1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Задолжителниот воен рок засега не е во игра

ДТЗ
30 септември 2022

Државниот врв не разговарал за ова прашање. Началникот на Генералштабот на АРМ, Васко Ѓурчиновски, пак, смета дека е потребно да има тримесечното служење војска, а доброволно да можат да се пријават и жени

https://p.dw.com/p/4HaUk
Стево Пендаровски
Државниот врв не ја разгледувал можноста за враќање на задолжителното служење во АрмијатаФотографија: Presidents Office of North Macedonia

Државниот врв не ја разгледувал можноста за враќање на задолжителното служење во Армијата ниту во изминатиот период ниту, пак, таква можност е отворена за во иднина, вели претседателот и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски за МИА, во врска со вчерашната изјава на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој во телевизиска емисија изнесе лично мислење дека според него задолжителното служење воен рок треба да се врати како обврска. 

„Северна Македонија има професионална Армија, согласно потребите на земјата. Стратешка одлука која ќе продолжи да се применува и во иднина, исполнувајќи ги обврските како полноправна членка на НАТО. Државниот врв не ја разгледувал можноста за враќање на задолжително служење во Армијата, ниту во изминатиот период, ниту пак таква можност е отворена за во иднина. Укинувањето на обврската за задолжително служење на воен рок од 2006 година и целосната професионализација на Армијата е одлука што е донесена како дел од процесот на трансформација на Армијата, согласно анализите и проценките на ресурси и потреби на земјата, во целосна координација и консултации со НАТО“, истакнува Пендаровски. 

македонска армија
Началникот на Генералштабот на АРМ, Васко Ѓурчиновски смета има потреба од враќање на воениот рок во Северна Македонија. Фотографија: MIA

Потребни се анализи 

Ваквата можност вчера ја најави началникот на Генералштабот на АРМ, Васко Ѓурчиновски, кој во гостување на ТВ 21 рече дека има потреба од враќање на воениот рок во Северна Македонија. 

„Категорично ќе кажам да, има потреба. Знам дека на одредена популација можеби ова нема да им е популарна мерка. Има потреба од причина што 3 или 4 месеци служење на задолжителен воен рок, пример, за машката популација, доколку се воведе, не мора да стартува веднаш. Може првите година, две да бидат преодни, па да се започне од 2025 година на пример.
Зошто да не и женскиот пол, доброволно, да може да служи три месеци воен рок“, рече Ѓурчиновски. 

Тој смета дека на тој начин би добиле оспособување на кадрите за какви било можни ангажирања во случај на пожар, поплави, земјотреси. „Би ги подготвило на сето ова, на почитување на хиерархии, субординација, на вештини кои сите вие повозрасните генерации сте ги стекнале додека служевте воен рок“, вели Ѓурчиновски.

Но, Министерството за одбрана засега не размислува за враќање на задолжителен воен рок во Северна Македонија. Иако, дел од земјите – членки на НАТО, во контекст на новата безбедносна реалност на европскиот континент воведоа или размислуваат да воведат задолжителен воен рок, засега оваа идеја не е ставена на маса за разгледување пред надлежните. 

Од Министерството за одбрана за ДВ велат дека пред тоа да се случи потребно е да се направат сериозни и екстензивни анализи, да се вкрстат ставовите за и против и да се извлече најдоброто решение за граѓаните и за државата.

„Во моментов, во Министерството за одбрана, ниту во Генералштабот на Армијата не е започнат консултативен, ниту каков било друг процес за носење на ваква одлука“, додаваат од МО.

Според нив, ставот изнесен во вчерашната емисија  Клик+ на ТВ21, како што напомена и началникот на Генералштабот, е негов личен став. „Министерството за одбрана е институција во која секој професионалец има право, можност, но и обврска да го каже својот став и истиот да биде слушнат“, велат од одбранбената институција.