1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Обвинителството и антикорупционерите во клинч поради „Труст“

ДТЗ
20 јули 2023

Обвинителството ја замрзна соработката со антикорупциската комисија и остро им порача дека нема да дозволат никој да им се меша и да нанесува штета на постапките кои ги водат

https://p.dw.com/p/4UA4X
Обвинителство
Обвинителството и антикорупционерите во клинч поради конфискацијата на имотот на ТрансметФотографија: Petr Stojanovski/DW

Конфискацијата на имотот на Трансмет доведе до замрзнување на соработката и до вербални препукнувања меѓу Обвинителството и Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Откако во средата, антикорупционерите посочија дека постоела цела шема со која се обезвреднил имотот, во која биле вклучени нотари, обвинители, правобранителството, проценители, како и приватни фирми. Од јавното обвинителство преку соопштение остро им порачаа на борците против корупцијата да се држат до своите законски надлежности и да не нанесуваат штета на постапките кои се во тек.

Иницијативата на ДКСК за конфискацијата на имотот во предметот „Труст“ се оценува како целосно беспредметна и непотребна, бидејќи обвинителството веќе постапува во овој предмет.  Комисијата вчера алармираше дека е нанесена милионска штета врз буџетот преку злоупотреби со имотот на Трансмет на осудениот бизнисмен Сеад Кочан. Антикорупционерите објаснија дека во шемата најголема корист имала фирмата „Пуцко Петрол“.

На реакцијата на обвинителството од ДКСК возвратија дека постапуваат согласно надлежностите, но за нив е нејасно како Обвинителството ја оценило нивната  иницијативата како беспредметна, кога таа уште не им е доставена.  Тие порачаа дека ќе соработуваат со сите надлежни институции за борба против корупцијата и организираниот криминал, во интерес на владеењето на правото.

Каква одлука ќе донесе Обвинителството?

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција има оформен предмет во кој се опфатени неколку кривични пријави и во чии рамки се испитува постапувањето на сите институции при конфискацијата на имотот на „Трансмет“. Во рамките на тој предмет обезбедена е целокупната документација, вербални и материјални докази и надлежниот јавен обвинител е пред донесување на одлука. 

Антикорупциска комисија
Антикорупционерите посочија дека постоела цела шема со која се обезвреднил имотот, во која биле вклучени нотари, обвинители, правобранителството, проценители, како и приватни фирми.Фотографија: DW/Petr Stojanovski

„Надлежниот јавен обвинител, согласно сите обезбедени докази и направени проверки, веќе согледа дека во јавнообвинителското постапување во предметот „Труст“ не е направен никаков пропуст. Оттука, со јавната седница на Државната комисија за спречување на корупцијата веќе е нанесена непотребна штета и на Јавното обвинителство како институција и на јавните обвинители кои постапувале во предметот“, соопшти Јавното обвинителство.

Обвинувања

Од излагањето на седницата на ДКСК, Обвинителството констатира дека Комисијата при анализа на предметот немала пред себе бројни докази ниту увид во комплетната фактичка состојба.„Заклучоците на Комисијата во поглед на имотот на „Трансмет“ воопшто ги немаат предвид ниту веќе правосилните одлуки на Апелациониот суд, со кои спогодбите за префрлање на имотот од „Трансмет“ на „Пуцко Петрол“ се огласени за ништовни и правно неважечки, онака како што е предвидено во членот 202 од Законот за кривична постапка, и со кои имотот на Сеад Кочан е трајно впишан во сопственост на државата, нагласува ЈО. Тие реагираат до Антикорупциската комисија дека се однесува неодговорно и се обидува да влијае врз постапката која тече во Обвинителството.

„Јавното обвинителство како единствен орган надлежен за кривичен прогон нема да дозволи и остро ќе се спротивстави на секој обид да се влијае врз постапките“, порачаа од Обвинителството, кои наведуваат дека антикорупционерите „место да ја насочат енергијата кон сопствените обврски, постојано се конфронтираат со другите институции, предизвикувајќи огромна штета на напорите за справување со корупцијата“.

Државната комисија за спречување на корупцијата посочи на низа злоупотреби со кои е оштетен буџетот и преку иницијатива доставена до Јавно обвинителство побара да се утврди која институција затаила во овој случај. Тие побараа преиспитување на работата на дел од институциите вклучувајќи ги Агенцијата за управување со одземен имот, Државното правобранителство, судовите и обвинителствата.  Според членот на ДКСК, Шемши Салаи, имотот кој требало да биде конфискуван во случајот „Труст“ бил преземен од фирми и банки со што била направена штета за државата од над 12 милиони евра.

Податоци прибира и МВР 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека МВР ги презема сите дејства согласно нивните надлежности, да ги обезбеди податоците кои се бараат од нив. „Конфискацијата подразбира пресуда во која точно се наведува што е тоа што треба да се конфискува и Агенцијата за одземен имот врз основа на тоа треба да ги преземе сите дејствија дали се однесуваат, дали се однесува на возила, на опрема, на згради“, рече денеска Спасовски.

Од Државното правобранителство тврдат дека по добиеното Барање од Агенцијата за управување со одземен имот ги преземеле сите мерки и правни дејствија за заштита на имотните права и интереси на државата. 

„Поднесени се тужби за утврдување на неважечки правни дела. Во овие постапки првостепениот суд ги има уважено посебните барања и има определено привремени мерки за забрана за отуѓување, оптоварување или на кој било друг начин располагање со недвижностите“, соопштија од Државното правобранителство. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи