1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Очигледни паралели меѓу Украина и Тајван

Autorenbild | Alexander Görlach
Александар Герлах
13 август 2022

И на руската инвазија врз Украина во февруари ѝ претходеа наводни воени маневри, а резултатот е познат. Со тоа е јасно што може да се случи, смета Александар Герлах.

https://p.dw.com/p/4FMjP
Taiwan | Militärübungen
Фотографија: Annabelle Chih/Getty Images

Официјално воените маневри на Кина околу Тајван се завршени, иако не како што беше најавувано, на 8. август. Но, се најавува натамошно присуство на кинеската армија, нејзината воена авијација, морнарица и подморници во Тајванскиот теснец, како „нова нормалност“.

Однесувањето на Пекинг наликува на подготовките на  агресорската војна  на Владимир Путин против Украина. Властродржецот од Кремљ со недели трупаше војска на границите кон соседната држава и воените подготовки ги камуфлираше исто така како маневри. 

Надмоќноста не гарантира брза победа

Армијата на кинескиот претседател Ши ја стави војската на малиот сосед во перманентен аларм и стресна состојба. Кинеските бродови повеќепати ја преминаа линијата која ги дели територијалните води на Тајван од Кина. Оваа линија се сметаше за неофицијална граница меѓу поранешните конфликтни страни во граѓанската војна, и во минатото беше почитувана. И борбените авиони на Пекинг веќе не запираат пред воздушниот простор на Тајван. Неспорно е дека Народна Република Кина располага со далеку повеќе материјали, војници и со тоа поголема истрајност отколку Тајван.

Истовремено,  војната која ја започна Путин  покажа дека надмоќта не гарантира автоматски и брза победа.  

Тајван е решавачко камче во мозаикот на империјалистичката експанзионистичка стратегија на Ши Џинпинг. Но, на кинескиот претседател не му е на мета само островската демократија. Истовремено со воените маневри околу Тајван, Министерството за војна во Пекинг за четири недели најави одржување слични маневри во близина на Филипините. И таму Пекинг сака земја. Кинески војници од март минатата година држат под окупација делови од островската група Спратли. Пекинг тврди дека тоа е кинеска територија. Меѓународниот суд во Ден Хаг со одлука го негираше ова тврдење, но тоа не го интересира Ши. САД веќе испратија сигнали кон Манила со најава за поддршка на партнерот доколку Пекинг започне воени подготовки и против Филипини.

Autorenbild | Alexander Görlach
Александар Герлах, автор на коментаротФотографија: Hong Kiu Cheng

Комунистичката партија на  Кина го заостри тонот и против Вашингтон.  Откажувањето на средби и соработка во воената област и заштитата на климата се сигнал во тој правец. Ши, чиј внатрешнополитички биланс е лош, се обидува кај своите сонародници, кои страдаат поради погрешната Ковид-политика и падот на економијата, да поентира со националистички тонови. За разлика од кризата во Тајванскиот мореуз во 1995/96, Пекинг не сака повторно повлекување и завршување на  провокациите кон Тајван.  Тогашната блокада траеше осум месеци, за потоа американската армија да ѝ стави крај, испраќајќи носач на авиони за на Пекинг да му ја сигнализира својата  подготвеност за одбрана на Тајван.

Копија на сценариото од Москва

Тајванската економија ќе се најде во тешка положба ако Пекинг со воените маневри и присуство ги блокира подолготрајно пристаништата на островска демократска земја, зашто преку употребата на боева муниција, пристапот ќе стане несигурен со месеци. Уште во првите денови од поморската блокада танкерите и товарните бродови чекаа настрана од опасната зона на завршување на маневрите, за да можат да впловат повторно безбедно во тајванските пристаништа.

Пекинг засега го копира сценариото на Москва. Значи, не треба да чуди ако генералната проба се претвори во горчлива сериозна реалност и Ши Џинпинг премине кон напад врз островот. Ши има интерес тоа да се случи пред 20-от конгрес на Комунистичката партија на Кина во октомври, зашто само како врховен командант на војската може да си обезбеди препорака за натамошен, трет мандат, кој би му ги отворил вратите за доживотно владеење. Никој не посакува нова војна, ниту во Тајван, ни пак некаде на друго место во светот. Но, би било непаметно, дури и непромислено, доколку сега не се направат подготовки барем за евентуална инвазија од страна на Пекинг.

Александар Герлах е соработник на Карнеги Советот за етика и почесен професор по етика и теологија на Универзитетот Линеберг, научен соработник на Интернет институтот во Оксфорд, а предавал и на Институтот за верски и меѓународни студии на Универзитетот Кембриџ, како и на Харвард.