Среде сите големи теми од насловните страни и ударни ТВ минути, помина незабележано „малата вест”, всушност вчерашната објава на Амбасадата на САД во Будимпешта за средбата на амбасадорите и воените аташеа на НАТО членките одржана во Амбасадата на САД. Тема на состанокот: „дискусија за безбедносните аспекти на неодамнешната објава на Владата на Унгарија за политиката на економска ‘неутралност’”.
Обраќајќи се во национален капацитет, амбасадорот на САД Пресман ќе изјави дека „објавената политика на економска ‘неутралност’ на Унгарија и нејзината растечка зависност кон Москва и Пекинг имаат безбедносни импликации за САД и евроатланските интереси. Фактот што беше неопходно да се дебатира за новата политика на ‘неутралност’ на земја-сојузник, доволно зборува сама за себе”.
Не знам дали на состанокот во Будимпешта присуствувал и нашиот амбасадор или воен аташе, ниту дали настанот е покриен со допис до нашето Министерство. Средбите од ваков вид, во кои водечката сила на НАТО одржува средба поради „загриженост” од политиките на земјата домаќин, земја сојузник и земја членка на Алијансата не се вообичаени. Дотолку повеќе ако на истата не се поканети претставниците на Унгарија. Што е уште една доказна вежба за познатата мантра „ако не си околу столот, ќе завршиш на столот”.
На оваа вест се надоврзува и претходната објава дека САД ќе ја засилат воената база на НАТО во Кешкемет, Унгарија со капацитети за сместување млазни авиони со нуклеарен капацитет. Како реакција на пресметките на Москва за водење на војна до крајот на оваа деценија.
Веднаш да укажеме дека освен споделената матрица на „неутралност" од под чадорот на НАТО, наведените лидери ги спојува и големата и егзистенцијална надеж во победата на Доналд Трамп и надежта дека ќе испорача барем релативизација, ако не и спорогоречко замирање на НАТО. Проблемот со тие калкулации лежи во едностраното читање на заканите на Трамп, кои главно се вперени кон членките од „стара Европа”, но не и кон оние „источно од Виена”. Колку за потсетување, за време на неговото претседавање, Трамп навистина донесе одлука за намалување на капацитетите на НАТО во Германија, но со нивно префрлање и засилување во соседна Полска.
Познавајќи ја папочната врска на кабинетот на Мицкоски со владата на Виктор Орбан, поради која одредени западни фактори веќе ја нарекуваат неговата земја како „колонија на Унгарија”, а нашиот премиер како „македонски Додик”, наведените вести од Будимпешта повеќе припаѓаат во рубриката домашни отколку вести од странство. Дотолку повеќе што „неутралните” политики на Орбан се толку налик на оние на бегалецот Груевски, на вождот на неутралноста Вучиќ и путинофилот во Братислава, Роберт Фицо.
Системски конструиран хаос
Не сум упатен дали и во Скопје се има случено сличен настан на НАТО колективна дружба за дискутирање на политиките на владата ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, особено од аспект на блискоста со кабинетот на Орбан. И доколку се нема случено протоколарно, немам никаков сомнеж дека низ кулоарите на дипломатско-воените кругови веќе трае сериозна размена на информации и загрижености за системски конструираниот хаос и дискутабилни вербални ескапади од самиот Мицкоски, неговите министри и оние од лабавата дружба ВЛЕН. А повеќе од очигледно е дека не недостасуваат причини за загриженост – од какофонијата поврзана со стратешките коридори, посетите на најрусофилните министри од Србија, апсењето на орбанистот Илир Мета во соседна Албанија, тивкото вовлекување на амбасадорот на Русија во политичкиот дискурс на земјата од страна на владејачкиот и популистички симулкраум во Скопје итн.
Сите наведени дилеми се веќе во доменот на објавени вести од мејнстримот – политички или медиумски. За разлика од двојно, тројно повеќе полувести кои циркулираат низ медиумскиот андерграунд и кулоарите, во очекување да бидат преземени од мејнстримот кога за тоа се даде налогот од надлежната партија, служба или олигарх. Како што е ред, тоа ќе се случи единствено откога веста ќе стане застарена и архивирана, релативизирана или покриена од соодветен демант или свртена наопаку од државно прашање во политичка пресметка со партиските опоненти.
