1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Охридскиот маратон ќе ја исплива и оваа трка

ДТЗ
18 август 2022

Станува збор за светски спортски бренд по кој се препознава Охрид, традиција која трае од 1962 година, а годинава може да не се одржи. Граѓаните се организираат, нудат пари и помош за да не згасне манифестацијата.

https://p.dw.com/p/4Fi3A
Охридскиот пливачки маратон се одржува традиционално секоја година уште од 1954 година
Охридскиот пливачки маратон се одржува традиционално секоја година уште од 1954 годинаФотографија: Fotolia/Image Source IS2

Охридски пливачки маратон годинава, сепак, ќе има. Општина Охрид ќе го преземе организирањето на манифестацијата, која што има јубилејно 60-то издание. Ваква одлука е донесена на координативен состанок којшто го свика охридскиот градоначалник Кирил Пецаков. Претходно граѓани на социјалните мрежи се организираа и нудеа помош и парични средства за да се одржи годинешниот Охридски маратон, еден од главните белези на градот.  

Традиционалниот маратон, кој се одржува под покровителство на претседателот на државата, се најде пред сериозен предизвик и опасност да не се одржи поради блокирана сметка на пливачката федерација од страна на претходното раководство. Информацијата ја соопшти претседателот Стево Пендаровски по средбата со Горан Стојановски, претседател на Националната пливачка федерација, на која разговарале за реализираните активности, учества на натпревари, организациските проблеми и предизвици во пливањето на домашен и меѓународен план.

„Ме информираше дека оваа година нема да се одржи Охридскиот пливачки маратон, кој традиционално се одржува под покровителство на Претседателот на државата, и ги образложи причините поради кои е донесена таа одлука, а се поврзани со блокираната сметка на федерацијата и финансиското работење на претходното раководство“, објави Пендаровски. 

Охридскиот пливачки маратон се одржува традиционално секоја година уште од 1962 година. Тој е дел од официјалните ФИНА маратони и е домаќин на многу светски пливачки ѕвезди, меѓу кои и нашите најдобри македонски маратонци кои многупати го имаат освојувано овој маратон. Патеката за препливување „Климе Савин“ е долга 30 км — од манастирот „Свети Наум“ до Градското пристаниште во Охрид. 

Координативен состанок

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, одржа координативен состанок поради откажувањето на Охридскиот пливачки маратон. Се бара начин да се обезбедат 50 илјади евра, колку што се неопходни за да се организира манифестацијата, а треба да се подмират и трошоците за наградниот фонд за пливачите, кои што наводно не биле исплаќани неколку години наназад. Од идната година општината се нафаќа самата да го организира маратонот.

Пецаков вчера, по објавувањето на одлуката за неодржување на најстарата пливачка манифестација во земјата, со 60-годишна традиција, на Фејсбук реагираше на одлуката на Националната пливачка федерација.

„Општина Охрид беше целосно подготвена за техничката организација затоа што маратонот е голем промотор на нашиот град во светски рамки. Срамната одлука за неодржување на најголемата меѓународна спортска манифестација во Македонија доаѓа во годината кога се слави 60 години од првиот вистински маратон“, вели Пецаков. 

Охрид
ОхридФотографија: picture alliance / Zoonar

Според него, несериозно е да се остави Националната пливачка федерација со блокирана сметка поради лошо финансиско работење и со тоа неможност да се задржи брендот во маратонското пливање. „Жалам за љубителите на водени спортови и гостите што се дојдени на одмор на охридското крајбрежје, што Охрид нема да има можност да ги пречека најдобрите светски пливачи, кои нема да ја почувствуваат магијата на водата во македонскиот езерски бисер“, смета градоначалникот.

„Охридскиот пливачки маратон е меѓународен спортски бренд на Македонија цели шест децении. Се одржувал и во полесни и во потешки времиња, затоа што ниеден претседател и власт не ни помислиле дека откажувањето е опција. Но, оваа година славниот Охридскиот маратон се удави во неспособноста на претседателот Пендаровски како покровител, владата и Агенцијата за млади и спорт. Зарем трудот и ентузијазмот вложуван од Дики и Атина Бојаџи, од Нико Нестор и Снеже Групчева, како и сите пливачки шампиони од Египет, Бугарија, Шпанија, Македонија и Холандија не беа доволен мотив за Пендаровски и за владата да се обидат да најдат домашни и меѓународни спонзори и решение во интерес на пливачите, во интерес меѓународниот спортски углед на Охрид и на Македонија?“, реагираше Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.