1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Паркови како компензација за градби

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
13 ноември 2023

Од однесувањето на „градежната мафија” во Македонија се добива впечаток дека, барем според надлежните, градежништвото има приоритет пред заштитата на природата. Но, не мора да биде така и во иднина! Пишува Кица Колбе.

https://p.dw.com/p/4YjOD
Кица Колбе, авторка на колумната
Кица Колбе, авторка на колумнатаФотографија: Privat

Близината на големата река Рајна, но и многуте помали реки и езера, прават есента во Рајнската област да доаѓа бавно, речиси срамежливо, дозволувајќи и‘ на природата дури и до средината на ноември  да се гордее со своето златно руво. Тоа е особено видливо во  околината на големите градови на Рајна, Келн и Диселдорф. Исто толку богати со зелени површини и шуми  се и помалечките градови на брегот на старата река. На крајот на октомври, во неделно попладне се шетавме со кучето во  една прекрасна шума-парк со патеки, канали и малечки езерца, близу родното место на мажот ми. Обајцата добро паметевме кога точно беа  засадени младите листопадни саденки од кои во меѓувреме беше израснала  густата шума. Тие некогашни кревки дрвца сега се извишуваа како  гиганти кон небото, раскошно обоени во сите есенски нијанси.  Мажот ми паметеше дури и како изгледал тој простор од околу 23 хектари необработени полиња и ливади, пред да  биде преобразен во парк во рамките на еден проект за еколошка компензација. 

Вистинска нега и грижа за природата

Комуналните служби во градчето со средна големина, се грижат континуирано за овој биотоп. Овојпат забележавме дека на  местото каде што пред неколку години уште имаше поле со пченка, сега се наоѓаше малечка  шума – „Babywald“. За секое новороденче во градот, родителите, заедно со претставниците на одделот за екологија, засадуваат едно дрво. На дрвото има табличка со името на новиот граѓанин. Така просторот станува личен спомен. Притоа се зголемуваат пошумените површини. Насекаде се забележуваше „раката” на тие што се грижат за зеленилото, иако тоа растеше  наоколу во вистински зелен раскош. Не само различните листопадни дрвја, туку и безбројните грмушки на капините беа „плански” насадени пред дваесет и пет години, за да изгледаат денес како да биле таму отсекогаш. Тоа, всушност, е тајната на културата, кога таа е вистинска нега и грижа за природата, во буквалното значење на зборот култура. Просторот со сегашната  шума, во која, во меѓувреме, се населија срни, лисици, диви свињи, фазани и соколи, порано бил сопственост на соседниот Диселдорф.

Раскошен парк во германскиот град Дизелдорф
Раскошен парк во германскиот град ДизелдорфФотографија: picture-alliance/dpa

Тамошната градска управа барала начин да  се стекне со „поени” за својата еколошка самосвест. Така главниот град на покраината Северна-Рајна-Вестфалија одлучил овој простор да го претвори во посебен парк -  како компензација за сопствените градежни проекти на друго место. На тоа секој град и општина ги задолжува сојузниот закон со кој се регулираат урбанистичките интервенции во еколошкиот систем. Секогаш, кога со нови градби, нови патишта, автопати или железнички линии  на едно место исчезнува  парче негибната природа, ливада или нива, таа загуба мора да се надокнади со еколошки проект на друго место. Тоа значи дека не смее да се дозволи влошување на целокупната сума од природа и пошумен простор. Таквата надокнада на изградениот простор со друг еколошки простор ја пропишуваат парагафите 14 и 15 од  германскиот сојузен закон за заштита на природата, но и законот за градежништво. Покрај овие сојузни закони, покраините и општините имаат и свои покраински закони за заштита на природата. Споменатите параграфи на сојузниот закон за заштита на природата пропишуваат секое нарушување на  природниот  систем  да се смета за компензирано само доколку сите функции, кои се попречени во погодениот простор,  би биле возобновени  на идентичен  начин во некој нов простор. Овие површини за компензација се јасно определени како природни  целини во една посебна карта, а во друга табела се наведени градовите на кои им припаѓаат површините за компензација.

