1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џафери: Постапката за уставните измени мора да почне до јули

ДТЗ
24 јануари 2023

Собранискиот спикер Талат Џафери вели дека изборите нема да го решат проблемот со немањето мнозинство во парламентот за уставни измени. Тој не планира да свика седница по инцидентите кои ги заострија односите со Бугарија

https://p.dw.com/p/4MdQU
Талат Џафери
Џафери:Постапката за уставните измени мора да започе до јулиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, засега нема намера да свика собраниска седница по инцидентите во Охрид коишто доведоа до заострување на реториката и односите меѓу Северна Македонија и Бугарија.  Тој смета дека нема потреба да го повика министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за да ги брифира пратениците за актуелните случувања, откако неговиот бугарски колега, Николај Милков беше повикан на вонредна седница да реферира за настаните. Но, тоа не се случи поради службено патување на Милков.

Џафери е фокусиран на постапката за уставни измени која што најдоцна би требало да почне во јуни – јули годинава за да заврши до ноември, кога завршува и скринингот од ЕУ. Претседателот на Собранието не смета дека предвремени парламентарни избори се решение за проблемот со немањето доволно гласови (80) за уставни измени, туку дека тоа ќе ја искомплицира целата работа. Проблемот, според него, може да се реши  доколку власта и опозицијата седнат на заедничка маса да разговараат.

„Јас можам да распишам избори само во моментот кога ќе се согласат политичките партии да се распушти Собранието или кога ќе заврши мандатот во последните 90 дена. Во други услови партиите треба да излезат со соодветен предлог“, рече Џафери.

„Добро е да се зголеми мнозинството“

Џафери вели дека нема информации до каде се преговорите за евентуален влез на Алијанса за Албанците во Владата и дека преговорите ги води премиерот Димитар Ковачевски. Тој смета дека е добро да се зголеми мнозинството поради функционалноста на Собранието.

„Секако очекувам од тие информации што ги имам, верувам дека тоа ќе резултира со соодветно позиционирање на соодветниот субјект. Може да биде оваа недела, може следната, а може и да не биде. Се додека пратеници од опозиција не ме известат дека се дел од мнозинството, јас ќе сметам дека состојбата во парламентот е иста“, рече Џафери., откако Ковачевски во понеделникот (23.01) во Клубот на пратеници имаше средба со лидерите на партиите-партнери во владејачката коалиција.

Претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, околу можното проширување на парламентарното мнозинство порача дека ќе поддржи реконструкција на Владата, но само доколку се обезбеди соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници, што е во согласност со Уставот и Амандманот 6, кој гарантира „соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и другите јавни институции на сите нивоа“.

Пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, пак вели дека од програмските цели зависи дали ќе поддржат влез на Алијанса во владината коалиција. „За уставните измени процесот треба да започне и секој пратеник индивидуално одлучува за тоа каква одлука ќе носи понатаму врз основа на својата визија за иднината и развојот на државата и говоревме дека пратениците не треба да бидат предмет на никакви пазарења или притисоци, како што сме сведочеле во минатото“, вели Зајкова.

На раб на кворум

Собранието речиси и да нема кворум за работа, а Џафери вели дека тој прави се за да создаде услови за работа и оти тоа е единствена негова одговорност. Од пратениците кои ја поддржуваат т.н. огнена група на ДУИ,Џафери вели дека на седници не доаѓа само Изет Меџити и оти доколку има некоја промена, тој ќе треба да го извести за неговиот статус. Останатите пратеници од ДУИ што се од огнената група доаѓаат во Собранието.