1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија годишно губи 146 милиони кубици вода за пиење

ДТЗ
11 јули 2024

Речиси половина од водните претпријатија работат со финансиска загуба, а кај најголем дел од нив и загубата на вода е поголема од 40%

https://p.dw.com/p/4i9WI
Вода Македонија
Македонија годишно губи 146 милиони кубици вода за пиењеФотографија: Wolfgang Maria Weber/picture alliance

Северна Македонија годишно губи 146 милиони кубици вода за пиење, од годишно произведените 245 милиони кубни метри вода. Најмногу вода за пиење во апсолутна загуба се губи во Скопје - дури 63 милиони метри кубни годишно, што е 43 % од целата загубена вода во земјата. Следат Гостивар, Тетово и Кичево.

Речиси половина од водните претпријатија работат со финансиска загуба, а кај најголем дел од нив и загубата на вода е поголема од 40%. Од 67 снабдувачи со вода за пиење - 44% лани оствариле негативен финансиски резултат од работењето. Вкупната загуба на овие претпријатија изнесува 255.018.205 денари, односно 4 милиони евра. Најголема загуба, од повеќе од еден милион евра има кочанското претпријатие, што е една четвртина од вкупните загуби на овие претпријатија. Со поголеми загуби се и водоводните претпријатија на Велес, Битола, Скопје и Струга, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за цените, потрошувачката и загубата на водата за пиење во земјата. 

вода
Најниска цена за потрошената вода плаќаат жителите на Боговиње, само 7,5 денари за потрошен кубик, а највисока цена плаќаат жителите на Кочани Фотографија: Ulises Ruiz/AFP

Секој плаќа различна цена 

Најниска цена за потрошената вода плаќаат жителите на Боговиње, само 7,5 денари за потрошен кубик, а највисока цена плаќаат жителите на Кочани – дури 48,79 денари за кубик, што е за 6,5 пати повеќе. Кај фирмите, најниска цена за кубик вода плаќаат потрошувачите во Желино, 13,42 денари, додека убедливо најскапа е водата за скопските фирми, дури 68,10 денари за кубик.

Просечната цена на кубик вода за пиење во земјата е 27,49 денари. Домаќинствата од Маврово плаќаат само 2,6 денари за кубик, но и 210 денари фиксен месечен надоместок, поради што не се први на листата со најниска цена. Меѓу првите пет општини со најниска цена на водата, четири се од Полошкиот Регион: Боговиње, Теарце, Желино и Врапчиште, додека петтата е Росоман. Спротивно, најскапа вода плаќаат 4 општини од источниот регио -, Кочани, Делчево, Пробиштип и Берово, како и Свети Николе.

Во земјата вкупно има 667.076 регистрирани потрошувачи домаќинства и 41.632 останати потрошувачи, односно правни лица. Покрај Скопје, кое има 271 илјада регистрирани домаќинства, со над 30 илјади регистрирани потрошувачи се само уште три градови, Битола, Охрид и Куманово. 

Кој троши најмногу вода? 

Најмногу вода трошат жителите на Маврово и Теарце, по 70 кубици месечно, како и на Боговиње, по 40 кубици месечно. Најмалку вода трошат домаќинствата во Старо Нагоричане, само по 2,4 кубици месечно. Од големите градови, водата е најевтина во Тетово, а најскапа во Охрид. Спротивно, охриѓани трошат најмалку, а тетовчани најмногу вода месечно.

Просечната месечна потрошувачка на вода за домаќинствата изнесува 12,02 кубни метри вода, додека кај фирмите потрошувачката е скоро тројно поголема, односно 35,37 кубни метри вода. Фирмите просечно трошат 194 % повеќе вода отколку домаќинствата. 

вода
Најмногу вода трошат жителите на Маврово и Теарце - по 70 кубици месечноФотографија: DW

Годишно се губат по 146 милиони кубни метри вода

Најмногу вода за пиење во апсолутна загуба, односно во изгубени кубни метри, се губи во Скопје, дури 63 милиони кубни метри годишно. Ова е 43 % од целата загубена вода во земјава. Следат Гостивар, Тетово и Кичево. Во Гостивар годишно се губат скоро 9 милиони кубни метри вода. Во Тетово се губат по 7 милиони метри кубни вода за пиење, а во Кичево повеќе од 6 милиони. 5,8 милиони кубни метри вода за пиење секоја година се губат и во Охрид. Најрационални во овој однос, односно со најмали апсолутни загуби на вода за пиење се Могила, Желино, Чашка, Конче и Старо Нагоричане.

Најголеми загуби на вода за пиење - над 80 % од произведената вода, имаат Вевчани, Новаци, Каменица, Долнени, Дебар и Кратово.

Северна Македонија е една од земјите со најголеми загуби на вода во регионот - околу 63 проценти. Надлежните изминатиот период укажуваа дека за справување со овој проблем е потребен континуиран инвестициски циклус во водоводната мрежа, со цел да се намалат загубите на вода од извор до чаша. Според податоците за 2023 година на ниво на цела држава, загубата на вода во просек изнесува над 60 проценти.