Германски закони за еколошка компензација

Помалиот град, сосед на метрополата Диселдорф, со тоа пред дваесет и пет години доби прекрасно обликуван еколошки  простор. Тој е многу омилен за прошетки  и кај граѓаните од ближните градови. После ручекот, во недела попладне, многу Германци одат на прошетка во најблиските паркови. Во оваа шума се‘ е обликувано со многу внимание и грижа. Таа е одамна биотоп за секаков ситен дивеч, но и за многу видови птици. За тие  птици кои не градат гнезда  во шумата,  на високите стебла крај патот се поставени  специјални куќарки за гнездење. Имињата на птиците во шумата може да се прочитаат  на  таблата крај една од патеките. Сите нешта во оваа шума сведочат за континуирана грижа за природата. Тоа се гледа не само во изборот на билките и полските цвеќиња кои треба да потсетат дека таму порано имало негибната природа. За внимателното возобновување на флората и фауната на тој простор сведочат  во пролет полињата со  диви перуники и нарциси, со кантарион и лупини. Ниту инсектите не се заборавени. За нив има посебни касети со малечки отвори на повеќе пунктови во овој голем еколошки систем. 

Додека ги гледав шетачите во спокојното неделно попладне во паркот на еден малечок германски град, се прашував, што би рекле македонските граѓани, кога германските закони за еколошка компензација би биле применети во сите случаи на уништени паркови и зелени површини  во македонските градови? Што би рекле особено тие Скопјани што живеат во строгиот центар?

Сеча на дрва во јуни 2021 во центарот на Скопје, кој има драматично намалени зелени површини
Сеча на дрва во јуни 2021 во центарот на Скопје, кој има драматично намалени зелени површиниФотографија: Arbnora Memeti/DW

Тие кои уште тагуваат за секоја педа зеленило, уништена од скопската бетонска „фурија на исчезнувањето”, која веќе подолго време пустоши  низ  главниот град. За неа дрвото и зеленилото немаат вредност, затоа што не може да се преобразат во пари. Жртви на таа бетонска  „фурија на исчезнувањето” беа старите дрвја на Илинденска, на Ленинова, на плоштадот, но  и во малечкото паркче спроти  некогашниот хотел „Бристол”. Ако ги прашате старите Скопјани, тие бездруго ќе ви раскажат уште за многу други  „зелени” жртви, за кои транзициската градежна хистерија стана неумолива судбина. Токму строгиот центар на Скопје е речиси без зеленило. 

Скопје : Неброените градежни „гревови” кон природата

Можеби, сепак, постои и во Македонија ваков закон за еколошка компензација, но, како и многу други закони, тој не се почитува? Можеби постои уште од времето на Југославија, но, едноставно, е заборавен во некоја фиока или судска библиотека?  Или е поверојатно да се верува дека  воопшто нема таков закон за компензација на природниот простор? Меѓутоа, Македонија мора да има барем закон за заштита на природата? Тогаш во него може да се додаде нов параграф, тој за еколошка компензација, по углед на германските закони. Впрочем, нели сето македонско законодавство се прилагодува на стандардите на ЕУ?

Асфалт наместо зеленило

За жал, од однесувањето на „градежната мафија” во Македонија се добива впечаток дека, барем според надлежните, градежништвото има приоритет пред заштитата на природата. Меѓутоа, не мора да биде така и во иднина! Македонските политичари би можеле при следниот престој во Брисел да „скршнат”  во германската Рајнска област, за да се поучат каков европски закон треба да донесат по брза постапка за заштита на природата по принцип на еколошка компензација. Со оглед на неброените градежни „гревови” кон природата само во Скопје, може барем да се сонува дека со примената на законот за компензација за градбите со паркови, еден ден запуштените полиња околу малечките македонски градови би се преобразиле во најмодерни паркови.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема