1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
СпортФранција

Отворање на Олимписките игри - Париз го задржува здивот

26 јули 2024

Со шоу на Сена денеска треба да започнат Олимписките игри во Париз. Се очекуваат 160 шефови на држави и влади, околу 7.000 спортисти и речиси 320.000 гледачи. Тензијата е голема, а центарот на градот едвај се препознава.

https://p.dw.com/p/4il0w
Frankreich Paris | Stimmung vor Beginn der Olympischen Sommerspiele
Фотографија: Ondrej Deml/CTK/picture alliance

Во Париз владее треперлива напнатост. Безбедносната зона околу Сена е опкружена со високи метални огради. Само оние кои имаат специјално побаран QR код можат да поминат низ контролните пунктови обезбедени од жандарми.

Две туристки од Украина се збунети. Како би требало да стигнат до нивниот хотел сега? Полицијците настапуваат пријателски, но немилосрдно. Има само една алтернатива, гласи пораката: да тргнат по заобиколен пат. А тој е долг.

Сите – и жителите и посетителите - мора да покажат трпение и смиреност овие денови. Вонреден настан бара вонредни мерки.

На некои луѓе кои успеале да добијат QR-код, им се исполнуваат долгогодишните соништа: љубител на црква, на пример, со внатрешна радост влегува во Сент-Шапел на Ил де ла Сите за еднаш да ја доживее оваа прекрасна зграда без толпи туристи. И улицата Риволи кај Лувр деновиве изгледа напуштено.

Црвен аларм

Последици чувствуваат трговците. Нивните продавници се наоѓаат под аркадите - всушност во областа достапна за секого. Но, бидејќи тие се граничат директно со оградите на безбедносната зона, ретко кој туристи залутал овде во последно време. Во петок продавниците дури мора да останат целосно затворени.

Силни безбедносни мерки во Париз за Олимписките игри 2024
Силни безбедносни мерки во Париз за Олимписките игри 2024Фотографија: Martin Bernetti/AFP

На денот на отворањето, сѐ се наоѓа во  црвен степен на аларм. На должност се над 30.000 полицајци, војници и специјалци. Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин постојано нагласува дека нема докази за напад, но, целта е ништо да не се препушти на случајноста.

Шест дронови дневно

На околу 4.400 од вкупно еден милион апликанти  однапред им беше забранет пристапот: потенцијални волонтери, физиотерапевти, техничари или новинари. На Олимписките игри му е дозволено да учествува само на оној за кого не постои било каков сомнеж.

Некои, главно млади, фанатици од исламистичкиот или десничарскиот екстремистички спектар беа привремено уапсени. Непосредно пред почетокот на церемонијата, нуркачи за откривање на мини ја пребаруваат Сена. Снајперисти ќе заземат позиции на покривите. Формирана е единица за пресретнување на сомнителни дронови. Во изминатите неколку недели имаше во просек по шест дневно.

Олимпијадата 2024 во Париз - модно најстилска досега?

Градот поделен на два дела

Сообраќајот ќе запре и во доцните попладневни часови. Препораката е да се престане со користење на автомобилот после 10 часот. Од 18 часот повеќе нема да има метро линии под Сена.  По 19 часот и мостовите ќе останат затворени. Градот ќе биде поделен на два дела кога ќе започне церемонијата на отворање во 19:30 часот - на реката. Нешто што никогаш порано не се случило.

Се очекуваат околу 320.000 гледачи. Речиси 7.000 спортисти  се очекува да поминат шест километри по Сена со 85 чамци. Спектаклот  на францускиот домаќин е наменет да им го одземе здивот на гледачите на кејовите, мостовите и балконите на соседните куќи, како и на милионите луѓе кои гледаат на екраните.

Праиз Олимписки игри
Речиси половина од Французите велат дека се рамнодушни кон Олимписките игри, останатите се радосни и гордиФотографија: David Goldman/AP/picture alliance

Идејата за церемонија на отворање во центарот на градот всушност изгледаше премногу смела за да се спроведе во пракса. Организацискиот тим тргна да докаже дека Франција е способна да го направи тоа. Претседателот Емануел Макрон во интервју откри дека церемонијата ќе ја раскаже историјата на Франција „на еманципација и слобода“. Прашање на честа.

Се шират гласини дека Лејди Гага, Селин Дион и најуспешната светска франкофонска пејачка Аја Накамура ќе пеат француски шансони. Се вели дека се вклучени 3.000 танчери.

Исчекување и скепса

Значи, дали сите се полни со радосно исчекување? Не баш. Речиси половина од Французите велат дека се рамнодушни кон  Олимписките игри.  Секој што разговара со парижани овие денови ги доживува сите форми на расположение и темперамент. Некои се изнервирани што сега во метрото има уште поголема гужва. Некои станици воопшто не се опслужуваат, на некои постојки се отворени само одредени излези, така што мора да се правите долги заобиколувања под земја.

Други се сосема горди што Франција е домаќин на Игрите и со нетрпение ја очекуваат церемонијата на отворање. Како Доналд, кој работи на рецепција на деловна зграда во близина на Шанзелизе: „Тоа ќе биде прекрасно шоу и одличен спектакл. Едноставно ќе доживееме одличен заеднички момент", уверува Французинот.

Во секој случај, ќе биде прилично уникатно.

Автор: Јулија Борута, АРД