот Костур во Грција
Градот Костур во ГрцијаФотографија: Fotolia/ollirg

Ниту еден збор од костурскиот говор на моите егејски баби не е за мене толку силна шифра  за нивното присуство  во моето паметење, како зборот „Пентикости”.  Тие ме гледаат низ секој збор од костурскиот говор, кој денес одвреме-навреме ми долетува во умот, а јас секогаш одново уживам во неговата мелодија, помислувајќи дека тој говор е многу близок на старословенскиот. Меѓутоа зборот Пентикости тогаш за мене беше вистинско „тајно писмо”, затоа што не знаев што тој значи. Го употребуваа моите егејски баби со голема возбуда само еднаш во годината. Најчесто во мај и јуни, во најубавите месеци кога сета природа раскошно цути и се преобразува во шифра за неземска убавина.

Зборот Пентикости и сликата од споменот на моето детство во егејското гето крај Автокоманда се соединија во вистинското значење дури три децении подоцна, кога самата го сознав изворот на нивната сила, која постојано зрачеше од нив. Наспроти болката поради загубата на домот,  наспроти траумата на егзилот. Дури кога самата станав возрасна, разбрав што за моите егејски роднини значеше верата во Бога. Тие беа научиле од судбината на бегалците, која е иста и ден-денес, иако навидум се чини дека светот многу напреднал, дека војната и човечката омраза може да ти одземат се‘, но не и верата. А таа  за нив беше  најголемиот извор на животната сила. Без неа тие не ќе можеа  да го преживеат шокот на ненадејното бегство од „дома”, во кое ги прогони Граѓанската војна во Грција. Верата во Бога беше за нив  таа сила која  ги крепеше секој ден, кога со тага ги оживуваа во својот ум  од стравот пред бомбите замрените слики на одаите во нивните големи, камени куќи во Бапчор. Верата ја блажеше нивната горчлива тага по изгубените полиња и градини. Кога моите роднини по мајка во август 1948 мораа да бегаат пред офанзивата на планината Вич, полињата и градините беа стежнаите од толку голем  род, како никогаш дотогаш. Кога бегаа во ноќта, затоа што дење ги демнеа авионите, со трепет и страв во душата насетуваа дека нема повеќе за нив да има жетва на нивните житни полиња. Со себе го понесоа само стравот за голиот живот и спомените на животот што го оставија зад себе. Предците свои ги оставија да почиваат во гробовите на осамените гробишта во напушетното село, кое дење го ораа бомбите. 

Засекогаш изгубен живот

Најважното, споменот на умрените љубени, тие го понесоа во срцето преку границата во Пресна, заедно со верата и обичаите од нивниот крај. Во обичаите со кои ги славеа големите христијански празници „дома”, зад грчко-југословенската граница, моите роднини секоја година одново го оживуваа напуштениот, засекогаш изгубен живот во татковината. Таа татковина, која повеќе не ги сакаше да се вратат во неа.

Денес знам дека треба да се поседува многу човечка мудрост и силна вера за да се живее како бегалец кому засекогаш му е забрането да се врати во татковината. Моите егејски роднини беа станале грчки држајвани по Балканските војни. За нив Грција беше до крајот на животот таа земја, во која остана нивното скапоцено „дома”, но никогаш за неа не чувствуваа гнев и омраза. Од друга страна, селото Бапчор, родното место на сите мои роднини по мајка, за нивните некогашни грчки сограѓани по Граѓанската војна беше станало симбол за „победата врз славокомунизмот.” Првпат видов фотографија од прослава на таа победа на падините на планината Вич во една книга на германскиот  историчар  со грчко потекло, Адамантиос Скордос. Генерали и адмирали салутираат таму, каде што беа пасиштата и градините на Бапчорците. Тие, крај кои моите роднини бегаа во август 1948 пред офанзивата  на Вич. Адамантиос Скордос потсетува дека во времето на Хунтата се велело дека на Вич и Грамос „елинизмот остварил  славна победа врз варварските бандити.”  Победата врз „Славокомунизмот” била едно од најголемите херојски дела на грчките борци во илјадагодишната историја на елинската раса”.  Скордос укажува дека  сликата за злото во таа херојска пропаганда е свесно претставена со  „антикомунистичка и антисловенска содржина”. Си реков, сега  ми е јасно зошто од празните куќи во Бапчор не остана камен врз камен. Омразата ја брише секоја трага од животот на „непријателот”.Да беше уште жива прабаба ми Софка Шарина, да и‘ ја покажев фотографијата,   откако ќе се исплачеше поради болката по „дома”, по нејзините градини во кои зрееле најслатките цреши, таа сигурно ќе ми речеше дека  нив не ги изгониле луѓето, нивните сограѓани Грци, туку духот на војната. Иако денес знам дека духот на војната  се луѓето и нивната омраза. Прабаба ми, сепак, до крајот на животот веруваше со добрината на секој човек.Таа не дозволи духот на војната и на омразата да го допре нејзиното срце. Во нејзиното срце, живееше духот на Пентикости, зборот што звучеше како најубавата радосна мелодија.

