1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Парцелите во Лисиче во рацете на Антикорупциската комисија

ДТЗ
18 април 2023

ДКСК наскоро ќе го разгледува случајот со парцелите во Лисиче, но неизвесно е дали ќе биде отворен предмет за најавите за бетонизација во овој дел на градот.

https://p.dw.com/p/4QFY1
Антикорупциска комисија
ДКСК наскоро ќе го разгледува случајот со парцелите во Лисиче, но неизвесно е дали ќе биде отворен предметФотографија: DW/Petr Stojanovski

Антикорупциската комисија наскоро ќе го разгледува случајот со  „Парцелите во Лисиче“, но неизвесно е дали ќе биде отворен предмет за најавите за бетонизација во овој дел на градот. Претседателката на државната комисија за спречување на корупција, Билјана Ивановска, за ДВ вели дека ова прашање ќе биде отворено на колегиум и антикорупционерите ќе расправаат за него, по што ќе се знае дали има основа да се отвори предмет за плановите за урбанизација во скопската општина Аеродром. 

Ваквата најава следи откако владејачката партија СДСМ неколкупати ја повика Антикорупциската комисија да отвори предмет за случајот со парцелите во Лисиче. Пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски, вели дека наместо проекти, развој и повеќе зеленило, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ донесле бетонизација на општините со кои раководат.

„Во Деталниот урбанистички план за Лисиче од страна на Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ, во реон на семејни куќи предвидува изградба на висококатници. Но, освен предвидените згради, овој ДУП е спорен и со фактот што парцелите каде се предвидени маркичките за градба се претходно купени од страна на градежни инвеститори, што отвора сомнеж дека тие можеби знаеле каде ќе се градат згради, па затоа купиле парцели од над илјада метри квадратни. Затоа, Државната комисија за спречување на корупцијата мора да го истражи овој случај до крај“, вели Каевски.

Но, градоначалникот на општина Аеродром, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски на прес-конференција изјави дека со обвинувањата за ДУП-от владејачката коалиција се обидува да направи дефокус и да ги затскрие сопствените коруптивни скандали.

Што ќе се гради во Лисиче?

На локацијата на која е предвиден нов ДУП во Лисиче, според Муцунски, ќе има само неколку згради, а не целосно „бетонирање“. Тврди дека станува збор за Детален урбанистички план кој подразбира изградба на околу 95 отсто објекти и за индивидуално домување (куќи) и само неколку колективни станбени згради. За првпат се предвидува и изградба на нов парк во населбата Лисиче.

„Донесувањето на Деталниот урбанистички план за еден дел од населбата Лисиче е процес кој е во фаза на консултација со јавноста, документ чија изработка е иницирана за време на мојот претходник Златко Марин, односно пред моето доаѓање за градоначалник во Општина Аеродром, а која на најтранспарентен начин, во консултација со јавноста и во согласно со законите се реализира додека јас сум градоначалник во Аеродром. Тука би сакал само да потсетам дека токму СДСМ во 2019 година донесе ДУП, на локација која се наоѓа на 50 метри од локацијата која сега за нив е спорна, а каде веќе се изградени четири станбени згради“, вели градоначалникот на Аеродром.

Но, токму ваквите информации, според СДСМ се потврда дека станува збор за парцели и измени на ДУП за нови згради во Лисиче, иако пред неколку дена тврдеше дека ќе бидат само куќи. „Оправдувањата дека процесот е започнат во 2019 година воопшто не држат, денес сме 2023 година, Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ го имаат мнозинството во Советот и прашањето - што прави актуелната локална власт? Затоа, Државната комисија за спречување на корупцијата мора да го истражи овој случај до крај“, реагираше СДСМ.

Неодамна заврши јавната анкета на планот, а граѓаните во законскиот рок поднеле околу 150 анкетни листови со свои забелешки, со коишто бараат да сопре бетонизацијата на овој дел на градот.