1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Основачки самит на Европската политичка заедница

ЖА / агенции
23 септември 2022

На основачкиот самит на Европската политичка заедница на 6 октомври во Прага се поканети 44 шефови на држави или влади. Покрај членките на ЕУ, ќе учествуваат и земји-кандидати, како и редица балкански држави.

https://p.dw.com/p/4HFhw
Новата Европска политичка заедница треба да овозможи поблиска соработка и размена меѓу ЕУ-земјите и партнерите кои не се дел од Унијата
Новата Европска политичка заедница треба да овозможи поблиска соработка и размена меѓу ЕУ-земјите и партнерите кои не се дел од Унијата Фотографија: Yves Herman/REUTERS

На првата средба на новата Европска политичка заедница, која ја форсира Франција, на 6 октомври во Прага, покрај 27 членки на ЕУ, се поканети и други држави, меѓу кои западнобалканските: Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Босна и Херцеговина, но и други - Украина, Турција, Велика Британија, Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, Молдавија, Грузија, Ерменија и Азербејџан. Поканите ги испратиле претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел и Петр Фиала, премиер на Чешка, која моментално го има ротирачкото претседавачко место со Унијата.

Целта на новата Заедница  е „третирање на прашања од заеднички интерес заради зајакнување на безбедноста, стабилноста и благосостојбата на европскиот континент.“ Меѓу темите за кои ќе се дискутира конкретно се мирот и безбедноста, енергијата и климата, економската ситуација и миграцијата. Не е планирано донесување заедничка завршна декларација, а средбата се одржува во очи на неформалниот самит на ЕУ, предвиден за 7 октомври.

Шефовите на држави или влади на европските земји би се состанувале „рамноправно и во духот на единство во идеален случај еднаш или два пати годишно“, соопшти европски дипломат.

Новиот дијалошки форум се создава на  иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон,  кој на почетокот на мај во говор во Стразбур истакна дека руската агресорска војна против Украина отвора „нов простор за политичка соработка, безбедност и кооперација“. Во него би требало да припаѓаат сите демократски земји „кои го споделуваат европскиот вредносен темел“, потенцираше Макрон.

Германскиот канцелар Олаф Шолц на крајот на август даде поддршка за новиот формат, но со истовремена ограда - тој не би требало да е алтернатива за проширувањето на ЕУ.

Вицепретседателот на Европската комисја, Маргаритис Шинас во новата  Европска политичка заедница  гледа шанса за пробив на европските вредности. „Според мое мислење, ова е решавачки момент за  членките на ЕУ и нашите партнери  цврсто да застанат зад нашите основни принципи и вредности“, изјави Шинас синоќа во Брисел, со дополнување: оние земји кои не ги почитуваат темелните ориентации на ЕУ, не треба ни да профитираат од предностите кои ги носи ЕУ. Во нив Шинас ги спомена на пример пристап кон внатрешниот пазар на ЕУ или царинската унија, но не наведе поименично одделни држави.