Факторот безбедност
Таков е примерот со младиот и новиот директор на Националната агенција за безбедност, кому очигледно му е удоволена желбата да биде „нов бате Саше”, но е всушност искористен како пион во поголеми игри на вистинските моќници. Во земја во која барањето оставка е обесмислено низ инфлаторната преупотреба, повиците за итна оставка на младиот директор се не само обесмислени, на глуви уши паднати и од второстепена важност. Бидејќи, скраја инфлатораната преупотреба, барањето за оставка треба да се упати на адресата на испраќачот, а не на гулабот - а тоа подразбира на кабинетскиот стол на првиот во Владата, самиот Мицкоски.
Нашиот политички вокабулар сеуште не ги распознава дистинкциите помеѓу афера, скандал, инцидент и подривање на државниот ред и поредок. Доколку афера подразбира настан обвиен со шпекулативност, скандалот со фактичка поткрепеност, инцидентот како исход на испад со ограничен импакт, поведението на Мицкоски и Сиљановска кон работењето на безбедносниот апарат – на самиот врв – е per definitionem директен упад и загроза на кредибилитетот и стабилноста на сржта на резонот на државата од безбедносен, разузнавачки, сојузнички аспект. Тоа неминовно, по секоја логика на државноста и сојузништво налага сносење одговорност од највисок ранг – оставка. Која секако нема да се случи, туку ќе биде исмеана и пречекана со аргументи на инфлаторна преупотреба. Но не и без последици.
Кои веќе се случуваат низ се погласните – непотврдени и непобиени – вести за доскорешното незадоволство на партнерите од НАТО и партнерските разузнавачки агенции околу односот на Мицкоски-Сиљановска кон безбедносните политики на нивните кабинети. Велам доскорешни, бидејќи – непотврдените и недемантирани – објави за одбивање на соработка со нашите агенции од западните партнери е аларм дека незадоволството рапидно и алармантно еволуира кон недоверба, изолација и антагонизам кон нашата државна алка во критичниот синџир на безбедносна соработка во трансатлантската сфера. Дотолку повеќе што, според сведоштвата на поранешни безбедносни службеници, нашата земја и нашиот безбедносен врв веќе – не толку одамна- има доживеано целосен прекин на соработка со најбитните, егзистенцијално судбоносни, најмоќни разузнавачки агенции отаде Атлантикот. Што секако подразбира дека раната на нецелосна доверба, превентивна ограда и дозирана размена на податоци е не само незалечена, туку дополнително засолена од галамџиите од Водно и Илинденска кои теоретски попуваат и кон други лекции делат, а притоа самите ја подриваат безбедноста на земјата која ја претставуваат, но не и предводат.
Тој однос фрла поинакво светло врз рефренот на Мицкоски и Сиљановска во лепење обвинувања за дестабилизација кон внатрешни и надворешни фактори. Обвинувања кои несомнено веќе се прочитани и разбрани како евтино политикантски проектирања на сопствените замисли врз други, т.е. фрлање камен врз безбедносниот стакларник со сопствена рака и алармантно префрлање на вината на политичките ривали по налог на олигархиско-разузнавачките шефови од земјата, соседството и некои подалечни хоризонти. Последицата на таквите подметнувања е рекалибрација на визурата на надворешните партнери кон дилемата кој е пропагандно обвинуван за дестабилизација на Владата, а кој де-факто и активно врши дестабилизација на државата преку подривање на влијанието на актерите кои испорачаа конкретни – а не политикантско теориски флоскули – мерки на ставање на земјата под безбедносен чадор на стабилноста на НАТО. Кој трчаше да го донесе НАТО, а кој држеше „чакшири” додека се дигаше знамето на НАТО пред Собрание.
Наместо заклучок, најава дека е само прашање на време кога некој настан сличен на оној во Будимпешта, ќе се одвие во некоја од амбасадите на земјите членки на НАТО во Скопје. На која тема на дебата нема да бидат надворешните фактори, туку домашните релеи на надворешни влијанија вперени против нашите сојузници (доколу Сиљановска и Мицкоски истите сеуште или било кога ги имаат сметани за такви). И тоа не е најлошата вест за нив. Која е можеби политички горка пилула за нив, но полесно голтлива во споредба со некоја следна вест за „развод” од соработката со најмоќните безбедносни агенции од кои егзистенцијално зависиме. Во секој случај, вака како што ја терат работата, Мицкоски и Силјановска ќе завршат како тема на дебата околу столот. На кој ќе се дебатира за нив, а за спас на нас. Ако лажам јас, судбината на Груевски докажано не лаже.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.