1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИндија

Парламентарни избори во Индија: води партијата на Моди

ЖА
4 јуни 2024

Речиси 650 милиони луѓе го дадоа својот глас на општите избори во Индија. Според првите делумни резултати, мнозинството гласало за партијата на премиерот Моди. Но, опозицијата е посилна од очекуваното

https://p.dw.com/p/4gcY8
Премиерот Моди се движи кон трет мандат Индија
Премиерот Моди се движи кон трет мандатФотографија: Money Sharma/AFP/Getty Images

По пребројувањето на една четвртина од гласовите по општите избори во Индија, партијата на премиерот Нарендра Моди е во водство со 39,9 отсто. Како што соопшти изборната комисија, хиндуистичката националистичка партија Бхаратија Џаната (БЈП) и нејзините коалициски партнери можат да очекуваат мнозинство места во парламентот. Тоа го покажаа првите анкети на денот на броењето, за кои известуваа телевизиите. Опозицијата предводена од Конгресната партија на Рахул Ганди може да добие повеќе од 200 од 543 места во Долниот дом, многу повеќе од претпоставените 120. Националната демократска алијанса (НДА) предводена од партијата БЈП на Моди се движи кон 300 места. Мнозинството е 272 пратенички места. Пребројувањето на сите гласови продолжува.

Индија пребројување гласови по изборите
Пребројувањето на гласовите од парламентарните избори во Индија продолжуваФотографија: AFP/Getty Images

Моди се движи кон трет мандат - и ќе биде само вториот  индиски премиер  што ќе го постигне тоа. Тоа пред него го постигна само Џавахарла Нехру, првиот шеф на влада по  независноста од Велика Британија во 1947 година.  Во своите први изјави по завршувањето на изборите, Моди се прогласи за победник. „Можам со сигурност да кажам дека луѓето во Индија гласаа во рекорден број за реизбор на владата на НДА“, напиша тој на X.  Победата на Моди беше однапред очекувана. Дури и по една деценија на власт, 73-годишникот останува популарен меѓу голем дел од населението. Неговите противници се ослабени од внатрешните борби за моќ и политички мотивираните кривични постапки. Политичките противници на Моди и меѓународните групи за човекови права долго се жалат на падот на демократијата во земјата.

Во саботата по шест недели  во Индија завршија најголемите демократски избори во светот,  со околу 642 милиони гласачи на повеќефазните, шестнеделни парламентарни избори. Со речиси милијарда гласачи со право на глас, ова одговара на излезност од над 66 проценти. Поради својата големина, изборите се одржаа во седум фази.