1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Осумчлено семејство заглавено во Судан, се чека евакуација

ДТЗ
1 мај 2023

МНР преку амбасадата во Каиро веднаш стапило во контакт и добило потврда дека сите членови на семејството се во добра здравствена состојба.

https://p.dw.com/p/4QklF
Судан
Осумчлено семејство заглавено во Судан, се чека евакуацијаФотографија: Laure-Anne MAUCORPS/Armee de l'air et de l'Espace/Etat-major des armees/REUTERS

Осумчлено семејство од Северна Македонија, кое се наоѓа во загрозените подрачја на Судан,чека да биде евакуирано од земјата. Министерството за надворешни работи информира дека се во тек активности за да се обезбеди нивна скора евакуација и трансфер на безбедна локација од каде подоцна би се обезбедил трансфер кон Северна Македонија. 

МНР преку амбасадата во Каиро веднаш стапило во контакт и добило потврда дека сите членови на семејството се во добра здравствена состојба. 

„Министерството преку дипломатската мрежа во регионот е во постојана комуникација со колегите од пријателските земји, чии амбасади се сѐ уште активни на територијата на Судан“, соопшти МНР.

На 29 април беа евакуирани четворица македонски државјани од Судан, земја која е зафатена од внатрешен воен судар. Според МНР, евакуацијата е реализирана со асистенција на Саудиска Арабија. 

„Тие се на безбедна локација, во добра здравствена состојба и наскоро ќе бидат вратени во земјата“, посочуваат од МНР.

Апел

Евакуираните граѓани се наоѓаат во градот Џеда, Саудиска Арабија. Македонската амбасада во Абу Даби е во постојана комуникација со тамошните власти, во насока на нивно враќање во Северна Македонија. Досега се евакуирани вкупно 4 879 лица, од кои 139 се Саудијци, а другите се од 96 земји од целиот свет, меѓу кои и од Европа, САД, а од регионот освен Северна Македонија, се и Грција и БиХ.

Од МНР апелираат доколку има македонски државјани кои се наоѓаат во територијата на Судан да ја контактираат Амбасадата на Северна Македонија во Каиро на телефон +201033615542 и имејл cairo@mfa.gov.mk, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби на следниот телефонски број +971 56 441 7532 и имејл адреса abudabi@mfa.gov.mk, како и Министерството за надворешни работи на СОС телефонот + 389 75 273 732 и имејл globalsos@mfa.gov.mk.