1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пасошка „Одисеја“

Емилија Петреска
18 јули 2024

За дел од македонските граѓани, сагата со вадењето пасош со новото име на државата и понатаму трае. Други, пак, додека го чекале својот нов пасош, пропуштиле можности за работа или одмор во странство. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, помеѓу 5 јули 2021 и мај 2024, 1,6 милиони граѓани поднеле барање за пасоши.

https://p.dw.com/p/4iTBk

Шест години по Преспанскиот договор и промената на името, oгромен број граѓани беа или сѐ уште се заглавени во сопствената држава.

Меѓу нив е и новинарот Бојан Шашевски, кој пасошот го чекаше четири месеци:

„Ако се земе целата таа процедура колку траеше, таа траеше сигурно седум-осум месеци додека чекав да закажам термин... Па, немаше термин... Па, немаше телефон... Јас изгубив можност да одам на патување, на семинар, конференција, на некаква работа, со мојата новинарска професија да можам да работам. Чекајќи го пасошот, кој таму можеби претходно бил готов во МВР, а не ме известија“, вели Шашевски.

 Пасошката криза ги погоди и туристичките агенции, кои сѐ уште закрепнуваат од пандемијата. 

„Ги почувствувавме проблемите од пасошката криза, уште при реализирањето на осмомартовските патувања. Следеше голем број на откажувања на аранжманите и патниците, исто така, беа принудени да прават промени на своите аранжмани и да ги изреализираат на места каде што беше дозволен влез само со старите лични карти. Односно, без називот Северна Македонија“, вели Богица Димишковска, туристички референт.

Проблемите и натаму се присутни:

„Секојдневно доаѓаат и прашањето е: 'Да, јас сум сликан веќе два-три месеца, што би било доколку не го подигнам и нели нема да можам да го изреализирам мојот аранжман.' Гледаме, нели, да им оставиме простор да можат да го подигнат пасошот. Да бидат на сигурно, бидејќи и ние не сакаме да им задржиме средства на нереализирано патување“, нагласува Димишковска.

За Шашевски, новиот пасош е Пирова победа:

„Ах, горчлив вкус, знаеш? Она кога си добил, си победил нешто што требало да ти следува после 10-15 дена. Се смееме за ваквото нешто, веројатно затоа што ни станаа вообичаени овие работи, а не треба да ни бидат вообичаени.“