Кога ќе поминеше Велигден и природата ќе почнеше да се преобразува во вистинска зелена симфонија, доаѓаше Пентикости. Празникот  за кој моите баби се подготвуваа неколку дена. Во петокот, рано изутрината одеа на Бит Пазар и ги купуваа првите цреши, „шеќерчињата” (така ги викаа бомбоните) и малечките бардачиња со две „цифунчиња” за пиење. Во саботата исчезнуваа уште рано некаде, носејќи ги во рацете големите крошни, кои тие ги викаа „малафти”,  покриени со бела риза. Сега си велам дека сигурно одеа во црква, на Задушницата пред празникот Духови. Тој ден беше многу значаен за нив, затоа што немаше друго место и друг ден на кој тие на истиот начин како „дома” би можеле да ги споменат љубените-починати зад грчката граница. Во неделата на Пентикости уште од изутрината не‘ даруваа нас, децата со  особен дар. Едно бардаче, полно со студена вода, украсено со китка ситен розов трендафил. За двете цифунчиња беа врзани китки од цреши. Ние требаше прво да ги помирисаме розите, да се напиеме од водата и да  ја вкусиме благоста на црешите. Таа слика за мене беше зборот Пентикости.

„Благоухание“

Денес знам дека Пентикости на грчки значи „Педесетница”. Педесет дена по  Велигден, црквата го празнува празникот на Слегувањето на Светиот Дух врз апостолите. „Кој верува во мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода”, се чита од Евангелието по Јован на литургијата на празникот Духови. Тогаш мене ми долета во умот студената вода од бардачето на Пентикости. Моите егејски баби не беа учени, но до крајот на животот го прославуваа тој празник со толку јасна симболика  за  даровите на Светиот Дух. Неговото присуство во литурскиот јазик често се означува со „благоухание”. Секогаш кога ќе го прочитам зборот „благоухание”, мислам на миризмата на ситниот розов трендафил во бардачето на Пентикости.  Благоста на Светиот Дух ние децата ја вкусувавме симболично во благоста на црешите, а  симболиката за „живата вода” беше студената вода од бунарот, од кој пиевме вода во егејското гето.

Зборот Пентикости за мене остана длабоко поврзан со животот во егејското гето крај Автокоманда. Тој беше грчки збор, кој за мене е длабоко поврзан со благоста и човечноста на моите егејски баби. Моите егејски роднини никогаш не дозволија да почувствуваат омраза кон Грците. Кога денес го славев Пентикости во Германија, нивните ликови беа постојано со мене. Во православната црква во која одам веќе три децении, денес дојдоа неколку млади, непознати  луѓе. Од разговорот со нив дознав дека сите се студенти,  тројца од Русија, еден од Украина. Сите беа  дошле во Германија како бегалци по војната во Украина. Им кажав дека и јас ја знам животната состојба на бегалците, затоа што сум родена во бегалска фамилија. Тие беа премногу млади, пораснати премногу далеку од Балканот, за да знаат за Граѓанската војна во Грција. Но тие го знаеја стравот од војната и искуството на животот во егзил. Кога по службата си заминав, младата Русинка ме прегрна на разделбата со роднински топла прегратка.  Почувствував јасно дека сите бегалци на светот се роднини, народ од невидливата „земја на бегалците”. Таа  беше земјата на тагата по дома  за моите роднини, а  за младите Руси и Украинци, таа  е земјата на нивното чекање  да заврши војната. Шифрата за моето бегалско детство во Македонија, зборот Пентикости, денес одекнуваше на литургијата во Германија. А тие, моите баби, сигурно ги испратија младите, бегалците од Русија и Украина, токму во таа црква каде што бев јас, како шифра за нивното присуство.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.